Нобеловецот Лудвиг Добжински за Факултети.мк: „Сѐ уште трагаме по честичка од темната енергија“

Нобеловецот Лудвиг Добжински за Факултети.мк: „Сѐ уште трагаме по честичка од темната енергија“

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Секое лето ЦЕРН организира стажирање за студентите. Меѓу јуни и септември низ ЦЕРН поминуваат 300-400 студенти од сите европски земји, меѓу кои и од Македонија и од регионот

Бил дел од тимовите што за своите откритија неколкупати ја добиле Нобеловата награда за физика. Откривањето на бозоните W и Z и на Хигсовиот бозон беа врвни пронајдоци кои ја заслужија оваа награда, а тој, како и сите негови колеги, доби дел од неа. Но, проф. д-р Лудвиг Добжински вели дека овие се само дел од многуте проекти во кои активно учествувал. Деновиве престојуваше во нашата земја како гостин на манифестацијата „Деновите на ЦЕРН во Северна Македонија“, која ја организираа Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Фондот за иновации и технолошки развој под покровителство на МАНУ. Во интервјуто за Факултети.мк проф. Добжински раскажува за неговите искуства, за третманот на науката во светот, за обидите на научниците да проникнат во тајните на вселената.


Проф. д-р Лудвиг Добжински

Која е причината за Вашата посета на Македонската академија на науките и уметностите?

- Ја отворивме изложбата „Истражувањата во ЦЕРН“, која ја подготвивме јас и колегата Даниел Денегри. Во рамките на „Деновите на ЦЕРН во Северна Македонија“ во МАНУ одржав предавање на тема Unveiling Universe ORIGIN with LHC detectors. Не сум првпат тука. Со колегата Денегри првпат го посетивме Скопје во 2009 година кога одржавме неколку работилници на Медицинскиот факултет. Тогаш запознавме повеќе пријатели со кои одржуваме добри релации. Нашиот интерес е науката. Во Македонија има мала група научници што се интересираат за тоа што го работиме и секогаш ми претставува задоволство да ја посетам вашата земја. Веќе девет години во Сараево организираме биенална Школа за физика која ја посетуваат и студенти од Скопје. Некои од нив веќе студираат во странство на магистерски или докторски студии. Со дел од нив контактирам, им пишувам препораки за нивните научни интереси, ги советувам на некој начин.


Проф. Добжински: Веќе 10 години сме присутни на Балканот

Која е главната мисија на Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН)?

- Формирана е пред 65 години како организација која треба да обезбеди технички сервис за научната заедница од Европа и за сите физичари во светот. Во ЦЕРН има околу 1.800 вработени кои тимски работат во истражувањето на материјата, работат на акцелераторот. Но, тоа не единствената причина за постоењето на ЦЕРН. Втората, исто толку важна цел е да го споделува и шири стекнатото знаење. Секое лето ЦЕРН организира стажирање за студентите. Меѓу јуни и септември низ ЦЕРН поминуваат 300-400 студенти од сите европски земји, меѓу кои и од Македонија и од регионот. Тие посетуваат школи по физика, за информатички технологии, за нуклеарни реакции, за медицина и слично.

Колку е важно за нашето општество да го истражува универзумот?

- На ниво на општество одговорот не е едноставен. Сè почнува со раѓањето. Малото дете постојано прашува, зошто се такви нештата околу него, што е Сонцето, поставува прашања и бара одговори. На некоја возраст овој интерес некако исчезнува. Од моето искуство можам да кажам дека причината е што многу возрасни не знаат соодветно да одговорат на прашањата, за жал. За среќа, дел од општеството продолжува да се бори, да ги поместува границите на знаењето понатаму и понатаму и да добива одговори. Сепак, уште многу прашања не се одговорени. Но, сето тоа чини. Потребни се фондови. Нашиот буџет не е на ниво на буџет, на пример, потрошен за претседателски избори на една поголема европска држава. Се бориме да опстанеме.


На науката ѝ се потребни фондови

Ние, научниците, не сме многу платени. Од разговорите со професорите од Македонија разбрав дека и тие имаат многу ниски плати. Општеството е такво и ние мора да се бориме да го подобриме тоа, да покажеме дека има луѓе што ги туркаат границите на знаењето, нешто што можеби ќе им биде од голема корист на идните генерации. Земетe го како пример полониумот што го откри Марија Кири. Никој во тоа време не очекуваше дека ќе се употребува за производство на електрицитет, во нуклеарни централи, во медицински третмани против карцином, во уништување паразити во овошје и зеленчук пред да се консумира...

