Кога бев студент со Винка Саздова: Бевме горди што сме втора генерација на Катедрата за психологија, како да сме освоиле врв

Кога бев студент со Винка Саздова: Бевме горди што сме втора генерација на Катедрата за психологија, како да сме освоиле врв

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Јас не учев за оценка, учев за себе. И мислам дека тоа е океј. Просекот е за другите, знаењето за тебе лично. Треба да се храни душата, а не егото, вели писателката и издавач во „Кога бев студент“, приказна што Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“

Психологијата била нејзината определба за студирање. Ја засакала благодарение на инспиративните предавања на нејзината професорка по психологија. Иако никогаш не работела во професијата, Винка Саздова во сѐ што работела по студирањето го употребувала знаењето од оваа наука. Исто така и во нејзините романи („Понекогаш доаѓа среќа“, „Последниот чај“, „Полиња со диви нарциси“ и „Луна“), кои се психолошки драми.




Студентските денови, студентските години, за неа претставуваат живеење на сонот. А сонот го сонила во трета година гимназија.
- Жал ми е што не ѝ го помнам името на професорката, но ѝ ги помнам ликот, очите, бојата на гласот. Беше спокојна, блага. Зборуваше тивко, а истовремено страсно и посветено. И токму таа нејзина посветеност ја запали во мене искрата. Одлучив: ќе студирам психологија! Можеби и јас, како и таа, ќе ги спознаам тајните на човечката душа, ќе се разберам себеси, си велев. Да, чинам дека тоа беше клучниот мотив во одбирањето на мојата идна професија – да се спознаам себеси! Имав 17 години. Тоа е доба на многу прашања, а малку одговори. А јас сакав да ги најдам одговорите. Сакав да ги разберам сопствените и туѓите постапки, чувства... – вели писателката и издавач Винка Саздова во нејзината студентска приказна раскажана за Факултети.мк. Имајќи предвид колку убаво умее да раскажува, ѝ оставивме простор самата да ја направи својата целина.

Да се спознаам себеси

- Но, какво разочарување! Кога се подраспрашав, дознав дека во Скопје не постои Факултет по психологија! О, Господи! Па јас не сакам да студирам ништо друго! Ќе бидам психолог или ништо! И ете, за моја среќа, и не само за моја, се разбира, веќе следната година во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје се отвори Катедрата по психологија. Ѝ припаѓав на втората генерација студенти, со што особено се гордеев. Имав чувство дека сум една од одбраните, предводник на нешто ново, нешто големо и непознато.




Додека да се запишам на факултет, ниту еден миг не се двоумев, ниту пак помислив дека би можела да студирам нешто друго. Мојата одлука беше неотповиклива. Како таква им ја соопштив и на моите родители: „Ќе се запишам на психологија!“ - им кажав решително. Рака на срце, не ни морав толку одлучно да настапувам. Тие и онака не ми се мешаа во одлуките, не ми ја наметнуваа својата волја. „Ти си знаеш“ - беше нивниот благослов, за што им бев бескрајно благодарна. А сега, по толку многу години, кога ќе подразмислам, уште повеќе сум им благодарна. Ми дарија слобода, а тоа, заедно со љубовта, е најголемиот дар што родителот може да му го даде на своето дете. И така беше со сè понатаму. Ќе положев со десетка, ќе им кажев. „А, убаво“, ќе одговореа. Ја исчистив прва година. „Супер“. Дипломирав. „Браво!“ Такви ни беа дијалозите што се однесува на моето студирање. Додуша, кога сега размислувам, сфаќам и зошто биле толку спокојни. Ме гледале дека не пропуштам ниту едно предавање, дека учам по цели денови, та зошто да се грижат?

Мразев математика

Има нешто многу интересно околу учењето во гимназија и на факултет. Како да не бев истата. Во гимназија не ми беа толку битни оценките, мислам, битни ми беа, ама учев само кога знаев дека ќе ме испрашаат, и тоа најчесто на одморите. Имав понекоја тројка и петка, многу четворки, и една двојка, по математика (најнакрај, во четврта година стасав и до тројка). Една од петките беше по македонски јазик и литература. Професорката Олга ме обожаваше, секогаш јас читав извадоци од книгите пред класот. Тогаш не знаев зошто верува во мене и ме поттикнува, ама, еве, изгледа била во право. Уште еден професор веруваше во мене - Славе по музичко. „Од Винка ќе стане нешто“, изјавуваше пред цел клас. А јас си мислев: „Што му е, па јас сум толку обична!?“





Македонскиот јазик ми беше омилен, математиката - омразен предмет. И токму таа одбојност кон сè што е број, математичка операција, ми го намали и просекот на факултет. Но, за тоа малку подоцна.
На факултет одев на секое предавање, на сите вежби. Навреме ги полагав испитите, навреме ги предавав семинарските работи. Кога се подготвував за испитите, не оставав ништо на случајноста. Морав да имам сè научено, и тоа беспрекорно. Учев само дење. (Јас сум денски човек, таква и останав, а за тоа најдов поткрепа и во „мојата“ психологија). Постојат два типа луѓе: утки и чучулиги. Првите подобро функционираат ноќе, вторите дење.




