На крајот од секој семестар студентите имаат изложба која е отворена за јавноста. Ова ѝ е омилениот период од годината на Теодора. Лани ја добила главната награда
Кога пред четири години се вратила од Белгија каде што учела средно училиште и се запишала на
Архитектонскиот факултет во Скопје, сите ја прашувале зошто се одлучила за студии во Македонија кога можела да одбира од целиот свет?
И денеска 22-годишната Теодора Василева го дава истиот одговор:
- Сакам да учам во Македонија бидејќи студиите на одредени факултети го имаат истиот квалитет. Тоа беше мојот одговор. Се покажа дека сум во право. Кога комуницирам со студенти и професори од оваа струка од цел свет, кога работиме на заеднички проекти, во квалитетот и знаењето воопшто не се разликуваме - објаснува Василева, која ја завршува четвртата година од студиите.
Теодора со особена страст зборува за студиите
Отсекогаш знаев што ќе учам
Одлуката за упис во оваа струка ја знаела уште додека учела средно училиште.
- Секогаш ме влечело ова. Од мала сакав да цртам. И секогаш ме возбудувал просторот околу мене. Мислам дека тоа е многу важно, не само визуелнотo, туку како го доживуваме просторот околу себе. Тој му влијае на човекот, на неговата психолошка состојба - вели таа.
На Архитектонскиот факултет нема насоки. Се запишуваат 120 студенти кои учат општа насока, што е особено важно бидејќи добиваат знаења од повеќе области.
- Мене, на пример, сега повеќе ме влече домувањето, средување внатрешен ентериер. Бидејќи сите тука учиме општа насока, набилдани сме со знаење во повеќе насоки. Ако некој сака да работи со ентериер, може слободно тоа да го работи, или во инженерски насоки, проектирање згради, станбени и деловни објекти. Има многу опции по дипломирањето. Јас веројатно ќе се занимавам со домување, односно со личниот простор. Во група сме 120 во една генерација. Не сме многу, па може професорите да ни обрнат внимание, нѐ познаваат и го следат нашиот напредок. Главните предмети ни ги држат и во помали групи, па сите добиваме еднакво внимание - вели оваа студентка.
Награда за најдобар проект
На крајот од секој семестар студентите имаат изложба која е отворена за јавноста. Ова ѝ е омилениот период од годината на Теодора.
- За оваа изложба вообичаено работиме сами или во пар. Работиме со професор, тоа е сепак комплициран процес, па мора некој да те следи и да те контролира. На крајот правиме макета од нашиот дизајн и коридорите низ факултетот и училниците се прекрасни со нашите изложени дела.
Лани таа добила награда за најдобар проект на оваа финална изложба.
- Проектирав средно угостителско училиште. За ваква институција најважно е да има аспекти на неформална едукација. Да, мора да има училници, но важно е учениците да имаат и одреден простор во кој ќе се чувствуваат удобно. Таму може да се социјализираат, да се дружат. Тоа им недостига на нашите училишта, а јас токму на тоа обрнав внимание кога го проектирав. Би сакала да го видам изградено, ама...
Факултетот секое лето за студентите организира летна школа која се одржува на различни места во Македонија. Учествуваат повеќе студенти, како од Архитектонски така и од странски факултети.
- Имаме и гости, познати архитекти од странски универзитети. Споделуваме многу искуства, работиме и проектираме. Лани, на пример, работевме со германски архитекти и сфативме дека по образованието не се разликувавме од студентите од другите факултети. Подготвени сме исто како и странските - раскажува Василева.
Во просторот каде што поминува најмногу време - Архитектонски факултет - најмногу ѝ се допаѓаат училниците.
- Големи се, светли се. Никогаш не се чувствуваме задушени. Некогаш и по цел ден сме таму и убаво ми е. И ние во делот на вежбите сами правиме проекти за разубавување на факултетот, особено дворот, па се надевам дека во иднина ќе се искористат и нашите идеи - вели таа.
Многу е задоволна од студиите. Има добра практична настава и простор за креативно изразување.
- Генерално проблемот со нашето образование е што учениците и студентите немаат простор за критичко разговарање и дебатирање со професорите. Ограничено е времето, тоа е главен проблем. Ние имаме среќа што сме помалку студенти. Затоа и сме подготвени за работа откако ќе дипломираме.
Основно учела во француско, средно во американско училиште
Теодора учела средно во Белгија во американско училиште, а основно во француско училиште. Зборува француски, англиски и шпански јазик. Еве го искуството од учењето по странски образовни системи:
- Американскиот систем на учење многу ми се допаѓа бидејќи те насочува кон она за што имаш афинитети. Јас научив многу за проектирање во средно бидејќи тоа ме интересираше. Многумина ме прашуваат што барам тука, зошто сум се вратила, зошто не сум продолжила да студирам надвор? Но, на сите им велам дека сакав да учам тука. И не згрешив.
Ја прашуваме дали ѝ се допаѓа Скопје, што би променила кога би можела?
- Скопје ми се допаѓа, главно, но не и новите згради. На пример, не ми се допаѓа тоа што копираме нешто од други земји, неавтентични за нас. Скопје е многу изградено, ми пречат споените згради, не се мисли на квалитетот на живот. Многу ги сакам т.н. згради-вртешки. Тоа се згради како со три краци, секој крак има стан кој излегува на три страни. Тоа е многу добро за квалитетот на живот на станарите. Ги има само неколку кај нас. Го сакам и ГТЦ дефинитивно. За жал, запуштен е, му се одушевувам што нема задна страна, градот едноставно тече низ него од сите страни - вели Теодора.
Матурантите се пред изборот на средно училиште. Оваа студентка им порачува да не се плашат од предизвиците.
- Ние, на пример, имаме приемен испит и знам дека многумина се плашат да го полагаат и тоа ги спречува да пробаат да се запишат на Архитектонски. Но, има подготвителни часови за тој испит и воопшто не е страшен. Би им порачала да не се плашат, да се обидат. Пред да се одлучат за упис на кој било факултет, би ги советувала да најдат некој што веќе студира на саканиот факултет, па да им објасни што се случува и така ќе добијат слика дали е добар за нив и дали ќе им ги исполни очекувањата.
Фото: Борче Поповски