Македонија талка по одговори. Како Хрватска го реши финансирањето на научните олимпијади?

Македонија талка по одговори. Како Хрватска го реши финансирањето на научните олимпијади?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк спроведе комплексна анализа на актуелната состојба за да се најде решение не само за проблемот со финансирање на меѓународните научни јуниорски олимпијади, туку и за моделот на поддршка и развој на надарени и талентирани ученици

Надарени и талентирани ученици не заминуваат на меѓународни научни олимпијади зашто нивните родители не можат да ги поднесат трошоците, универзитетски професори, доктори на науки ги молат газдите на приватни фирми да им ги спонзорираат авиобилетите, наши иселеници во Шведска организираат донаторски вечери за надежните ученици да заминат на меѓународен натпревар...

Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат нашите тимови што учествуваат на меѓународните јуниорски олимпијади по физика, хемија, математика, информатика, биологија... Засегнати се учениците, нивните наставници и менторите од научните здруженија кои најчесто ги организираат подготовките, семејствата кои сносат најголем дел од трошоците, но не и институциите што треба да се грижат за овој сегмент од нашиот образовен систем.


Тимот кој освои медал на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Боцвана

Тоа беше причина за Фондот за иновации и технолошки развој и порталот Факултети.мк да спроведат комплексна анализа на актуелната состојба и да се најде решение не само за проблемот со финансирање на меѓународните научни јуниорски олимпијади, туку и за моделот на поддршка и развој на надарени и талентирани ученици.

Нашите ученици сè сами финансираат

Вниманието на медиумите го привлекоа токму учениците кои во изминатите години некако успеваа да заминат на олимпијада и редовно се враќаа со освоени медали. Последна беше Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, која пред четири месеци се одржа во Боцвана. Учениците одвај заминаа, а се вратија со медал.

Подготовките за овие натпревари ги организираат сојузите и научните друштва од секоја област, а селекцијата најчесто оди преку државните натпревари по одреден предмет. Преку неколку селекции, олимпискиот тим се избира од учениците што постигнале најдобри резултати. Следуваат интензивни подготовки од неколку месеци, со ментори-универзитетски професори. Трошоците за подготовките се на товар на учениците, а професорите работат од ентузијазам.


Проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска

Проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на Македонското биолошко друштво (МБД), објаснува дека подготовките за Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (физика, хемија и биологија) траат 12 недели. Учениците работат секој петок и сабота, а тие што не се родум од Скопје мора да го решат и проблемот со преспивање.
- Сите сè финансираат сами, од својот џеб. Многу вложуваат родителите, наставниците, некогаш општината, училиштето. Сè се сведува на ентузијазам. Основците што покажуваат одлични резултати на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки многу често потоа продолжуваат како олимпијци во физика или хемија. Тие имаат голема лична мотивација за да напредуваат и се борат да влезат во тимот. Но неопходно е системско решение. Досега Министерството за образование и наука немало никаква одговорност за стимулација на олимпијадите. Оттаму потекнува проблемот - вели Диневска-Ќовкаровска.

Чудни правилници

Доц. д-р Ламбе Барандовски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), е олимпиец од 1997 година. Тој е долгогодишен учесник на натпреварите по физика, а последните четири години и водич на тимот на млади физичари кои учествуваат на меѓународните олимпијади по физика.
- Тоа што го правам го правам единствено од љубов кон натпреварите - објаснува тој.


Доцентите д-р Боце Митревски (лево) и д-р Ламбе Барандовски, ментори на олимпијадите по физика

Учеството на олимпијадата во Боцвана го организираа МБД, ДФРМ и Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ). Друштвата (непрофитни организации) сами ја платија котизацијата за учество од 1.000 американски долари, трошоците за виза, а за авиобилети одвај собраа средства, со помош на наша иселеничка во Соединетите Американски Држави која на интернет отвори добротворен фонд за донации.
- Трошоци за подготовка, потрошни материјали, хонорари за тие што ги подготвуваат децата... ништо не е обезбедено. Ниту тоа што децата двапати неделно доаѓаат на подготовки, или преспиваат во Скопје. Не еднаш се случило родителите да го покриваат трошоците на децата - вели Барандовски.

Некогаш поддршка добиваат од Агенцијата за млади и спорт. Барандовски објаснува дека ако Агенцијата одлучи да им обезбеди пари на децата што имаат повеќе од 15 години, може да префрлат две просечни плати на сметка на ученик. Но, според правилникот на Агенцијата, пари може да им се префрлат на лица од 15 до 29 години. Често се случува половина тим да не ги исполнува условите, односно децата да немаат 15 години, па поддршка да добијат само неколку деца. Тоа влијае демотивирачки врз останатите ученици.


Подготовки на нашите ученици

- Годинава Јуниорската олимпијада по природни науки ќе се одржува во Катар. За нас повторно ќе биде пекол за организирање. Овој проблем мора да се реши - дополнува Диневска-Ќовкаровска.

