Како да избркате крадец со миризлив чад?

Како да избркате крадец со миризлив чад?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Компанијата за техничко обезбедување ,,Глобал секјурити“ ДООЕЛ Скопје и Средното електротехничко училиште ,,Михајло Пупин“ потпишаа меморандум за соработка со цел да им овозможат на учениците да учат низ пракса и полесно да најдат работа по матурирањето

Секој крадец би се замислил дали би влегол некаде доколку би знаел дека може ќе го пречека густ чад. Таа непријатна ситуација ја создава алармот со чад, уред кој од неодамна е присутен и во Македонија. На интересната презентација за тоа како функционира овој уред имаа можност да присуствуваат дваесетина ученици од средното електротехничко училиште ,,Михајло Пупин“. Учениците со особен интерес ја следеа презентацијата и активно учествуваа преку поставување прашања.


Презентацијата ги заинтересира учениците

Нова технологија што ги збунува крадците

На презентацијата беше претставен уредот Fast 250 Pump Pro Plus, еден од неколкуте модели на италијанскиот производител UR Fog. Станува збор за аларм кој при неовластен упад се активира и ја исполнува просторијата со многу густа магла која има пријатен мирис и не е штетна за здравјето на луѓето. Презентираниот уред е наменет за простории до 250 кубни метри, во кои за 20-30 секунди видливоста е на нула. Алармот користи пумпна технологија и кертриџи во течна форма, а не боци под висок притисок, кои се користени во претходните технологии. При неовластен упад, густиот чад кој се испушта под висок притисок и со голема брзина му оневозможува на крадецот да се снајде во просторот и тој станува тотално дезориентиран.



Се потврдува слоганот на производителот дека не можеш да го украдеш тоа што не можеш да го видиш. Овој производител нуди неколку типови уреди, зависно од големината на просторијата што треба да се заштити. Наменет е за секаков вид објекти со различни дејности и големини, како и за приватни куќи и станови.

Да ги задржиме децата во Македонија

Основачот на компанијата, Владо Николовски, е голем ентузијаст дека ваквите соработки можат позитивно да влијаат врз мотивацијата на учениците да сакаат да работат во македонски компании или да започнат сопствен бизнис, а заминувањето во странство да не им биде единствен избор.
- Сакаме децата да останат во Македонија. Пред да почне презентацијата, разговарав со еден од учениците и на моето прашање каде планира да продолжи по матурирањето, мислејќи на кој факултет, тој ми рече дека негов избор е Германија. Тоа ми ја оправда смислата на договорот што го направивме со ова училиште. Директорот на „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев, го запознав неодамна и енергијата што ја зрачи и претприемачкиот пристап што го има беа клучни за брзо да воспоставиме соработка. Сакаме да се знае дека и во Македонија постојат фирми што нудат добри услови за работа и дека младите не мора да заминуваат во странство. Нашата дејност не се учи од книги, туку на терен. Секој проект е своја приказна и затоа се потребни голема упорност и многу практична работа - вели Николовски.



Бенефит за учениците и за училиштето

Оваа соработка е во интерес на учениците, нагласи Ѓорѓиев.
- Нашите ученици секоја година одат на феријална пракса, што е услов за да се запишат во четврта година. Се договоривме учениците да одат на пракса во „Глобал секјурити“ и дел од наставата да се одвива во просториите на компанијата. Сметам дека на овој начин ќе порасне интересот на учениците за работа во ваква или компании слични на неа.
Во рамките на оваа соработка „Глобал секјурити“ ќе ги обучи учениците сами да се грижат и да ги одржуваат веќе постојните безбедносни системи поставени во училиштето. Со тоа учениците ќе стекнат искуство и знаење, а воедно ќе се намалат и трошоците на училиштето.



Успешен настан

Презентацијата ја изврши Горан Стојановски, електротехничар во „Глобал секјурити“ и поранешен ученик на ова училиште. Учениците можеа и практично да ги видат и истовремено да ги снимат активацијата и процесот на полнење на просторијата со чад. Потоа, со овие видеа тие учествуваат во наградна игра што „Глобал секјурити“ ја организира во соработка со СЕМОС Едукација и училиштето за странски јазици „Филос“.


Најдобрите снимени видеа ќе добијат награди

Имено, видеата ќе бидат поставени на фејсбук-страницата на „Глобал секјурити“ и авторот на видеото со најмногу лајкови ќе добие ваучер во вредност од 12.000 денари од СЕМОС Едукација, а останатите две награди ќе бидат годишна членарина за изучување јазик по желба на ученикот во „Филос“, како и самостоен детектор за чад и самостоен детектор за вода од „Глобал секјурити“.
Ова е првиот успешно реализиран настан од планираните шест, предвидени како дел од соработката помеѓу компанијата „Глобал секјурити“ и училиштето „Михајло Пупин“.

Фото: Весна Ивановска-Илиевска