Кога бев студент со Александар Прокопиев: Во прва година бев амбициозен, а потоа ме фати рокенролот и десетките се стопија

Кога бев студент со Александар Прокопиев: Во прва година бев амбициозен, а потоа ме фати рокенролот и десетките се стопија

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој петок организиравме собири на актуелни и поранешни студенти на Компаратива. Дискутиравме на различни теми поврзани со книжевноста. Живеев убаво затоа што заработував, што од објавени текстови по студентските списанија (во тоа време одлично нѐ плаќаа) што од настапи по белградски клубови. Бев како мал бог, се потсетува писателот и универзитетски професор во студентската приказна што Факултети.мк и „Пивара Скопје“ ви ја раскажуваат заедно


Прокопиев во рокерската фаза во студентските денови

Писателот и универзитетски професор Александар Прокопиев има многу приказни да ви раскаже. Другарувал со книгите од мал, кога буквално му служеле со нив да гради светови, за книгата подоцна да му стане животна определба. Изборот да студира на Факултетот за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Белград (со оглед на тоа дека во Скопје сѐ уште не бил основан факултетот), се чини сосема разумен. Дипломирал во 1977 година. Иако во средно (гимназијата „Орце Николов“) многу ги сакал биологијата и литературата, сепак, книгите победиле. Пред да се реши за Компаративна, посакувал да запише и режија на ФАМУ во Прага, но било скапо за неговото семејство. Последипломски студии завршил во Париз на „Сорбона“.

Биологија и литература - омилени предмети

Навраќајќи се на средношколските денови, вели дека најмногу му оделе македонскиот јазик и биологијата, а ја сакал и театарската сцена. Учел во многу силен клас - заедно со Салис Таџер, Људмил Спасов, Ставре Џиков, Нехар Селим... Размислувал многу како режисер и со дел од соучениците правеле авандгардни театарски перформанси.
- Во подрумот во сегашниот „Салон 19,19“ правевме перформанси. Главна улога беше Нехар, учествуваа Весна Пендаровска, Кица Барџиева (Колбе). Надвор беше преполно и се врткаа сомнителни типови кои нè проверуваа што правиме - се смее Прокопиев.



Во средношколските денови многу се дружел со Салис Таџер, денес успешен кардиохирург.
- Тој беше многу интересен лик, свиревме заедно, пеевме, но и учевме биологија. Јас можев да се загледам во микроскопот многу време и тој постојано ми викаше, што толку долго гледаш, земи број (анализиравме крвна слика), но мене ме одушевуваа формите. На натпревар во Загреб во трета година освоивме второ место со нашиот експеримент врз глувци и тогаш го дадов моето прво интервју и сите беа одушевени. Многу ми беше жал што ги зрачевме глувчињата. Кога се вративме назад, ги чувавме во кафез во гимназијата. Јас не можев да го поднесам веќе тој момент и ги пуштив од кафезот. Влегов на час и му соопштив на професорот што направив. Му реков: „Професоре, јас ги пуштив глувчињата, ми беше жал да ги гледам затворени“. А тој збесна. И така падна во вода сѐ што направивме, тој беше многу гневен. Потоа „ми се смири“ - раскажува Прокопиев.

Узбуна дека се запишувам на Компаративна

Во пошироката фамилија Прокопиеви имало лекари и кога ја слушнале неговата желба за студирање, биле изненадени и секој на свој начин се обидувал да го премисли.
- Најголемата паника ја крена мајка ми, која се плашеше дека ќе одам меѓу боеми, сомнителни девојки... На татко ми, кој беше болен и беше во Игало, му пишала за да преземе нешто за да ме разубеди, но тој ме поддржа. Вујко ми специјализира психијатрија и тој дојде да ме разубедува. Ама нему му беше многу јасно што сакам да правам и ми ја даде најголемата поддршка - вели тој.


Од алтернативниот театар не се откажувал ни подоцна. Бил дел и од театарската група „Ситуакција“. Со своја претстава добиле награда за најекспериментална претстава, со која учествувале и на голем фестивал за алтернативни сцени во Лион во 1993 година и го освоиле првото место.

- Едвај успеавме да заминеме во Франција. Во таа група бевме заедно со Миро Масин, Лидија Шопова, Виолета Крстиќ, Драган Георгиевски, Илија Зимбо. Ја игравме „Фаличниот месечар и змијата сребренат во ноќните игри“ и го освоивме првото место и добивме парична награда, со која сите заедно го шетавме Париз цела недела - вели Прокопиев.
Неговата мајка била професорка по литература, а татко му имал богата библиотека и тој е пораснат со книгите. Вели дека од дете градел градови од книги. Со неговите другари многу често си глумеле.

