Гимназиски паралелки се отвораат на ангро, а во стручните – празно! Нешто мора да се смени во уписната политика
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Проблем создава високиот праг на бодови за упис во средните училишта. Можеби треба да се промени скалата на бодирање за упис, но и бројноста на паралелките, соодветно бараните струки и потребата таму да се запишат повеќе, односно помалку ученици, вели Дијана Каравилоска, директорка на ОУ „Манчу Матак“ од Кривогаштани
Преголеми паралелки во гимназиското образование, за сметка на загрижувачки малкуте во средните стручни, како и билдање нереални оценки се доволна причина за посериозно да се сфати уписната политика во средните училишта во земјава. Директори на училишта посочуваат дека мора да се промени начинот на запишување во средните училишта.
- Бројот на гимназиските паралелки постојано расте - вели Драган Арсовски, директор на гимназијaта „Раде Јовковски-Корчагин“ од Скопје.
- Главен проблем е огромниот интерес за гимназиското образование, за сметка на стручното. Во едно училиште во Центар на Скопје има дури 12 паралелки, кај нас се осум. Мора да се најде начин оваа ситуација да се надмине. Јас сум застапник за тоа бројот на учениците да биде меѓу 25 и 28, а не и до 34, како што е законски. Проблем се и нереалните оценки. Има многу незаслужени петки и така доаѓаат многу деца кандидати со ист број поени. Од 260 деца, на пример, сигурно 30 отсто се со набилдани оценки или петки.
Сметам дека треба да се врати полагањето на завршни предмети и соодветни спрема средното училиште што полуматурантот избрал да го запише - вели Арсовски.
Дијана Каравилоска
Според Дијана Каравилоска, директорка на ОУ „Манчу Матак“ од с. Кривогаштани, Прилепско, уписната политика е системски добро поставена.
- Добро е што станува збор за бодовен систем. Бидејќи средното образование е задолжително - секој треба да се запише. Но, од друга страна, ова создава притисок за подобар успех. Проблем создава високиот праг на бодови за упис во средните училишта. Можеби треба да се промени скалата на бодирање за упис, но и бројноста на паралелките, соодветно бараните струки и потребата таму да се запишат повеќе, односно помалку ученици. Добра и системски заснована професионална ориентација многу би помогнала, но само доколку доследно се почитува од сите фактори: основи и средни училишта, стручните соработници, учениците и родителите. Ова е добар пристап за најсоодветен избор на училиште за секој ученик, а се покажал како успешен во многу држави - вели Каравилоска.
фото: Борче Поповски
Високите бодови за запишување во гимназиите создаваат притисок врз учениците, наставниците и родителите за тоа дали детето ќе успее да се запише таму каде што сака.
- Пред некое време имавте натпис за тоа колкав е општиот успех
постигнат во основното образование. Искрено, иако претпоставував, ме изненади. Често се соочуваме со реакции од родителите и учениците откако ќе се обидат да се запишат во некое училиште, а немаат доволно бодови, па нѐ обвинуваат дека не се запишале поради тоа што не сме им ставиле добри оценки. Кога го споредивме општиот успех со другите училишта во државава, согледавме зошто се реагирало. Со години наназад просекот во нашето училиште е од 3,6 до 3,8, а и ова би можело да се каже дека е нешто повеќе од објективното. Значи, проблемот е во објективното оценување и притисоците за повисоки оценки - посочува директорката.
Освен 50-те максимални поени што го носи успехот, полуматурантот добива поени по повеќе основи, меѓу кои и за поведение и домашни или меѓународни награди. По пет поени најмногу можат да се добијат од меѓународна диплома по соодветни предмети, а исто толку и за примерно поведение, стои во
конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта.
- Секако, и едното и другото се важни. Бодовите од поведение се некој поттик или „принуда“ учениците да бидат подисциплинирани до деветто одделение. Бодовите за освоени меѓународни награди, пак, се поттик ученикот да продолжи со истиот успех. Можеби и едните и другите треба да се повисоки - објаснува Каравилоска.