Земјоделско-прехранбениот сектор е навистина богат и треба да се развива зашто има многу можности за работа. Многу вложуваме во воведување модерни технологии кои ќе овозможат рационално, квалитетно, безбедно земјоделско производство, со цел да се добие поквалитетен и економски поисплатлив производ. Тука се фокусираме на едукацијата на нашите студенти, вели проф. Танасковиќ
Очекувањата на Факултетот за земјоделски науки и храна од претстојниот уписен рок на студенти се и понатаму да се обезбеди кадар потребен за пазарот на трудот во нашата држава, тоа што со години го работи оваа институција. Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, декан на овој факултет, вели дека студиски програми се акредитираат според потребите на пазарот на трудот - стопанството, потребите на државата, а ги следиме и новите текови и трендови во регионот и пошироко во светот. Со него разговаравме за предизвиците на факултетот, условите што ги нуди за студентите, потребата од кадарот кој го создаваат за пазарот на труд, начинот на студирање...
- Нашата интенција е континуирано да го одржуваме бројот на студенти кои ќе бидат потенцијал на оваа држава и база на земјоделско-прехранбениот сектор. Пазарот има потреба од дипломирани агрономи, а факултетот со своите капацитети и ресурси секогаш обезбедува квалитетен кадар кој ќе биде подготвен веднаш да стапи на работа во стопанството или институциите каде што е неопходно. За квалитетот на нашите дипломирани агрономи може да се пофалиме и надвор од нашите граници.
Што значи да се следат меѓународните и внатрешните текови? Како конкретно ја креирате програмата?
- Години наназад наша пракса е пред да креираме студиска програма или пред да правиме акредитација да се состанеме со стопанството и институциите од земјоделско-прехранбениот сектор. Разговараме за нивните потреби, за она што е потребно да го креираме како образовна институција, ги дискутираме овие потреби и предизвиците со кои се соочува стопанството, за да знаеме каде повеќе да се фокусираме. Тоа го сметаме за наша обврска, која ја преточуваме во нашите студиски програми. На тој начин дополнително ја продолжуваме таа соработка, која сме ја изградиле од далечната 1947 година со формирањето на оваа образовна институција.
Од друга страна, Факултетот обезбедува сигурност по однос на реалните потреби на пазарот на трудот кои произлегуваат од самото стопанство, од бизнис-секторот, од државните и другите институции. Секако дека основните постулати во нашиот сектор треба да се базираат на она што е изградено години наназад, но следењето на новите текови мора да обезбеди систем кој ќе е валоризиран и од општеството и од државата, односно ќе биде препознаен од стопанството каде што нашите студенти ќе бидат вработени. Затоа и настојуваме нашата традиција, ресурси, условите што ги поседуваме, знаењата кои се пренесуваат да ги надополниме со новите модерни текови. За таа цел, секако се консултираме и со колегите од регионот – со факултетите во нашето блиско соседство. Само за пример, годинава во март, по повод 100 години од Земјоделскиот факултет во Белград, најдобрите факултети од оваа област во регионот потпишавме меморандум за формирање на Асоцијација на факултети од областа земјоделството и храната на ЈИЕ. Овој меморандум се однесува на продлабочување и зацврстување на долгогодишната соработка, особено во делот на усогласување на студиските програми на I, II и III циклус студии, истражувања, учества во заеднички комисии, поголема соработка за заеднички настап во проектни активности, следење на новите текови и имплементирање во студиските програми итн.
Соработката што ја имаме на меѓународно поле е сериозна и сакаме да продолжиме во овој правец. Нашите студиски програми се креираат по однос на препознатливост на други и се меѓународно признаени. Генерално секогаш ги консултираме и подобро препознатливите студиски програми на големи универзитети, а наши професори често учествуваат во работата на тие факултети и обратно.
Знаете дека нашата диплома е меѓународно признаена.
За оние што сè уште се двоумат, зошто да го изберат овој факултет?
- Прво, секогаш има потреба од ваков кадар. Гледате дека голем дел од инвестициите се насочуваат во овој сектор, има и странски и домашни. Наша цел како институција е да образоваме кадар согласно тие потреби. Сметам дека земјоделските науки и производството на храна, по медицинските науки, се едни од најблагородните и најхуманите. Да произведуваме храна за населението, да извезуваме, да придонесуваме за приходите и намалување на увозот, како и зголемување на извозот е многу важно за секоја држава. Земјоделството и производството на храна се основа за развој на целокупниот систем, како на националната така и на светската економија.
