Во квизот „Кој сака да биде филозоф“ милионот е петка кај Љубе

Во квизот „Кој сака да биде филозоф“ милионот е петка кај Љубе

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Буџетот за првата епизода беше 160 денари, кои ги потрошивме за „пепси“ и чипсови. Снимаме во домот кај Андреј бидејќи само тој има празен кат, ни раскажа Мартин

Тројца матуранти од скопската гимназија „Панче Арсовски“ направија своја верзија на популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“ како дел од проектна задача по предметот филозофија. Почнат како шега, квизот има две епизоди, а сега учениците едвај чекаат да седнат на жешкото столче.
„Добре дојдовте драги гледачи во 'Кој сака да биде филозоф', вашиот омилен квиз кој го работиме две недели по ред за петка кај Љубе, која инаку може да ја добиеме за половина час учење. Но, тоа не е важно“. Вака ја почнува втората епизода водителот Мартин Весков, кој е матурант. Интерeсни шеги паѓаат во текот на целиот квиз, но има и многу учење. Квизот содржи прашања од предметите по филозофија, информатика, социологија...


Андреј, Мартин и Илија

И неговите другари, со кои учи заедно уште од основно, Андреј Мишевски и Илија Јакимовски, се горди на оваа задача и ветуваат уште многу изненадувања до нивното матурирање.

Нема бегање од технологијата

Сѐ почнало кога професорот Љубе Димитриевски побарал од учениците да изработат проект за повисока оценка. За таа цел, се барало да го вклучат предметот што го учат, односно филозофија, во корелација со другите предмети, како информатика, социологија, македонски јазик.
- Излезе подобро отколку што очекував. Останатите ученици кога го видоа, изразија желба и тие да се вклучат. Ова може да се развие во уште поголем проект кој може да стане обележје на нашето училиште. Јас не сум против учениците да користат технологии и компјутери бидејќи ова е дигитална ера. Еве, тие сами креираа игра, сами ја играат, се забавуваат, но сепак учат - вели тој.


Професорот Љубе Димитриевски

Овој наставник смета дека фронталната настава е неуспешна, досадна и напорна за учениците и дека секој мора да се труди да им понуди на учениците многу повеќе од книга и сувопарно учење. Едукацијата оди чекор понатаму.
- Наставниците денеска исто така треба да имаат малку пошироко познавање, да не бидат стеснети само во својот простор. Нема бегање од ова и наставата мора да се приспособи на новите технологии. Моите ученици многу ме изненадија со квизот. Го искористија тој познат бренд, го приспособиле за свои цели на извонреден начин и ме одушевија. Ми доаѓа идеја дури сите лекции да ги направам на тој начин - вели Димитриевски.




Првата епизoда чинела 160 денари

Тој вели дека ова може да биде подготовка за тест, проверка на знаењето, може да се направи и како игра за телефон, а секој да може да си го провери знаењето.
Водител на квизот е Мартин, кој одлично се снашол во оваа улога и со многу специфичен хумор си „игра“ со кандидатите седнати пред него.
- Буџетот за првата епизода беше 160 денари, кои ги потрошивме за „пепси“ и чипсови. Снимаме во домот кај Андреј бидејќи само тој има празен кат. Сѐ беше спонтано. Првото видео ни беше ниско квалитетно, го снимавме со телефони, но за второто набавивме поквалитетна опрема - вели Мартин.



За водителската улога тој се подготвувал така што гледал неколку епизоди од квизот, но веднаш се почувствувал природно пред камера.
Андреј ни објасни како одлучуваат што од материјалот од училиште да стават во квизот.

- Го имаме материјалот, односно лекциите по одреден предмет, па селектираме што е најважното од секоја лекција и го ставаме во прашањата. Има факти што треба да се запомнат од секоја лекција - вели Андреј.

Илија, пак, вели дека снимањето изгледа како журка. Тие се и глумци и камермани, продуценти и монтажери.


Мартин, Андреј и Илија ќе се запишат на ФИНКИ

- Реакциите на нашите соученици се супер, сите ни честитаат, ни велат дека сме супер. Планираме да снимиме уште една епизода од квизот, но да направиме и скечеви. Преку хумор ќе учиме, ќе правиме анкети надвор - вели Илија.
Андреј, Мартин и Илија живеат во близина и се другари од мали. Заедно учеле основно, сега средно, а планираат заедно да студираат и на Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство -ФИНКИ. Велат дека се чувствуваат полни со знаење и едвај чекаат да научат уште многу за светот на информатичките технологии.

Фото: Борче Поповски