Пронајдена пишана плоча под Чифте амам. Дали Јустинијана Прима излегува од Скопската чаршија?

Пронајдена пишана плоча под Чифте амам. Дали Јустинијана Прима излегува од Скопската чаршија?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во археолошката наука со децении се спротивставуваат две тези за таканаречената „Балканска Атлантида“. Едната е дека се наоѓа на локалитетот Царичин Град, кај Лебане, Србија, а втората - дека е близу Скопје


Новопронајдениот голем блок испишан со латински букви, поставен вертикално во темелите на Чифте амам во Старата скопска чаршија, отвора едно горливо прашање во археолошката наука – дали во центарот на Скопје почнаа да излегуваат архитектонските елементи на митскиот град Јустинијана Прима? Амамот е споменик на културата од 15 век, денес преуреден во изложбен простор во рамките на Националната галерија на Македонија, каде што веќе неколку дена се вршат градежни работи за санација на објектот.

Новопронајдената плоча под Чифте амам  Фото: Национална галерија на Македонија

Во науката не е непозната тезата дека „првиот град“ што го изградил императорот Јустинијан Први (482 - 565) веројатно се наоѓа под Старата скопска чаршија. Дали веќе почнуваат да излегуваат материјалните докази што ја потврдуваат оваа теза?
Археологот Киро Ристов, кустос-советник во Музејот на град Скопје, и пред повеќе години и денес ја поддржува тезата дека загубениот град Јустинијана Прима треба да се бара под Чаршијата во Скопје.

- Во изминатите пет години се случија многу работи, се спроведуваа проекти со кои раководеше скопскиот Конзерваторски центар, излегоа многу наоди што треба да се анализираат. Треба добро да се истражи и новопронајдената плоча – дали е надгробен споменик (од некрополата) или почесен споменик од градот, или е донесен од друг локалитет, на пример, од Скупи, и дополнително вграден во Чифте амам. Или бил дополнително вграден во 6 век, во храм на Јустинијана Прима. Сè зависи од тоа дали е дел од изолиран објект или има цел културен хоризонт – вели Ристов.

Јустинијан бил роден во Таор

Дека Јустинијана Прима треба да се бара под Скопската чаршија е само теорија, која може да се потврди единствено со археолошки докази. Теренот мора да се истражи за да може научно да се потврди.
Во археолошката наука со децении се спротивставуваат две тези за таканаречената „Балканска Атлантида“. Едната е дека се наоѓа на локалитетот Царичин Град, кај Лебане, Србија, втората - дека е близу Скопје. Ристов долги години ја истражуваше доцноантичката населба Таурисиум, кај скопското село Таор, каде што историографот Прокопиус запишал дека е роден Јустинијан Први, големиот император на Источното Римско Царство.

Археологот Киро Ристов (во средина)

- Родното место на Јустинијан не е Јустинијана Прима, туку Тауресиум. Од Прокопиус знаеме дека тој ја направил Јустинијана Прима во близина на неговото родно место. Според неговите кажувања, знаеме дека градот имал велелепни улици, убави згради и објекти. Но, дека Царичин Град е родното место на Јустинијан, не држи вода. Цел свет знае дека е роден во Тауресиум, кој не може да биде на исто место со претпоставките за Јустинијана Прима. Тоа се два различни поима, топонима. И едниот и другиот се влезени во историските списи, првиот како негово родно место, вториот како град што го посветил на родното место - вели Ристов.

Скопското кале не даде резултати

Според него, додека не се најде цврст доказ за локацијата на мистериозниот град, секој научник ќе си ја тврди својата теорија. Археолозите од Србија ќе претпоставуваат дека Јустинијана Прима е кај нив, а нашите – дека е кај нас.
- Ние ја почитуваме нивната претпоставка, тие нашата. Лично сметам дека Јустинијана Прима би требало да се бара тука. Царичин Град е едно епископско седиште и можеби е задужбина на Јустинијан или на неговата сопруга Теодора, но не е Јустинијана Прима. Тука е и фактот дека се смета оти Јустинијана Секунда е Охрид - објаснува Ристов.