Децата се рамноправни според знаењата

На прашањето како се платени часовите на професорите кои ги подготвуваат учениците за овие натпревари, проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ, кусо одговара:
- Никако.

Така, сите прават сè од ентузијазам. СХТМ го организира учеството на Меѓународната олимпијада по хемија. Како и секоја, така и оваа година патувањето е неизвесно.
- Од немај-каде, се интересирам околу финансирањето, како ќе ги собереме сите средства. Да не испадне дека ние само вежбаме, а тимот не може да оди. Тука не може да се говори за никакво достоинство. Панталоните ни се скинати од коленичење и молење. Сведоци сме дека закони може да се менуваат и двапати годишно. Што е проблемот со ова тогаш? Зошто да не може да се реши - прашува тој.
Од друга страна, од нашето досегашно учество на олимпијадите по хемија на кои учениците исто така освојувале медали, статистиката покажува дека не котираме лошо во однос на опкружувањето.


Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ

- Ние не можеме да се мериме со Бугарите, кои имаат буџети што ние не можеме да ги замислиме, или со Хрватите и Словенците. Но, кога децата ќе видат дека се рамноправни според знаењата и тоа што го постигнале, тоа им дава самодоверба да продолжат во овие дејности - објаснува Здравковски.

Какви се придобивките од учеството на олимпијадите? Според Барандовски, децата
што еднаш учествувале, па успеале да изборат пласман и следната година, секогаш постигнуваат подобри резултати.
- Имаме неколку такви примери од физика. Не само што се намалува тремата, туку и расте самодовербата кога ќе направите добар резултат на првата олимпијада. Наредната секогаш е подобра - објаснува тој.

И ние го имавме моделот, но сме го заборавиле

На прашањето како земјите од регионот го решиле проблемот со финансирањето на научните олимпијади, Барандовски вели:
- Како и во Македонија, и во Хрватска натпреварите ги акредитира Министерството за образование и наука. Но, со самата акредитација министерството презема обврска да ги финансира натпреварите што смета дека се од посебен државен интерес. И кај нас има таква листа, но МОН не сноси апсолутно никакви трошоци околу нивното организирање и одржување. Сето тоа го прават здруженијата, во најголем процент на доброволна основа. Хрватска за сите натпревари што ги организира годишно има вкупен буџет од околу 1,5 милион евра. Од тој буџет се организираат жупаниските натпревари, регионалните и државните и ги финансира комплетните трошоци за олимпијадите. Здруженијата што ги организираат подготовките се наречени здруженија од посебен интерес за државата и за нив не важат истите правила како за другите друштва - вели тој.


Достигнувањата на нашите ученици

Здравковски објаснува дека Хрватска ја продолжува традицијата на Југославија.
- Сестра ми учествувала на математичка олимпијада во 1962 година. Екипата и ден-денес се дружи, сите се угледни професори по светов. И тогаш овие важни настани ги финансирала државата, преку тогашното министерство за образование на Југославија, на сојузно ниво. Ние сме имале традиции, но сме ги заборавиле - вели Здравковски.

Инвестиција во иднината на една земја

Барандовски објаснува како Малезија е добар пример колку некои држави се сериозни во организирањето натпревари.
- Во оваа технолошки високоразвиена држава постои Факултет за физика, чија научна работа исклучиво е врзана со натпреварите по физика и подготовката на учениците за учество на олимпијадите по физика - вели тој.

На прашањето колку Македонија има капацитет да организира меѓународна научна олимпијада - настан од светски размери, Барандовски објаснува дека олимпијадите поврзани со образование или наука носат профит кој не го забележувате, и тоа на долг рок.


Инвестирање во наука значи вложување во човечки потенцијал / Фото: Flickr

- Олимпијади по физика, математика, природни науки, не организираат само богатите држави, туку оние што препознаваат во тоа иднина, добри можности во иднина, држави кои гледаат 20, 30 години напред. Пример за тоа е случајот на една од најсиромашните држави во светот – Бангладеш, која пред неколку години ја доби организацијата нa Меѓународната олимпијада по физика за 2041 година - година во која Бангладеш ќе ја прослави стогодишнината од својата државност. За тоа се подготвуваат од 2015 година. Бангладеш - држава која има десетпати понизок стандард од Македонија, сака да биде домаќин на светска олимпијада по физика. Кога поголем дел од нас, особено сегашните и идните политичари, ќе го сфатиме ова, тогаш ќе бидеме подготвени да почнеме со подготовки на еден ваков настан. Тогаш можат да почнат подготовките. Но пред тоа, да се научиме дека учеството на меѓународните олимпијади не е трошок, туку вложување во талентирани ученици, во иднината на оваа држава, нејзиниот просперитет и промоција во светот. Кина целосно го финансира учеството на учениците на научните олимпијади по физика. Но, прави своевиден поврат на тие средства - тие ученици мора да се запишат и минимум една година да поминат на најдобриот факултет за физика, кој е во Пекинг. Тоа им е обврска. Така вложуваат во човечкиот потенцијал. Оти држава која не инвестира во наука, реално ќе престане да постои - вели Барандовски.