Лидија Марковиќ-Росати, стратег за перформанси: Треба да се сака она што се работи, но и да се има самодоверба за да се наплати
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Може да продаваме бурек и да има 10.000 луѓе што го прават тоа и сите да велат „јас сакам да го работам тоа“. Но што се случува? Работат по шаблон и секој секого копира. Настојувам да го извлечат од себе она што е единствено за нив. Кога ќе го сторат тоа, тогаш и нивниот производ ќе биде единствен. Нема да е како другите, туку ќе имаат нешто што е специфично, нивно, вели Марковиќ-Росати
Лидија Марковиќ-Росати од Србија е претприемач и стратег за перформанси, и патува низ светот во улога на ментор/тренер на млади жени-претприемачи, претприемачи и корпоративни тимови. Таа, со повеќе техники, но и лично искуство, им помага нивните идеи да се издигнат на повисоко ниво и да станат успешни профитабилни бизниси.
За женското претприемаштво и за работи што треба да ги знаат жените-претприемачи за да продолжат, да го прошират својот бизнис, Марковиќ-Росати ќе зборува на настанот
„Конференција за 200 жени-претприемачи“, кој ќе се одржи на 5 декември во организација на „Касиа ивентс“.
Таа ќе даде корисни информации и за оние што не се претприемачки, а размислуваат да станат, за тоа како да почнат свој бизнис, што е тоа што треба да го направат.
- Исто така, важна работа за која ќе зборувам е промената на свеста за парите - вели таа.
Што значи тоа да се промени свеста за парите?
- Повеќето луѓе што го водат својот бизнис или размислуваат за тоа не се финансиски едуцирани. Со други зборови, можеби знаат што и како сакаат, ама не знаат како да стигнат до тоа. И многу често не успеваат да ги наплатат своите услуги или крајниот производ, а исто така многу често поради недостиг на самодоверба, информација и знаење за тоа што значи претприемаштво, ќе почнат свој бизнис, но тој станува скапо хоби.
Како сето ова може да функционира добро, а да биде на Балканот?
- Може да функционира на Балканот, јас многу работам со жените на Балканот, а и јас сум од тука. Многу е важно тоа што жените и мажите работат поинаку, работат нетворкинг многу различно, но едни од други може да научат многу работи. Кога е во прашање бизнис, жените си се непријателки една на друга, а всушност може многу да си помогнат ако навистина ја променат свеста за многу работи. И понатаму на Балканот има љубомора, завист... А тоа не мора да биде така. Треба да се радуваме ако некој од нашето опкружување е успешен, жените треба да се поддржуваат. Зашто кога жената е успешна, сите се успешни. Од жената почнува апсолутно сè. Така и се случува финансиското ослободување на жените и така и на мажите им е полесно, зашто не се потпираме само на нив.
Работам и со жени и со мажи, глобално со бизнис-луѓе. Работам со луѓе што имаат идеја за бизнис и им треба да ја развијат и претворат во профитабилна работа. Кога имате идеја, има луѓе што може да ве научат како да ја претворите во бизнис. Но секој бизнис не е профитабилен. Мојата девиза е профитабилен бизнис кој носи пари. Јас често зборувам за тоа. Луѓето имаат проблем да зборуваат за пари и ги сфаќаат парите како некоја табу-тема, а сите потајно ги сакаат и посакуваат.
Што повеќе размислуваме за тоа што сакаме и како сакаме, толку повеќе можеме да се отвораме и со самодоверба да одиме напред. А не да играме игра „не ми е важно“, „ова го правам зашто го сакам“. Секако, треба да се сака она што се работи, ама ако го сакаш тоа, и наплати го, имај самодоверба.
Како им помагате на претприемачите?
- Ако го работат тоа што го сакаат и во моментот не е профитабилно, јас им укажувам што да прават за да биде профитабилно. Може да продаваме бурек и да има 10.000 луѓе што го прават тоа и сите да велат „јас сакам да го работам тоа“. Но што се случува? Работат по шаблон и секој секого копира. Настојувам да го извлечат од себе она што е единствено за нив. Кога ќе го сторат тоа, тогаш и нивниот производ ќе биде единствен. Нема да е како другите, туку ќе имаат нешто што е специфично, нивно.
Не работиме само на надворешното, физичкото, туку и на внатрешното. Тоа е најдобрата комбинација. Зашто нашата работа, нашата благосостојба и здравјето зависат токму од тоа какви процеси во нас се случуваат, што е тоа што го правиме, како се чувствуваме, кон што се стремиме... Тоа всушност го отсликува и го прави нашиот бизнис неуспешен, односно успешен. Ако внатрешните процеси ни се несигурни, тогаш и бизнисот ќе ни биде несигурен.
Какви техники и методи применувате?
- Она што го правам е лидершип - невролингвистичко програмирање што е студија за човековата извонредност. Како постојано и секојдневно постигнувате што подобри резултати и како со промена на себеси го менувате светот околу себе и како тоа што се случува во вашите лични процеси да го пресликате на својот бизнис. Тоа е огромно поле, јас сум сум тренер, мастер, а мојот фокус е на бизнисите. Претприемач сум од 2005 година, а дотогаш работев како банкар во американската „Сити груп“ во Лондон.
Мојот фокус е исклучиво на здрав и свесен бизнис - поставен на цврсти нозе за секоја вечер да си заминеш на спиење знаејќи дека си го направил најдоброто.
Основата на целата моја работа се заснова на автентичност и на интегритет.
Обуките се интерактивни, со фантастични процеси и техники кои се веднаш применливи. Не сега да научиш нешто, па да чекаш една години за да се примени. Користам лични примери од богатото искуство. Работиме со практични примери и совети што даваат резултати. Имам ризница од примери и искуства, имам нешто што другите луѓе го немаат. Со мојот партнер Томас, со кој доаѓам во Македонија, работиме во Европа, во САД, во Њујорк и во Хонгконг, Азија. Тоа се три континенти со различни менталитети и потреби, што исто така ни дава една огромна широчина. На пазарот имаме нешто што не се гледа секојдневно зашто покрај техниките што ги носиме и делиме на нашите едукации, тука има и огромна доза на лично искуства. Со други зборови, ние пренесуваме знаење, не делиме само информации. Има разлика. Даваме практични совети и пренесуваме ноу-хау.