- Беше проблем кога имавме љубовни сцени, а сите бевме машки, пајкомаалци, и слабо игравме со девојчиња. И што да правиме кога доаѓаше некоја сцена во која треба да се појави девојка. Се сетив, зедов една перница и таа ни беше првиот женски лик во претставите - се смее професорот.

Интересни колеги на факултет

На студии во Белград запознал многу интересни ликови, писатели, музичари. Во група биле 20-ина студенти. Меѓу нив биле Светислав Басара, Драган Великиќ, Магдалена Водопија, Божин Петковиќ. А учеле од одлични професори. Пишувале во студентски списанија, но и во списанието на Давид Албахари.

- Јас имав среќа, сите градови во кои сум живеел подолго биле во одлична фаза. Белград од 1971 до 1980 беше преубав град. Вториот град, на постдипломските во Париз, 1982/83 беше преубав. На факултет се дружев буквално со сите. Колешката Мирјана Божин станала режисерка и денес живее на село во Шпанија. Таа многу сакаше да биде најдобар студент. Mногу бубаше, а јас имав многу подобро предзнаење од неа. На некој важен испит јас добив 10, а таа 9. И не се воздржа да ми се пожали дека таа требало да има повисока оценка, а дека јас не сум учел доволно...


Со британската писателка Фиона Самсон


Во рокенрол-фазата десетките се топеа

Во прва година бил амбициозен студент, но набрзо го завлекла рокенрол-музиката. Тој бил клавијатурист во многу групи уште во средно школо, а рокенролската фаза се зајакнала во Белград.

- Уште пред факултет свирев со Кокан Димушевски, со Гаро Тавитјан настапувавме во Охрид со разни бендови, а во еден од нив пееше Верица Ристевска. Во Белград свирев во еден бар и така си заработував за џепарлак. Синот на газдите на станот во кој што живеев имаше многу убав клавир. Ме запозна со неговите најдобри другари, а еден од нив беше Влада Дивљан. Настапував со групите „Мерлин“, „Звук улице“, од кои подоцна настана „Идоли“. Почна да ме завлекува рокерскиот живот - проби, настапи, почнав да го запоставувам факултетот и оценките од 10-ки ги намалив на 8-ки - вели Прокопиев.

Тој е презадоволен од сите професори од кои можел да учи или како што вели тој - беа „кој од кој подобар“. Имале многу списанија во кои твореле. Се дружеле со Давид Албахари, со Данило Киш и редица други што подоцна станаа почитувани автори на југословенските простори.
- Секој петок организиравме собири на актуелни и поранешни студенти на Компаратива. Доаѓаа Киш, Пекиќ, Нико Коваќ, доајени. Дискутиравме на различни теми поврзани со книжевноста. Во студентските денови главно живеев во стан и секогаш имав цимери. Живеев убаво затоа што заработував, од објавени текстови по студентските списанија (во тоа време одлично нѐ плаќаа), плус, настапував и во клубови. Бев како мал бог - се смее писателот.


Заедно со колегата од факултет, Светислав Басара, кој доби награда на фестивалот „Про-За Балкан“ во Скопје

Инцидент со асистент

Рокенролот почнал да му го одзема вниманието малку повеќе по првата година. Малку требало за да го избркаат од факултет во втора година затоа што иницирал инцидент со асистент. Задоцнил на час кај Владета Јанковиќ, кој му бил асистент на професорот Ѓуриќ, кој предавал Стара книжевност.
- Доцнев на час и веројатно сум бил разбушавен, којзнае како сум изгледал и тој горд, самоуверен ми рече: „Што барате овде? Надвор!“ И јас, затоа што бев бесен, а веќе бев во рокенрол-расположение, отидов до првата бутка и купив пиштол на вода и се вратив со намера да го испрскам. Чекав на пауза да излезе за да го испрскам. Му одам со пиштолчето, го притиснав него на влезната врата и му реков нешто навредливо, ама, за среќа, не прснав. Тој се избезуми. Поради тоа сакаа да ме избркаат. По неколку дена ме фати страв и ме удри реалноста, прво бев горд пред другарите, ама потоа се исплашив што ќе им кажам на родителите. Ме спаси професорката по руска литература Нана Богдановиќ, која многу ме сакаше. Ме советуваше да напишам извинување до асистентот и до деканот. Таа ми диктираше, јас запишував. Писмото беше патетично и одвратно. Деканот ми вели: „А бре, Александре, користи го тој твој темперамент за креативни работи, пишувај“. Ме вратија на факултет, се спасив - се потсетува Прокопиев.