Идните студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна може да конкурираат на 9 современи и акредитирани студиски програми кои се усогласени според светските текови, потребите на пазарот на трудот и целокупното стопанство во државата и пошироко. Тоа се студиските програми: Агроекономика, Анимална биотехнологија, Еко-земјоделство, Заштита на растенијата – фитомедицина, Квалитет и безбедност на храна, Овоштарство, лозарство и винарство со модулите: Овоштарство со лозарство и Лозарство и винарство, Поледелство, Преработка на земјоделски производи со модулите Анимални преработки и Растителни преработки, и Хортикултура со модулите: Градинарство и цвеќарство и Хортикултура. Сите студиски програми имаат свои специфичности во однос на наставните програми, а согласно на тоа, се изградува стручен профил кој има свое место на пазарот на трудот со стекнати вештини и карактеристични способности.
Факултетот е сместен на корисна нето-површина од 7.465 квадратни метри, во која се сместени 6 амфитеатри, 26 предавални, 27 вежбалници, 28 лаборатории, 143 канцеларии, библиотека и читалница со површина од 270 квадратни метри и студентско бифе со површина од 180 квадратни метри. Факултетот располага со опитни површини во кругот на Факултетот, како и со опитно поле од 74 хектари лоцирани во Долно Лисиче - Скопје.
Дали соработувате со стопанството кога станува збор за студентска пракса?
- Соработката на факултетот со стопанството и обратно е присутна од самото основање на нашата институција. Денес можам да се пофалам дека ФЗНХ е еден од креаторите на стопанската дејност во оваа област во државата. Голем број наши дипломирани студенти, над 8.000, директно беа вклучени во развојот на државата, воспоставувањето на новите современи текови и тој синџир ќе продолжи да расте и во иднина.
Нашиот факултет, покрај високообразовна дејност, врши и истражувачка и апликативна дејност. Исто така, за потребите на стопанството располагаме со пет лаборатории акредитирани по меѓународни стандарди и над 20 овластени лаборатории.
За да стекнат квалитетна пракса, студентите посетуваат многу фирми од областа на земјоделството. Соработуваме со над 300 познати и признати компании. Студентите успеваат да видат како работи реалниот сектор, да се соочат со тековните предизвици, со што практично го надградуваат стекнатото теоретското знаење.
ФЗНХ соработува и со сериозни компании и во други активности, како: изведување проектни активности за одредени компании каде што резултатите директно се користат во нивната работа. Се прават истражувања чии резултати реално се применуваат во пракса, а ресорните министерства се база и со нив имаме секојдневна комуникација и заеднички проекти.
Сериозно соработуваме и со неколку општини на ниво на Град Скопје и државата. Она што исто така нè радува се нашите активности со училиштата и градинките, и уверени сме дека овој сектор треба да се промовира пред децата од најрано детство. Сакаме децата од најрана возраст да знаат што претставува и од каде доаѓа храната, зошто е важно да се грижиме за природата, што значи правилното искористување на отпадоците итн.
Овој сектор е навистина богат и треба да се развива зашто има многу можности за работа. Многу вложуваме во воведување модерни технологии кои ќе овозможат рационално, квалитетно, безбедно земјоделско производство, со цел да се добие поквалитетен и економски поисплатлив производ. Тука се фокусираме во едукацијата на нашите студенти.
Како се грижите за студентите што имаат поголем успех во студирањето?
- Студентите кои во континуитет имаат повисок просек можат да конкурираат за државни стипендии, но нè радува дека сè повеќе доаѓа до израз интересот на домашните компании, кои пројавуваат интерес за стипендирање на наши студенти од самиот почеток на нивното образование, а подоцна и нивно вработување. Исто така, треба да нагласиме дека сите студенти на Факултетот со просек над 9,5 се ослободени од плаќање партиципација. Тоа е политика на Факултетот за обезбедување квалитетен кадар за развој на земјоделско-прехранбениот сектор. Студентите што пројавуваат интерес за понатамошно усовршување и продолжуваат на втор циклус студии, исто така, имаат можност за добивање стипендија или, пак, да бидат директно вклучени како демонстратори во наставно-образовниот процес на факултетот, со што стекнуваат искуство. За да обезбедиме квалитетен кадар, секогаш ги мотивираме студентите да се вклучат во научноистражувачката дејност на факултетот, да се здобијат со самодоверба и искуство за самостојно решавање на предизвиците што им претстојат.