Џиновско велигденско јајце на плоштадот во Свети Николе

Џиновско велигденско јајце на плоштадот во Свети Николе

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Јајцето ќе биде изложено на градскиот плоштад за време на велигденските празници, а потоа ќе биде сместено на друго место поради големината и за да се заштити од надворешни влијанија

Џиновско велигденско јајце, високо 3 метри, тешко 600 килограми, е поставено на плоштадот во Свети Николе за велигденските празници. Идејата на светиниколскиот градоначалник Сашо Велковски ја реализираа двајца наставници од Основното училиште „Кирил и Методиј“. Тимот една недела интензивно работеше во хангар на поранешна текстилна фабрика, каде што и првично е изработена конструкцијата. Поради големината на објектот, кој треба да прерасне во симбол на градот, и сликањето се одвивало во хангарот.



Внатрешната металната конструкција со ногарки ја изработи Иле Панајотов. Надворешниот дел е од стиропор, премачкан со лепило, мрежа и хидроизолација. Монолитното јајце го сликаа наставничката по ликовно образование Маја Ефтимова-Стојанова и одделенскиот наставник Иле Михајловски. Поради кусиот рок и огромната површина за сликање, тие го засилиле тимот со БиљанаТрајанова, Бојан Тосевски и Сања Накова.

Јајцето тежи 600 килограми, високо е 3 метри и има пречник од 2 метра.
- Ни беше дадена целосна креативна слобода за тоа што ќе биде претставено на јајцето. Земајќи ја предвид неговата големина, решивме да претставиме нешто што ќе биде печат за градот. На едната страна од јајцето е претставен ликот на свети Никола како заштитник на градот, од другата страна црквата „Свети Никола“, а обиколката на јајцето е со пејзажни елементи од Овчеполието. Во целост како композиција го претставува нашиот град - вели Ефтимова-Стојанова.



Јајцето ќе биде изложено на градскиот плоштад за време на велигденските празници, а потоа ќе биде сместено на друго место поради големината и за да се заштити од надворешни влијанија. Пресудно ќе биде која локација ќе биде погодна поради големината на експонатот.

На прашањето дали очекуваат ова да прерасне во едно од обележјата на Свети Николе, Михајловски вели:
- Нам пред сè ни е важна реакцијата на граѓаните на Свети Николе. Секако, ова е прво јајце од ваков вид во нашиот град, а според големината и мотивот, и во државата. Се надевам дека успешно сме ја завршиле задачата - вели Михајловски.

Покрај градоначалникот, проектот го поддржала и директорката на „Кирил и Методиј“, Саша Мицевска.