Влада Дивљан ми беше голем пријател докрај

Тој бил голем пријател со српскиот пејач Дивљан, со кого заедно формирале неколку бендови и настапувале во белградски клубови.
- Влада Дивљан ми беше другар, пред сѐ, години пред да се формира „Идоли“, а со членовите на групата сѐ уште имам одлични односи. Влада беше голем другар, топла личност, добар човек. Тој беше најталентиран од групата и најразличен од сите. Седум години музицирав со таа екипа. Со Влада прво ја формиравме групата „Мерлин“, па „Звук улице“, а од нив подоцна настана „Идоли“. Се кршев во себе дали да продолжам со музиката или со книжевноста и го избрав второто. Додека бев во војска, во Авала, блиску до Белград, Влада ми ги носеше таму инструментите, свиревме со Мики Јовановски-Џафер во армискиот оркестар и бевме многу блиски. Во тоа време се забавував со мојата денешна сопруга Јелка и тие ми префрлаа дека сум се откажал заради љубов. Можеби има малку вистина во ова, ама литературата беше главна причина.


Заедно со Алек Попов

Откако ги завршил студиите, се запишал на магистерски. Иако го немал потребниот просек од 8,5, со оглед на тоа дека многу пишувал есеи, огледи, критики и имал објави, му дозволиле да се запише. Останал во Белград и откако ги завршил.

- Правевме незаборавни забави каде што се собираа сликари, уметници. Се забавуваме, живеев во огромен стан, едниот цимер беше пилот, другиот – претставник на „Колинска“ за Србија и јас. Правилото беше кога еден прави журка - другите ги снемува. На една од журките на врата се појави Васе Манчев, чии дела веќе ги имав читано. Ми понуди да работам на третата програма на Македонското радио во културната рубрика. Тоа беше во 1980 година, кога Белград веќе почна да личи на нешто друго и го немаше тој сјај. Ја прифатив понудата, ме примија, а меѓу кандидатите бевме двајцата со долги коси – јас и Ивица Џепароски, кој конкурираше за научната програма. Главниот уредник го викавме Пиноче, а името ќе ви каже зошто. Јас правев одлични програми, ама не трпев авторитети, ниту тогаш ниту сега. Ја разработив програмата и ме тргна од програмата. Ме обвинуваше дека сум имал анархо-либерални ставови и тогаш ја направив втората будалеста работа. Скокнав на масата и му реков: „Еве. За мене, ова е скулптура!“ Тој се исплаши, ја викна секретарката и ме избрка - раскажува Прокопиев.

Голи на насловна на „Студент“

Во 70-тите години студентите од Белград многу го почитувале списанието „Студент“, каде што пишувал и Прокопиев. Настанало проблем кога објавиле анализа што би се случило со Југославија по Тито и напишале дека таа ќе пропадне.

- Тој период беше многу строго. Тоа беше многу јака анализа, по што Тито нареди списанието да не излегува повеќе. Но, ние, изреволтирани, во мал тираж од 50 примероци отпечативме насловна страница на списанието на која бевме сликани голи. Таа фотографија ме прогонуваше подоцна, кога требаше да најдам работа во Скопје, и бев обвинуван дека сум антидржавен елемент. Одбија да ме примат на факултетот во Скопје, оти моите противкандидати ја извадиле насловната страница. Потоа се формира Институтот за литература и со голема помош на двајца-тројца професори, ме примија - се потсетува професорот.


Со групата „Ситуакција“ во 1993 година беа најдобри на фестивал во Лион

И во Скопје не се откажал од рокенролот и од театарот. Заедно со свои пријатели-уметници ја формирале УСТА – универзална самостојна творечка асоцијација. Дел од овој состав биле: Милчо Манчевски, Игор Тошевски, Димче Дурацовски, Драги Михајловски, Христо Петрески, Јадранка Владова, Елизабета Шелева.

Сорбона го има во многу убаво сеќавање. Му предавале легендарните Милан Кундера, Клод Леви-Строс.
- Имав среќна ѕвезда да ми предаваат такви великани. Постдипломските ми беа во рамките на Институтот за словенски литератури. Французите имаат државен докторат, а ако сакаш научен докторат, остануваш уште две години. Но, во тоа време, татко ми се разболи и не можев да останам подолго во Франција. Докторатот го завршив во Скопје, но со материјата што ја работев таму - „Патот на бајката од митот до најсовремените медиуми“ - вели Прокопиев.

На прашањето какви биле овие легендарни професори, тој вели:
- Жените го обожаваа Кундера и на неговите предавања доаѓаа и два часа порано за да си фатат место во првите редови. Тој беше кул, неговиот француски не беше добар, но начинот на кој предаваше за романот на преминот помеѓу 19 и 20 век беше фасцинантен. Леви-Строс беше симбол на неуништлива енергија. Тој имаше близу 80 години и беше доктор емеритус. Беше многу енергичен предавач. Во Париз и денес одам многу често и имам пријатели-уметници со кои многу сакам да се дружам. Парижаните имаат посебен шарм и со нив многу сакам да разговарам - споделува професорот.