Кога бев студент со Мики Јовановски-Џафер: „Сте падналe, професоре, дојдете следниот пат!“

Кога бев студент со Мики Јовановски-Џафер: „Сте падналe, професоре, дојдете следниот пат!“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ми беше тешко кога морав да ги напуштам другарите од бендот за да одам да полагам. Ми беше криво и по риба кога одевме, ќе одев да полагам и се враќав. Меѓу два испита одевме на свирки во странство, вели познатиот музичар во неговата студентска приказна, која Факултети.мк и Пивара Скопје ја реализираат заедно

За себе вели дека е еден од ретките рокери што воопшто завршиле факултет во негово време. Мики Јовановски-Џафер одлучил да студира право иако бил вонредно талентиран за соло-пеење. Македонка, неговата наставничка по музичко од гимназијата „Цветан Димов“, на Музичката академија во Скопје го однела со желба да стане дел од класата за пеење кај проф. Коста Трпков.




Професорот бил толку изненаден, што ги повикал студентите по соло-пеење што студирале дури по осум години за да видат како треба да звучи еден студент кога пее, а за Јовановски рекол дека дошол веќе дипломиран. Но, тој не добил поддршка од своето семејство и по предлог на другарите се запишал на Правниот факултет. Музиката му останала вечна љубов, а дипломирал на Правниот факултет во Скопје и врз основа на тоа подоцна се вработил во Царинската управа. Веројатно да се фател со академска музика, би заминал во странство.

Од „оние што не учат“

Вели дека бил тивок средношколец кого го интересирале бит, блуз и рокенрол-музиката и не сакал многу да се истакнува поради тогашната демагогија која подразбирала поделба на „тие што учат“ и „оние што не учат“.
- Јас им припаѓав на вторите. Се сеќавам на професорот по математика Младеновиќ, кој постави задача на цела табла и рече: „Кој ќе ја реши задачава, ќе има петка до крајот на школската година и не мора да доаѓа на часови“. Не знам што ме натера да се сконцентрирам додека тој ја поставуваше задачата (веројатно како кога симнував некоја американска рок-песна), но почнаа да се јавуваат петкашите, и по два пати, и си реков: „Ах ништо, некој од овие бубалициве ќе ја лапне петката“. Ама никој не успеа да ја реши. Кревам рака, Младеновиќ ми ја спушта и ми се потпира со кредосаната рака на измиената коса. Класична дискриминација! Е тогаш, претседателката на класот Наталија (признавам ми беше симпатија) застана на страна на правдината и побара и мене да ми се даде шанса како на целиот клас. Професорот рече: „Не знае тој“, а Наталија одговори: „Па сите по двапати не знаеја“. Јас станав и ја решив, цел клас се смееше, ама професорот рече: „Точно е!“ Наставникот не сакаше да ми пише петка, ми стави двојка, и тоа Наталија ми ја напиша. Контрадикторен професор сам на себе! Но кога ми ја утврди оценката, си станав, ги зедов засилувачот за звук и гитарата што ми беа под клупа. Излегов и уште еднаш не се вратив на час, ги оставив одличните да „учат“ математика - се смее Јовановски.


Џафер со своите родители (десно)

Признава дека имал добри работни навики по предмети како филозофија, историја, социологија. Станал дел од училишниот хор, каде што било буквално тепачка да се влезе оти многу патувале бесплатно.
- Јас не можев да дојдам на ред да покажам колку сум музикален. Кренав рака, наставничката Македонка ми рече: „Безобразен еден, се јавуваш по не знам кој пат“, ама со помош на директорот ми даде шанса за аудиција. Кога запеав покрај клавирот на Македонка, таа веднаш ги избрка сите надвор. Така, ја претставував гимназијата, а пеев стари италијански песни - се потсетува Џафер.

Талент наследен од двајцата родители

Талентот за музика го наследил од двајцата родители. Татко му Иван имал оркестар на жичени инструменти „Кајмакчалан“ во Битола, а бил член на првиот хор на Македонската опера.
- Јас имав среќа како мал да видам што е опера, балет, филхармонија и камерни дела, тетин ми ме носеше во стариот театар да ја гледаме тетка ми. Таа пееше во хорот на Операта и мене ми беше најубава. Основата ја добив уште во претшколска возраст и тоа ми помогна да имам вистински поглед кон музиката. Мајка ми Јорданка пееше прекрасно и пееше во хорот „Кочо Рацин“. Сестра ми Соња велеше дека не е фер што само мене ми го дариле талентот. Таа купуваше плочи, а јас учев од нив - вели Џафер.




