Кога бев студент со д-р Владимир Чадиковски: Припаѓав на страшно добра генерација

Кога бев студент со д-р Владимир Чадиковски: Припаѓав на страшно добра генерација

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултетот ти дава една медицинска азбука, отпосле те чека учење и работа. Премногу слободно време неквалитетно искористено, студиските години ќе летнат брзо, одеднаш добивате лиценца и удирате во ѕид изграден од тули од незнаење, пред сѐ, практично, вели врвниот детски кардиохирург во рубриката „Кога бев студент“ што ја реализираме заедно со „Пивара Скопје“

Се родив во Југославија, растев во ФИРОМ, творам во Северна Македонија, се изгубија цели генерации, морал, етика, дали сме изгубена генерација, се прашувам? Имам генерација на другари страшно добра. И денес се дружиме, а многумина од нив се многу успешни – вели д-р Владимир Чадиковски, кого го потсетивме на годините на образование, особено на студентските денови во нашата рубрика „Кога бев студент“ што ја реализираме заедно со „Пивара Скопје“.



Детскиот кардиохирург од мал бил вреден, исполнителен, дете за пример или како што вели самиот – сѐ правел како во книга! Завршил основно училиште во „29 Ноември“, денешно „Војдан Чернодрински“.

Дете за пример

- Тоа беше период (крајот на 70-тите и 80-тите) кој новите генерации не можат да го разберат - преубав, безгрижен, искрен, имавме пони-велосипед со банана-седиште со три брзини, книги за Тито што се купуваа на метро, „101 застава“ со две врати, Алан Форд, екскурзии низ Југославија, носење син мантил дека и Тито беше металец. Што би рекол Јосип Броз Тито: „Док смо били другови, живели смо ко господа“. Бев претседател на одделение од прво до осмо, прв член избран на извршен одбор (избирав директор), носев штафета на младоста (два дена не спиев од среќа), моите дома не знаеја за оценка четири... И ден-денес се прашувам: „Така ли требаше, правилно ли беше?“ Ја паметам класната Милка – вистински педагог, каков што денес ретко можеш да најдеш. Основно завршив со сите почести – вели тој.



Приемен испит во Универзална сала

Не се двоумел да го продолжи образованието во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, каде што го држел истото темпо на одличен ученик, претседател на клас во сите четири години, ученик на генерација... Во средното школо бил исправен пред еден многу голем предизвик.
- Тетка ми Славјанка Чадиковска предаваше латински во Медицинско и морав да докажувам дека не сум таму со врски. А за каков тип професорка се работеше? Славјанка ѝ оставила тројка на крајот од годината на ќерката на Лазар Колишевски и никој не ѝ ургирал да ја поправи оценката. Ова повеќе го потенцирам за да покажам какви времиња биле. Таа реши да оди две години порано во пензија затоа што не можеше да поднесе кога почнаа сите единици да ги прават петки – вели докторот.



Приемниот испит на Медицинскиот факултет го полагале во Универзалната сала, како што вели тој, на 200 степени. Го положил со еден погрешен одговор.
- По автоматизам завршив во група составена од првите 20 студенти што го положиле тестот, сите од скопската гимназија „Никола Карев“, само јас од медицинското. Тоа беше страшно квалитетна генерација, кој од кој подобар. Одиме да полагаме, сите положуваат со 9-10 – сите! И во другите групи имаше одлични студенти, цела генерација многу квалитетна, мислам дека денес ретко има толку квалитетни генерации. Здрава конкуренција! – се потсетува кардиохирургот.
Професијата лекар лесно му влегла под кожа. Вели дека бил добар студент, но брат му Методија (кој исто така студирал медицина), бил потемелен, Владимир учел повеќе под притисок.

