Најдобрите матуранти по мајчин јазик, сепак, ќе изберат технички факултети. Запознајте ги Јана, Аљтин и Фатих

Најдобрите матуранти по мајчин јазик, сепак, ќе изберат технички факултети. Запознајте ги Јана, Аљтин и Фатих

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Секој може, доколку сака, да го искористи своето време за да прочита добра книга. Иако поголемиот дел од моите врсници вклучувајќи ме и мене, знаеме да избереме книга на странски јазик, сепак, мораме да се трудиме да го зачуваме и нашиот стандарден македонски јазик - вели најдобрата матурантка по македонски јазик, Јана Величкова

Возбудени и изненадени дека имале најдобри резултати по мајчин јазик – ова ни го споделија матурантите Јана Величкова, Аљтин Аџами и Фатих Каплан. Јана беше ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, која со 99.99 перцентили имаше најдобар резултат по предметот македонски јазик.

- Многу се изненадив, но исто така и се возбудив бидејќи сепак на еден матурант му значи нешто во кое ќе биде меѓу првите. Континуирано работев, читав, освен делата и друга литература која ми помогна во делот со пишувањето. Имав одлична професорка која ме насочи и надополнуваше во сето она што не ми беше јасно – вели Јана.


Јана Величкова

На прашањето дали смета дека нејзините врсници треба повеќе време да поминуваат со книга в рака, наместо со мобилните телефони, таа вели:
- Морам да признаам дека и јас сум дел од нив, но секој може, доколку сака да го искористи своето време за да прочита добра книга. Иако поголемиот дел од моите врсници вклучувајќи ме и мене знаеме да избереме книга на странски јазик, сепак мораме да се трудиме да го зачуваме и нашиот стандарден македонски јазик.

И покрај нејзината љубов кон книгата, сепак, своето образование ќе го продолжи во сосема различна насока, на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

Аљтин Аџами беше најдобриот матурант по предметот албански јазик и литература, со освоени 99.98 перцентили. Тој заврши во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“. Аљтин ни призна дека не се подготвувал специјално за полагањето.

Го прашавме што би сменил во гимназиското образование, кога би можел.
- Гимназиите не треба да му даваат посебна насока на средношколецот, за тоа си постојат средните стручни училишта. По мое мислење, гимназијата треба да биде општа, без некои специфични насоки. И екстерните испити е добро да бидат срочени во два теста, како би биле тестирани по повеќе предмети со поедноставни прашања, а испитувачите да бидат поконкретни – објаснува Аџами.


Аљтин Аџами

Тој сака да стане софтверски инженер и така ќе го насочи своето образование, а летово работи во магацин, за да може да си заработи џепарлак дури почне да студира.

Најдобар по предметот турски јазик и литература годинава беше матурантот Фатих Каплан од приватната гимназија „Јахја Кемал“ од Струга. Тој имаше успех од 99,83 перцентили.
- Отсекогаш со многу голем интерес го изучував турскиот јазик, не само во средно школо, но и во основно. Имам напишано кратки поеми, а претходната година мојот есеј беше избран за најдобар во натпреварот за есеи по турски јазик во школото – вели Каплан.


Фатих Каплан

Тој вели дека бил презадоволен од образованието стекнато во неговото училиште во изминатите четири години.
- Најмногу сум им благодарен на професорите кои секогаш сакаа да помогнат и соучениците кои секогаш беа тука за мене – вели тој.
Фатих планира да се запише на Машинскиот факултет во Скопје.