И така, значи, станував рано, ќе си подготвев кафе и веднаш на работната маса, со поглед кон дворот од задната страна на куќата во која живеевме. Учев без престан до 4 часот попладне, кога имав мала пауза за ручек и потоа продолжував со учење. Така сè до 6 попладне. По цел ден тишина. Нема другарки, нема телефонски разговори. Ништо не смееше да ми го одвлече вниманието од предметот што го подготвував. Но, затоа, пак, секоја вечер излегував. Додуша, до 22 часот, зашто за да станам рано, морав и рано да си легнам. А во тоа време ретко кој заглавуваше до доцна во ноќта, или до мугри, како сега.

Пред испит – непроспиена ноќ, грч во желудникот

Мој сопатник во студиите беше Славко (тогашно момче, а потем сопруг), кого го сретнав летото пред да се запишам на факултет. Тој беше сведок на мојата опседнатост со психологијата. И сè уште е. Во тоа време водев дневник и во него, освен за моите љубовни „маки“, сигурно има и размисли за студентските вознеси и премрежиња. Но кој да го чита сега? И пред секој испит секогаш истото: непроспиена ноќ, грч во желудникот. И чувство дека не знам ништо. Ама баш ништо! Сè дури не ги добиев прашањата. Тогаш како да излегував од тунел. Бидејќи помнев визуелно, мигновено пред очите ми се појавуваше одговорот. И почнував, најпрвин тивко, а потем сè поодлучно. За на крај, професорите со задоволно кимање да ме прекинат и да ми напишат деветка или десетка во индексот.




Да, јас навистина бев добар студент. Бев како маѓепсана. Не само што учев, ами и читав книги од областа на психологијата. Сакав што повеќе да спознаам, за да можам утре, кога ќе дојде денот, да им помагам на луѓето. Тоа беше мојот сон: да помагам! И верував дека имам дарба за тоа. Каков младешки занес! Се возам со автобус накај факултет и ги набљудувам патниците. Се обидувам според нивните фацијални карактеристики, според нивниот лик, да им ја проценам личноста. Овој е таков и таков..., а оној ваков..., заклучувам. Смешно! Вистински експерт! Отпосле, се разбира, спознав дека не треба да се избрзува со заклучоци, дека појавното може и да прелаже. Но, тоа е другата школа. Вистинската. Школата на искуството. На животот.




Значи, ако учев толку многу, зошто имав просек од само 9,00? За тоа е „виновна“ мојата омразена математика. Додуша, психометрија, ама тоа му доаѓа некако исто. Каде што има бројки, јас потфрлав, поточно, не се ни обидував нешто да научам. И така, шестката од психометрија ми го намали просекот. Но, тоа ништо не ми значеше. Јас не учев за оценка, учев за себе. И мислам дека тоа е океј. Просекот е за другите, знаењето за тебе лично. Треба да се храни душата, а не егото. Психологот во мене можеби ќе каже и дека толку добро се подготвував за испитите за да не се чувствувам инфериорно, несигурно, па дури и безвредно, ама сега нема да навлегуваме во психолошки анализи. Говориме за факти. А еден од фактите беше, како што кажав, дека ѝ припаѓав на втората генерација студенти на Катедрата по психологија. И сите бевме некако горди што сме меѓу првите што се запишале на овој факултет. Тоа ни изгледаше како меѓу првите да сме освоиле некој врв. Непознат и мистичен за многумина.

Не пропуштавме предавање

Тоа дека Катедрата беше штотуку основана можеше да се види и преку недостигот на учебници и на професори. Ретки беа предметите за кои имавме учебници, та затоа предавањата ги запишувавме во тетратки. И потем од нив учевме. Ова на некој начин беше и предност: бевме поттикнати да не пропуштиме ниту едно предавање, а добивавме и сублимиран текст за испитите. И вториот недостиг беше исто така предност. Ни доаѓаа професори и асистенти од Белград, каде што Факултетот за психологија имаше традиција. Се разбира, ни предаваа на српски, но тоа нам не ни пречеше, не зашто го учевме српскиот јазик уште во основно училиште, ами зашто речиси сите стручни книги и белетристиката што ги читавме беа на српски (во тоа време многу малку се преведуваше на македонски јазик).
Меѓу овие гости професори беше и Предраг Огњеновиќ, кој ни предаваше Општа психологија 2. Го помнам по леснотијата со која ги држеше предавањата, по шармот и по лулето што го павкаше кога ќе излезеше од предавалната.




