Колку ја користиме кирилицата на „Месинџер“ или на „Фејсбук“?
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ни треба посебен предмет - култура на изразување, а и да се одвои македонскиот јазик од книжевноста, посочува Виолета Николовска, професорка на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип
Инстант-живеењето не троши време на негување култура, идентитет. Брзањето како да станува цел за себе, а не постапка да се стигне некаде. Медиумските кампањи, образовните институции, не само предметните професори по македонски јазик, треба да ја градат културата на комуникација и културата на изразување, посочува Виолета Николовска, професорка по македонски јазик на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Таа додава дека за сето ова е потребно да се има стратегија, која во крајна линија ќе ги опфати и часовите по македонски јазик и предметните содржини што на овие часови се работат. Но, тие се само една алка во системот.
Посебен предмет - култура на изразување
Со Николовска разговаравме на темата како да се подобрат познавањето и употребата на македонскиот стандарден јазик во сите сфери на живеење.
Бирото за развој на образованието треба да размисли да го воведе предметот култура на изразување како посебен, во кој ќе се изучуваат основите на правописот, пишувањето на различни писмени форми - есеи, барања, молби, книжевни форми. Би било корисно да се изделат предметите македонски јазик и книжевност. Така и самиот наставен кадар ќе биде покомпетентен, смета Николовска.
- Сепак, културата на изразување не е само задача на предметните професори по македонски јазик. Секој интелектуалец треба да ја има стекнато. Ова сметам дека е особено важно. И професорите и наставниците по другите предмети треба да бидат пример за таква култура и да ја градат, да ја коригираат кај учениците. Не да зборуваат на дијалект, жаргон, да прават правописни грешки - посочува таа и објаснува дека на УГД студентите од сите факултети можат да го изберат предметот македонски јазик како изборен.
- Секако, за тоа е потребно да има и доволно наставен кадар на универзитетите, а тоа е нешто на што треба да се работи - објаснува Николовска.
Виолета Николовска
Студентите малку читаат, не се ангажираат интелектуално
Таа посочува дека од студентите, кога веќе стигнале на факултет, а особено тие што избрале да бидат едукатори и да им предаваат на ученици, се очекува дека веќе треба да бидат писмени, но „за жал, не е така“.
- Некогаш забележуваме дека тие дури и не разбираат што им зборуваме. Последното искуство ми е дека група студенти не го разбраа зборот статија. Тие малку читаат, малку истражуваат, сè е една инстант-култура: прочитај нешто за нешто на интернет, на Википедија. Семинарските ги прават без интелектуално да се ангажираат, со копирање и лепење, дури без да се адаптира текстот. Комуникацијата на телефоните, социјалните мрежи и оттука во писмена форма на факултетите е без интерпункциски знаци, без надредни знаци, на латиница... Ова е нашата култура на живеење која ние на предавањата на факултетите можеме да ја сигнализираме, но не можеме да ја предаваме зашто имаме наука што треба да ја пренесеме - вели Николовска.
Таа е категорична дека треба да се работи во сите сфери на општественото живеење (медиуми, образование) на културата на комуникација и културата на изразување.
- Можеби би било решение во средното образование да се изделат посебно предметите македонски јазик, книжевност и култура на изразувањето или македонски јазик со култура на изразувањето и книжевност, бидејќи се работи за посебни научни области кои бараат посебно внимание - посочува таа.
Проф. Виолета Николовска (лево): Не може да се остави сè на наставата по македонски јазик
Треба да се инвестира во описменување на нацијата
Професорката укажува и на тоа дека и Советот за македонски јазик при Министерството за култура, под чија надлежност е и полагањето на лекторскиот испит, треба да ги советува државните институции за да се гради јазична култура.
- Може периодично да се организираат работилници или серии предавања, трибини на кои ќе се повикуваат одделенските наставници и предметните професори по македонски јазик за да ги освежат и подноват своите знаења. Треба да бидеме креативни и да градиме свест за негување на мајчиниот јазик. Не може да се остави сè на наставата по македонски јазик. Треба да се инвестира во описменување на нацијата - категорична е Николовска.
Таа дава и неколку предлози како може да се крене свеста за мајчиниот јазик. Медиумски кампањи (може да се делат маички „Ја сакам кирилицата!“, на пример), транспарентност во работата на институциите што се занимаваат со македонскиот јазик. На интернет да бидат достапни повеќе алатки за проверка на јазикот.
- Всушност, потребна е соработка помеѓу институциите во градењето една таква стратегија. Колкумина го менуваат фонтот и користат кирилица во комуникацијата на „Месинџер“ или на „Фејсбук“? - прашува професорката.