Марина ја зарази Гевгелија со ентузијазам – го чисти градот, донира спортска опрема за училиштата, им помага на болните

Марина ја зарази Гевгелија со ентузијазам – го чисти градот, донира спортска опрема за училиштата, им помага на болните

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Горда сум на сите мои соработници во Changemakers4all и на сите граѓани што несебично нè поддржуваат, вели гевгеличанката Марина Томова

Историјата покажува дека поединци можат да направат многу важни работи, се разбира, доколку успеат да го убедат светот да ги слушне, а уште повеќе и да им се придружи. Тоа го докажува и активистката Марина Томова од Гевгелија, која во изминатата година направи голема промена, пред сѐ, кај еколошката свест на своите сограѓани.


Акција за чистење на излетничкото место Сифулајка (фото: Димитар Новаков)

Томова 15 години живеела во Холандија. Пред две години одлучила да се врати во својот роден град и да направи некаква промена не само за себе, туку и за своите сограѓани. Понесена од мотивот својот роден град да го направи подобро место за живеење, да се бори со песимизмот и со политиката, таа заедно со свои сограѓани, но и пријатели од Холандија пред точно една година го основа здружението „Changemakers4all“. И оттогаш ентузијазмот не спласнува, а бројот на поддржувачи расте.



Со Томова поразговаравме за мотивите, но и за резултатите од полињата на кои дејствуваат. А тие не се воопшто тесни – екологија, образование, спорт, земјоделство...
- Од 2002 година живеев во Холандија. Одлучив да се вратам во родниот град, најмногу поради мојот син, кому овде му е многу поубаво. Доаѓајќи на одмор во периодот до 2017 година, од Македонија ме разделуваше само пат од два и пол часа. И на секое доаѓање добивав „културен шок“ и тоа најмногу во истакнатите разлики помеѓу граѓаните, поделени на богати и сиромашни, а еден дел како средна класа; повеќето партиски определени. Ми беше чудно што речиси при секоја средба со некого неизбежна тема беше политиката. Почувствував наметната политика и страв за слобода на говор и дејствување, борба за човекови права. Многу ме повредуваше сликата на мојата Гевгелија во која како да изумираа другарството и одговорноста за многу работи – вели Томова.



Опкружена со голем песимизам дека ништо не може да се промени, нејзиното внимание го свртела во обратна насока.
- Собрав неколку истомисленици од различни генерации кои знам дека размислуваат различно, а се изненадив дека ги има многу и го формиравме „Changemakers4all“. Сакав да бидеме пример за промени во нашиот регион, но и пошироко. Започнавме со сета одговорност и труд – вели Томова, која е претседател на здружението.



Нејзини најблиски соработници се: Димитар Мијов, Гоце Тасевски, Венци Ристов, Димитар Новаков, Владо Ангеловски, како членови на извршниот одбор, а членови се Марија Караџова, Александра Југовски, Игор Јанчев и Ристо Томов.
Екологијата е главниот фокус на ова здружение. Неколку успешни акции на чистење во околината на градот се реализирани, а позитивно е и тоа што се воспоставува и соработка со Општината.



- Имаме прекрасна природа, историја, култура, спорт. Имаме што да му покажеме и да му понудиме на светот. Но, тоа не оди во комбинација со отпад насекаде и со несовесност. Акцијата за чистење на Вардарскиот Рид, местото на нашето детство и младост, беше најпосетена. Горди сме на успехот, заедничката помош, одговорност и што е најважно, другарство и еднаквост во промените во кои сме зафатени. Нашата цел е да ја подигнеме свеста, одговорноста кај граѓаните и да го чуваме нашето културно наследство, а и да ја почитуваме природата, пред сѐ. Нашата цел е да го сплотиме народот, без разлика на политичка определеност, националност, функција, да бидеме едноставно одговорни граѓани – вели ентузијастички настроената соговорничка.


Поддршка во борбата против рудниците на смртта (фото: Димитар Мијов)

Ова здружение даде голема поддршка и во борбата против рудниците на југоистокот.
Неодамна одржа акција за чистење и на едно од најпопуларните излетнички места за младите, Сифулајка, кое било затрупано со ѓубре.
Томова објаснува дека од почетокот на работата добиле голема поддршка од холандската амбасада во земјава.


Донација на спортска опрема на училишта и спортски клубови

- Ја посетивме ЕУ-комисијата во Брисел, каде што се сретнавме со делегатите Луиџи Барли и Вилијам Ное, кој е одговорен за економската реструктура за Македонија. Тој го поддржа нашето здружение и неговите зборови беа: „Вие сте иднината, токму ова сакаме да го видиме во Македонија. Вашиот вкрстувачки систем е оригинален“. И ни кажа дека иницијативата е екстремно модерна и прва таква во нашата земја – објаснува таа.


Тимот на „Changemakers4all“

Организираат едукативни настани на различни теми, а се претставија и на еден од највлијателните саеми - „Vakantie Beurs Utrecht".
Нивниот фокус е свртен и кон образованието. Со неколку акции заедно со ентузијасти од Холандија донираа спортска опрема „Микродонија“ за училишта и спортски клубови. Пред еден месец, благодарение на ова здружение, Градската болница во Гевгелија доби ЕЕГ-апарат.
Истовремено тие развиваат туристичка програма што ја нарекле „South Macedonian expеrience“. Неодамна донираа кревет за момче со церебрална парализа во Дневниот центар во Гевгелија. Исто така, организираа и акција со хуманитарен карактер во која секој граѓанин може да купи парче облека за само 50 денари.


Еколошките навики се учат од мали нозе

- Многу сум среќна што има позитивни луѓе кои веруваат во промени. Сакаме да иницираме позитивна промена во општеството, еднакви можности за луѓето и да придонесеме за економскиот регионален развој преку неколку сектори. Поддршка на мали претпријатија, фармери и помалку привилегираните во општеството. Да создадеме општество што ја заштитува животната средина, кое одржува норми и стандарди кои ги почитуваат човековите права и обезбедува алтернативна свесност заснована на хуманост.