- Од оваа дистанца можам јасно да согледам дека факултетот ти дава една медицинска азбука, отпосле те чека учење и работа. Премногу слободно време неквалитетно искористено, студиските години ќе летнат брзо, одеднаш добивате лиценца и удирате во ѕид изграден од тули од незнаење, пред сѐ, практично. Студентите не се виновни. Тие се желни за учење, работа, но влегуваат во еден образовен систем уништуван со години. Така беше и со мене. По завршувањето на студиите почна вистинската медицина. На Запад, по завршување на факултетот колегите се многу поспремни за работа од нас – споделува Чадиковски и додава дека не бркал просек, но дека е важен за оној што сака да продолжи паралелно со академската кариера.

Д-р Ацо Димов – втор татко

На прашањето од кој професор најмногу научил и кој најмногу му влијаел, тој го издвои проф. д-р Ацо Димов, кој му бил ментор кога се одлучил за детска хирургија.



- Ми стана како втор татко, само што не му барав пари за излегување. Нему му должам најмногу. Вистински ментор, не само за пренесување на тајните на хирургијата, туку и за животот – ме научи како да бидам подобра личност, подобар доктор. Се надевам дека и тој сега е горд што имал добар ученик, дека не било сѐ залудно - истакнува тој.

Најмногу се дружел со колегите од неговата група, со кои и најмногу време поминувал на вежби, предавања. Излегувањата за време на студиите не биле многу чести затоа што обврските на факултетот биле огромни и било невозможно да се постигне сѐ.

- Со многу колеги комуницирам секојдневно, професионално и приватно. Најмногу се дружам со д-р Виктор Камнар, нема ден да не се чуеме или да не се видиме. Инаку, сѐ уште се дружам со другари од детството и со нови пријатели со кои сум се зближил низ годиниве, а немаат никаква врска со медицината. Сега на шега другарите што не се од медицина ни префрлаат дека доживуваме нова младост (втор пубертет) по 40 години, но јас не го гледам тоа така. Едноставно, гледате да надоместите сѐ што сте пропуштиле, дека животот поминува многу брзо и е крајно непредвидлив, а немате друг. По 40 години сте оформен како професионалец и како личност и тогаш почнувате да го грабате животот со двете раце. Според моето мислење, не секој што завршил медицина и станал доктор, хирург станал добар во тоа што го работи - категоричен е Чадковски.

Здраво, насмеано дете е најголемата награда

Факултетот го завршил во 1997 година, а веќе наредната година почнал да работи на Детска хирургија. Вели дека не се гледал себеси како детски хирург, ште помалку како кардиохирург, со оглед на тоа дека кардиохирургија за деца кај нас не постоела и допрва ја создавале.

Д-р Владимир Камнар му е најдобар другар од студентски денови

Пет години од животот поминав во развивање трансплантација во Македонија, две години носев тимови во Брисел за едукација за трансплантација на црн дроб кај деца, формирав фондација со која напишавме нов закон за трансплантација и подзаконски акти кои и ден-денес се користат со печат од ЕУ. Не знам колку донаторски конференции и настани сум организирал, комплетно ја реновирав Детската хирургија, направив интензивна нега на клиниката првпат, за да не треба оперираните деца да се шетаат по улици. Секогаш сум сакал да бидам продуктивен, да придонесам нешто, да оставам нешто зад себе, без разлика дали тоа државата го почитува или не. Исто и со Детската кардиохирургија, да оставам нешто од кое се надевам дека придобивка ќе имаат нашите идни поколенија - категоричен е Чадиковски. 



- Му дадоа едно биро, осум години шеташе со екипата по улици како патувачки театар, изгради театар и да, сега тој е најпосетуван и најнаградуван. Татко ми нема добиено ниедна награда за придонес во културата. Сѐ се темелело на ентузијазам, кој јас дефинитивно го имам наследено од него. Денес би го избришал зборот ентузијазам од речник затоа што во оваа држава не вреди. Останува единствено резултатот кој има вредност, а тоа е здраво, порасното, насмеано дете, среќни родители, споделувајќи радост заедно. Најтешкиот дел од оваа професија е, без разлика колку се трудиш и сакаш да помогнеш, тоа што суровоста на животот те стигнува. Тагата е неминовна кај оние кај кои не си успеал да ја победиш болеста - завршува Чадиковски.