Во Скопје ќе биде отворен Центар за талентирани ученици

Во Скопје ќе биде отворен Центар за талентирани ученици

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Математичко-информатичката гимназија ќе се изучуваат напредни програми по математика, физика и информатика и ќе служи како Центар за талентирани ученици.



Центар за талентирани ученици ќе биде отворен во рамките на новата Математичко- информатичка гимназија, која во Скопје ќе почне со работа во учебната 2019/20 година.

Талентирани ученици од други средни и основни училишта ќе имаат шанса да посетуваат обуки од врвни професори од областа на математиката и информатичките технологии.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска за Факултети.мк изјави дека овие напредни обуки по математика, физика и информатика се наменети за ученици што нема да се запишат во Математичката гимназија.

- Ова го правиме со цел да го доближиме ова знаење до нив. Вакви обуки да им понудиме не само на оние што ќе поминат тестирање и ќе успеат да се запишат во гимназијата, туку на повеќе талентирани ученици. Тие ќе учат од професори вработени во гимназијата, од професори од универзитетите, докторанди и професори од средни училишта кои им биле ментори на ученици што добиле награди на државни натпревари – изјави Дескоска.


Во Математичката гимназија ќе се изучуваат напредни програми по математика, физика и информатика и ќе служи како Центар за талентирани ученици.

- Целта е да придонесеме за јакнење на свеста од потребата за познавање на природните науки и математиката како основа за градење логичко мислење и разбирање на науките. Секако, ќе овозможиме оние ученици што имаат посебен талент во овие области да се надградуваат и да можат да бидат компетитивни на меѓународна сцена – вели Дескоска.

Министерката истакна дека гимназијата нема да се отвори во рамки на веќе постојна, туку ќе биде во нов објект. Иако се сметало дека може да биде готова во септември следната учебна година, сепак ќе биде отворена во учебната 2019/20.

Учениците што ќе се запишуваат во оваа гимназија ќе бидат тестирани врз основа на построги критериуми. МОН ќе ги стипендира оние што не живеат во Скопје, а ќе бидат сместени во ученички домови.