Многу години бевте инволвирани во експериментите на ЦЕРН. Некои од научните достигнувања, како откривањето на бозоните W и Z и Хигсовиот бозон, добија Нобелова награда. Кој беше најинтересниот проект за Вас како научник?

- Учествував во многу проекти. И двата споменати се многу интересни. Откривањето на бозоните W и Z беше релативно кратка авантура, да речеме десетина години. Откако гласноговорникот на експериментот ја прими Нобеловата награда за физика (во 1984 година н.з.), сите ние што учествувавме добивме дел од неа, како надомест за трудот. Во период од три години работевме многу напорно за да го конструираме апаратот. Деноноќно собиравме информации и правевме анализи. Експериментот со LHC детекторот опфати речиси половина од мојата кариера како физичар, 20-25 години, додека не се пензионирав. Сè уште сум парцијално вклучен во овој проект.


„Експериментот со LHC детекторот опфати речиси половина од мојата кариера како физичар“

Како се финансираат овие проекти?

- Конструкцијата на со LHC детекторот ја финансираа повеќе од 40 земји од целиот свет. Околу 1/5 од вкупната сума ја обезбедија САД, бидејќи тие се обидоа да направат нешто слично, но не успеаја. Го стопираа нивниот проект и ни се придружија. Севкупно, во овој експеримент учествуваа околу 200 институции, многу луѓе, огромна организација. Едно од правилата на ЦЕРН е да ги поставиш правилата однапред, внимателно, за да може потоа луѓето без стрес, непречено да работат.

Големата експлозија, почетокот на универзумот... колку далеку е отидена науката за да одговори на овие прашања?

- Големата експлозија се однесува на огромна концентрација на енергија, која била во нестабилна состојба и се трансформирала во кварк, во материја. На почетокот имала стадиум на плазма. Веќе неколку децении науката знае што е плазма и како да ја употребува. Така имаме една маса од продуцирана енергија што произлегла од Големата експлозија. Основното прашање е од каде дошла таа енергија? Имаше модел според кој во одредена фаза брзината на ширење на универзумот би требало да се намали, материјата повторно да се соедини, сè да колабира, а материјата да се претвори во енергија, која повторно ќе експлодира. И така сè до бесконечноста.


Темната енергија ни е непозната

Но, неодамна, пред 15-ина години, додека научниците се обидуваа да ја измерат брзината со која галаксиите се оддалечуваат од набљудувачот, изненадувачки открија дека брзината воопшто не се намалува, туку се зголемува. Големо изненадување! Ова пак води до заклучок дека постои некој вид енергија што го овозможува овој процес. Овој вид енергија ја викаме темна енергија, бидејќи е непозната.

Дали за време на експериментите во ЦЕРН досега е произведена темна енергија во лабораториски услови?

- Не, сè уште не. Бараме темна материја, нејзини честички. Знаеме дека се тука, но не зрачат. Астрофизичарите правеле експерименти за да ја следат оваа енергија, да ја набљудуваат, но досега немало резултати. Се обидуваат во експериментите со малите „Големи експлозии“, но сè уште не произвеле, веројатно една од причините е фактот што сè уште немаме доволно енергија на ниво на колизија. Затоа имаме проект за зголемување на нашите микроскопи, на акцелераторот за да направиме колизија со повисока енергија. Деновиве во Гранада, Шпанија, има состанок на физичари кои се обидуваат да најдат начин да ги поттурнат нашите знаења малку подалеку.


Преокупација му е да им ги пренесе своите знаења на децата, внуците, студентите

Какви квалитети и интереси треба да има еден студент за да може да работи во ЦЕРН?

- Големо знаење по математика и физика. Мора да има интереси за овие полиња. Потребни се познавања и интереси и во компјутерски науки, секако, многу се користат во работата, но претежно на полињата математика и физика, интерес кон прашања кои сè уште немаат одговор.

Во овој момент кои се Вашите интереси како научник?

- Има уште многу прашања што нема да добијат одговор, а јас ќе исчезнам од овој свет. Се разбира дека нема да добијам одговори на најголем дел од нив. Во моментот главна преокупација ми е да им послужам на моите деца, внуци, студенти, да им пренесам дел од знаењата што може да им бидат корисни. За неколку месеци ќе наполнам 80 години. Во секој случај сум поблиску до мојот крај отколку до почетокот.

Фото: Борче Поповски