Уметникот што ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале морал претходно сам да си обезбеди галерија
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
На само три месеци пред почетокот на манифестацијата, која за јавноста ќе биде отворена од 11 мај до 24 ноември, Министерството за култура сè уште нема избрано уметник кој ќе ја претставува Република Македонија на престижното Венециско биенале на ликовна уметност
Уметникот што годинава ќе ја претставува Република Македонија на престижното 58. Биенале на ликовна уметност во Венеција морал претходно веќе да има лична покана од Биеналето и обезбедено изложбен простор во Венеција. Ова беше еден од критериумите за да може да учествува на конкурсот на Министерството за култура за претставник на Република Македонија на најстарото ликовно биенале во Европа. Првпат од осамостојувањето од уметниците се бара да се исполни овој услов за да може да конкурираат за македонски национален претставник на Биеналето. Досега, институциите (или поединци) пријавуваа проекти во ресорното министерство за кои комисија оценуваше дека се уметнички издржани да ја претстават актуелната ликовна сцена во Македонија. Од нив не се бараше манифестацијата претходно да ги има покането да учествуваат на некој од придружните настани, ниту да имаат веќе обезбедено изложбен простор. Откако комисијата ќе го избереше претставникот, институцијата на која ѝ беше доделена организацијата на нашето претставување наоѓаше изложбен простор во Венеција, каде што уметникот го претставуваше проектот.
Дел од конкурсот што Министерството за култура го објави на 26.10.2018
На само три месеци пред почетокот на манифестацијата, која за јавноста ќе биде отворена од 11 мај до 24 ноември, Министерството за култура сè уште нема избрано уметник кој ќе ја претставува Република Македонија на престижното Венециско биенале на ликовна уметност. Иако вообичаено претставникот веќе се знае во декември, некогаш и порано, а во овој период веќе се наоѓа изложбен павилјон во Венеција каде што ќе биде изложено делото од нашата земја, ресорното министерство сè уште го избира македонскиот учесник.
Министерството за култура неколку дена не одговара прецизно на прашањата на Факултети.мк зошто сè уште не е избран македонски претставник на 58. издание на Венециското биенале за ликовна уметност, кои институции и автори се пријавиле на отворениот повик, кој членува во комисијата што одлучува, колкав е буџетот за учество Македонија на оваа манифестација?
- Министерството за култура во оваа фаза информира дека досега се пристигнати четири апликации. Република Македонија го има потврдено учеството на оваа значајна светска ликовна манифестација, а по пријавите ќе биде одлучено во најкус можен рок, веќе денеска – е официјалниот одговор од ресорното министерство.
Од Биеналето во 2015 година / Извор: Flickr.com
Годинашната тема на Венециското биенале е May You Live In Interesting Times (Да живееш во интересни времиња). Куратор на Биеналето е Ралф Ругоф, во моментот куратор на галеријата „Хајвард“ во Лондон.
Република Македонија се претставува во рамките на националните партиципации од 1993 година, кога нè претставија уметниците Глигор Стефанов и Петре Николоски. Следуваа Анета Светиева (1997), Искра Димитрова (1999 година, како самостојно претставување), Јован Шумковски (2001), Жанета Вангели и Вана Урошевиќ (2003), Антони Мазневски (2005), Благоја Маневски (2007), Гоце Наневски и Никола Узуновски (2009), Жарко и Групата ЗЕРО (2011), Елпида Хаџи-Василева (2013), Христина Иваноска и Јане Чаловски (2015) и Томе Аџиевски (2017).