Мозаик со Јустинијан Први  Фото: Wikimedia Commons

Според него, одговорите треба да се бараат близу неговото родно огниште Тауресиум. Невозможно е да нема никакви остатоци од огромен град што егзистирал 50-60 години, до крајот на 6 век кога бил уништен од варварите.
- Ако Јустинијан направил голем град, кој ќе го носи неговото име, би го направил да личи на Рим и Константинопол, кои многу ги почитувал. Тогаш не би го сместил на височина, со ограничена површина, надвор од патните правци, како што е случајот со Царичин Град. Би го сместил на некоја главна сообраќајница, на рамна површина по примерот на големите градови - смета Ристов.

Локалитетот кај скопското село Таор, каде што се претпоставува дека е Тауресиум 

Тој беше дел од екипата што неколку години интензивно го истражуваше Скопското кале. Од ископувањата не добија резултати дека таму би можела да биде Јустинијана Прима бидејќи пронајдоа малку остатоци од доцноримскиот период. Освен тоа, и тој локалитет е на височинка.
- Претпоставувам дека градот бил распослан под Старата скопска чаршија, од Кале до Султан-муратовата џамија и Саат-кулата. На Бит-пазар и во Чаршијата се случиле многу работи, а тој предел никогаш не бил сериозно истражен, до здрава земја, кога веќе не постојат културни слоеви. Ниту еден археолог во извештаите не напишал дека докрај го спровел археолошкото истражување за да може да увиди што има под слоевите - тврди Ристов.

Масивни градби во подземјето

Ристов вели дека во книгите на познатиот англиски археолог Артур Еванс, кој на почетокот на 20 век престојувал во Скопје, има скица на Безистенот во Скопје. Во средината има дел од огромен објект - ѕид поголем од еден метар, со огромни арки, ѕидан по римскиот терк.
- Кога се градел хотелот „Арка“, на околу 3 метри длабочина градежниците пронашле објект со арки, кој сигурно не е од турскиот период, туку е многу постар. Долу, на 18 метри длабочина наишле на полукружен објект, ѕидан од делкани камења и блокови. Пронашле и два бронзени сада од античко време. Во подрумите на црквата „Св. Спас“ има ѕид од 10 до 12 метри кој сè уште е таму. Можно е да се претпостави дека Јустинијана Прима е пред нашите очи, под нашите стапала - вели Ристов.


Фотографија од Старата скопска чаршија  Фото: Wikimedia Commons

Сепак, тој додава дека тие не значат ништо ако не се направи истражување. Тој е категоричен дека во последните 15 години во Скопје се градат многу нови објекти, се копаат страшни дупки, а археолозите, музеите, заводите за заштита на спомениците немаат никаков увид во тоа. Истражувања немаше ниту кога се градеше хотелот „Арка“.

- Слична теорија имаше и академик Блага Алексова, пред да почине. Таа беше голем истражувач и веројатно човек што најмногу сакаше да ја открие Јустинијана Прима. Не тврдеше дека е во Чаршијата, но беше уверена дека е тука некаде, околу Скопје. Истражував да видам што се случувало во минатото. Тргнав од картите. Најдов мапа на Скопје од 1912 и од 1920 година. Улицата под денешната „Самуилова“ на Кале се викала „Јустинијанова“. Сите други улици подолу се нарекувале „Градиште“ и слично. Топонимијата била изменета по 1945 година, но си останале на мапата. Топонимијата ни е на прво место кога се бара некој локалитет. Можно е акрополата на тој град да била токму на тоа место и оттаму да се спушта градот. Остатоци се најдени дури до Саат-кулата од другата страна. Гледајќи го централното градско јадро на Старата чаршија, бездруго тука бил градот. Сосема може да се претпостави дека под нив има други објекти. Анот бил ан и тогаш и сега. Кога дошле Османлиите, сите цркви ги направиле џамии. Местата се исти - вели Ристов.
 
Што крие Чаршијата денес?  Фото:Wikimedia Commons