На Правниот факултет „Јустинијан Први“ се запишал случајно. Првата година ја зел веднаш, но почнал многу да настапува со бендови, па факултетот го ставил во втор план.
- Брзо спремав испити, ама се трудев многу да не заглавувам со студиите. Ми беше тешко кога морав да ги напуштам другарите од бендот за да одам да полагам. Ми беше криво и по риба кога одевме, ќе одев да полагам и се враќав. Меѓу два испита одевме на свирки во странство. Во тоа сами се организиравме, немавме менаџери. Таква е македонската стварност за уметниците. Нема сигурен македонски шоу-бизнис до ден-денес - категоричен е Мики.

Професори како од руски филм

Вели дека на Правен факултет имал интересни професори и асистенти со кои сакал да дебатира. Ретко, ама добро комуницирав со сите професори како Ѓорѓе Марјановиќ, кој ми се допаѓаше поради неговата непосредност, објаснува Мики.

- Знаете, студиите се нешто што се памети како војската. Имаше професори: Чокревски, Пеливанов, Матевски, Мицајков и други што изгледаа како да се излезени од некој руски филм. Кај Миодраг Мицајков го положив последниот испит Наука за политика, ме измалтретира колку што можеше. Но, се сеќавам на „одмаздата“, имав свирка „Кај Мравка“ на адвокатската уличка, а таму доаѓаа и професори и асистенти. Една вечер дојде и Мицајков. Му го дадоа микрофонот да запее, па ме праша како испеал. А јас му вратив: „Си паднал, професоре, јави се следниот пат“ - во кафеана сите се добри, бајчиња - се смее Мики.
Се сеќава дека кон крајот на 70-тите години на Правниот факултет се одржувале и состаноци на комунистичката младина. „Едноумие на квадрат“, сѐ уште се чуди Џафер.
- Со еден мој колега, сега судија, ѕиркавме што прават и еднаш им влеговме среде состанок. Тие безобразно си зачленува студенти од поситуирани семејства, а мене ми е краток фитилот, па ги опцув и излегов од просторијата - се потсетува музичарот.

Свирев тапани и пеев

Мики вели дека оценките не му биле важни, мислел дека никогаш нема да се вработи со дипломата од Правниот факултет. Од музика си заработувал добро уште за време на студиите и никогаш не чекал финансиска поткрепа од родителите.
Џафер бил член на многу бендови: Солзи, Бангла Деш, Мост, Република 903, Разбој, Леб и сол, Автограм, Бодигардс, Тоа е тоа и др.
Не сакал да настапува сам иако „изгубил многу време со карактерот на музичарите“.



- Дури беше жив, Шпато ми велеше: „Немој да ги слушаш овие тука од музичката власт“. Учев од плочи и ленти во она време и му кажував што слушам. Уште како дете го слушав Нет Кинг Кол, потоа во 60-тите се појавија чудата: Битлси, Бич Бојс, Стиви Вондер, Хендрикс, а потоа потоп од Лед цеплин, Дип парпл, Бед компани, Џино Ванели, Бенсон, Ал Џироу, па Тото... Кога почнав, примери ми беа тројца музичари со исто име: Стиви Винвуд, Стив Мериот, Стиви Вондер. За мене, музиката е божествена работа и не можеш сам да ја уживаш - категоричен е Јовановски.

До летото лани тој работеше во Царинската управа, каде што беше 19 години на повеќе позиции. На последната „Златна бубамара на популарноста“ Џафер доби награда за трајни вредности.
Се потсетува дека кога бил член на групата „Мост“, имале интересно ривалство со членовите на групата „Лева патика“.




- И денес соработувам со музичари. Цела кариера ги споменувам и тие што не направиле ништо. Едно време во група „Мост“ бевме многу ривалски настроени кон „Лева патика“. Ние ќе купевме звучници, тие ќе купеа цел разглас, и тоа најдобриот. Со групата „Мост“ (Кокан, Зoрица, Гаро, Владо, Нонте, Панта) свиревме на игранки и на море. На почеток не можеш така лесно да свириш во центарот на Скопје, правевме игранки во „Корчагин“, „Јосип Броз“, jас свирев на тапани и пеев. Се чудеа како можам. Бев маанџија, бркав членови, а и до ден-денес сум перфекционист. Не сакам да работам со луѓе што нејќат да работат на себе. Бендот е како фирма, мора да се работи - категоричен е Џафер.