Првиот професор со кој се сретнавме беше основачот и шефот на Катедрата, Ристо Ѓорѓевски, кој ни предаваше Општа психологија. Него го помнам по лекцијата за приоритетот на нагоните, за тоа дека доколку си гладен и уморен, ти попрво ќе си легнеш да спиеш одошто да седнеш на маса за да јадеш. Професорката по генетика, Шопова, ја помнам по предавањата за доминантни и рецесивни гени (тогаш научив дека сините очи имаат рецесивен ген, што значи ќе се пројават во второ колено), Јаков Лазаров по предавањето за улогата на средината врз манифестацијата на емоциите (она што е нормално за едно африканско племе, не е и за еден Европеец), Олга Мурџева-Шкариќ, професорката по Детска психологија, по тоа дека детето е татко на човекот (а сите знаеме дека таткото на ова мото е Сигмунд Фројд), професорот по Логика, пак, Митко Илиевски, по уката за силогистичкото заклучување.
Севкупно, имав навистина добри професори. Посветени во пренесувањето на сопственото знаење. Се разбира, имав и омилени предмети: Генетика, Логика и Психопатологија. Последниот ми остави најсилен впечаток. Можеби зашто одевме на предавање на Медицинскиот факултет, а на вежби во Психијатриската клиника, и тоа во подрумот, кај најтешките случаи...

Никогаш нема да работам како клинички психолог

И ден-денес пред очи ми се пациентите од подрумот. Младичот со манијачна депресија, девојката со параноидна шизофренија, жената со клиничка депресија, средношколката со обид за самоубиство, саатчијата со невроза... Вежбите ни ги држеше Витомир Мицев, тогашен асистент, кој со своето сликовито изразување ја засилуваше севкупната драматика. Како да беше малку за нас, сè уште неопитни души, да го гледаме младичот еднаш во еуфорија, а веќе следната недела згаснат, девојката со халуцинации на која ѝ даваа електрошокови, мајката што беше заборавила дека има деца... Многу беше тажно сето тоа. Заклучена врата, решетки на прозорците, застоен воздух, луѓе како духови.




Не, јас никогаш нема да работам како клинички психолог, одлучив. Мојата кревка душа не може да ги поднесе овие човечки страдања. И прашање: каде е границата меѓу нормалното и лудилото? Што е лудо, а што нормално? Чинам дека сè уште никој го нема одговорот.
Уште едно мое искуство ми е многу драгоцено: праксата кај психологот Невена Тренкоска во Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Многу научив од Невена, а добив и многу топлина од неа, за што сум ѝ бескрајно благодарна. Таа ми покажа каков треба да биде психологот: тивок, спокоен, сомилосен, благ. Таква ќе бидам, си ветив, посакав. Но, животот имаше поинакво сценарио за мене...

Ја применив психологијата во моите интервјуа

Кога ќе помислам на студентските денови, пред очи ми се појавуваат неколку сцени: преполн градски автобус со метеж каков што денес не може да се замисли, притеснет во менгеме од тела, студен или пеколен амфитеатар, пиење кафе или сок со колегите во студентското бифе. Колегите... Нè имаше многумина сонувачи, се препознававме и се здружувавме. Освен мудрувањата околу психологијата, муабетите ни беа како и на сите млади. Зборувавме за музика, забава, хоби, мода... Да, тие беа навистина убави, безгрижни денови и години.
Ги почнав студиите во 1975, а дипломирав во 1980 година. Една година го пролонгирав дипломирањето поради раѓањето на мојот син Александар. Ми беа останале два испита. Тие беа најтешките испити за мене. Не се учи додека умот и срцето ти се на друго место.
Како и да е, откако дипломирав, сета полетна, почнав да барам работа. Но, поминаа две години, а јас никако да се вработам. Секаде бев прва на ранг-листата, со висок просек, постдипломски студии (да, заборавив да кажам дека откако дипломирав решив да продолжам со школувањето), без никакви приходи (мојот сопруг Славко беше во војска), но попусто. Немав „врски“.


Бев (и секогаш сум) ќерка на Љубомир и Верка, едноставни луѓе со висок морал и етика. Поминаа две години и видов-не видов се вработив во културната рубрика на „Вечер“. Бев одговорна за сликарството и археологијата. И го мразев новинарството зашто поради него не ми се обвистини сонот. Зашто мислев дека би била подобар психолог отколку новинар. Но, и без да сетам, почнав да ја применувам психологијата во интервјуата што ги правев со уметниците. Поставував прашања што проникнуваа во затскриените светови на соговорниците. Во меѓувреме, бев и приватен психолог на моите пријатели. Ги советував, им ги толкував соништата, ха-ха-ха...
А потоа, кога станав издавач, почнав да ги објавувам книгите што ги сакав. Меѓу нив беа и „Човекот и неговите симболи“ од Карл Густав Јунг, „Уметноста на љубовта“ од Ерих Фром, „Неугодното во културата“ од Сигмунд Фројд. И најнакрај, сега, во моите книги, зборува психологот во мене. Сите мои романи се психолошки драми, во кои се обидувам да проникнам во внатрешните човекови бури. Во љубовта, стравот, далечините, разминувањата...


Да, сега можам слободно да изјавам: јас сум реализиран психолог во сопствениот живот. Сè што сум спознала, од студиите или искуствено, преку себе, го преточувам во приказни. Притоа се водам од едно едноставно правило: различни сме, а сепак исто чувствуваме. Различна ни е реалноста, исти ни се сништата. Токму ова сознание ме ослободува. Можам слободно да ги изразам сопствените чувства зашто не сум поразлична од другите. Всушност, затоа и читаме. Себеси се бараме во туѓите приказни. Книгите се огледало. Во нив самите се огледуваме. Себеси се среќаваме.