Александра од Скопје: од бебиситерка во Њујорк до продуцент на „Ѕвездени патеки“
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Александра Кочоска-Дековиќ сигурно нема никогаш да го заборави првиот ден на пракса во „Сони студио“, кога режисерот Роланд Емерих го работел филмот „Падот на Белата куќа“. Се паркирала на местото на режисерот, велејќи си дека е многу среќна што си обезбедила место до главната врата на студиото, а не знаејќи за кого е всушност
Холивуд е посакувана дестинација за сите што сакаат да се најдат на големото филмско платно или да учествуваат во негово создавање. Не секому му успева. А замислете колкумина стигнале таму и без да сонуваат. Е, таква филмска приказна има скопјанката Александра Кочоска-Дековиќ. Дипломирала англиски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје во 2010 година, па одлучила да замине во САД да работи како бебиситерка во Њујорк.
Кочоска-Дековиќ на сет на серијата „Заспаната долина“
Судбината посакала при посета на другарка ѝ во Лос Анџелес да го запознае нејзиниот иден сопруг Анте, кој работел визуелни ефекти. Денес Александра се потпишува како продуцент на визуелни ефекти на неколку американски хит-серии, меѓу кои „Ѕвездени патеки: Кратки филмови“, „Заспаната долина“ (Sleepy Hollow), координатор е на визуелни ефекти на првата сезона на „Безгранично“ (Limitless), „Вистински детектив“ (True Detective), а во моментов работи како продуцент на визуелни ефекти на серијата „Ѕвездени патеки: Откритие“.
- Отсекогаш сум сакала филмови, но ТВ-сериите ми се уште поинтересни. Со филмот имате два- три часа да раскажете една приказна од почеток до крај. ТВ-сериите ви даваат многу повеќе простор да претставите различни карактери, да се поврзете за нив, да ја чекате следната епизода со нетрпение зашто сакате да знаете што ќе се случи. Мислам дека има нешто магично во тоа исчекување. Серија што ми оставила посебен впечаток е „Ѕвездени патеки: Војаџер“ - првата серија што имаше жена како капетан на вселенски брод Кетрин Џејнвеј (актерката Кејт Малгру). Затоа ми е особено драго што сум дел од „Ѕвездени патеки: Откритие“, каде што Сонекуа Мартин-Грин е прва жена од африканско-американско потекло што има главна улога во оваа серија и ја игра Мајкл Барнам - вели Кочоска-Дековиќ.
Александра и сопругот на доделување на наградите на Здружението на визуелни ефекти
Признава дека кога заминала во 2010 година да работи како дадилка во Њујорк, не помислувала дека ќе заврши во Холивуд. Но, вели дека никогаш не знаете каде ќе ве одведе патот.
- Бев на посета кај другарка во Лос Анџелес, каде што го запознав мојот сопруг, кој во тој момент работеше како супервизор на визуелни ефекти. Тој успеа да ми ја пренесе таа енергија, да размислувам за нови почетоци и преквалификација во рамките на кариерата - вели Александра.
Конкуренцијата е пеколно голема во оваа индустрија. Се наметнува прашањето колку е важна дипломата, односно каде некој се школувал, апропо талентот и компетенциите.
- Дефинитивно двете работи се важни во две различни фази. Факултетот и дипломите се поважни на почетокот. Затоа дипломирав на Филолошкиот факултет и зедов два сертификати од УКЛА Еxtension – тоа мене ми даде шанса да влезам во индустријата. Штом сте во кругот и работите неуморно, оваа индустрија има многу простор за брз напредок. Со секој нов проект имав нова позиција и учев нови работи со цел да станам продуцент. Како и во секоја индустрија, почнувате од ниско скалило и еден ден сте асистент кој прави список со обврски (to do list) за продуцентот, а потоа носите поголеми одлуки. Секако, сѐ додека сте решени да работите на себе и да напредувате - признава Кочоска-Дековиќ.
Таа признава дека многу предрасуди ѝ се срушиле за тоа како функционира тој свет.
- Мислев дека сѐ е лесно и совршено како што гледаме на нашите мали/големи екрани. На пример, на првата епизода од „Ѕвездени патеки: Откритие“ втора сезона работевме девет месеци речиси 700-800 луѓе за една епизода од еден час што ја гледате убаво спакувана на телевизија. Ова не е типично за секоја серија, но „Ѕвездени патеки“ бара многу повеќе работа. Почнавме да градиме компјутерско-графички модели од вселенските бродови во март, додека ја завршувавме првата сезона, а епизодата се емитуваше на 17 јануари - објаснува Александра.
Таа сигурно нема никогаш да го заборави првиот ден на пракса во „Сони студио“, кога се спремал филмот „Падот на Белата куќа“. Се паркирала на местото на режисерот Роланд Емерих, велејќи си дека е многу среќна што си обезбедила место до главната врата на студиото, а не знаејќи за кого е всушност.
- Половина час подоцна неговиот асистент трчаше низ канцелариите да најде чиј е автомобилот и јас кренав рака. Ме испратија да препаркирам преку улица и од прв ден сите веќе ме знаеја - се смее таа.
Александра признава дека ѝ недостига Македонија, родителите, семејството. Среќна е што минатата година дошла дури четири пати.