Уписи на УКИМ: ФИНКИ ќе ја пополни квотата, на Архитектонски се борат за секое место, а новинарство сакаат да студираат само осуммина

Уписи на УКИМ: ФИНКИ ќе ја пополни квотата, на Архитектонски се борат за секое место, а новинарство сакаат да студираат само осуммина

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/ Милена Атанасоска-Манасиева

Лектор: Ивана Кузманоска

Како поминаа факултетите на УКИМ во првиот уписен рок?

На вториот ден од првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ некои факултети се пред пополнување на квотите, а некои поминуваат и со по неколку пријавени кандидати за одредени насоки. На пример, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство биле поднесени повеќе од 900 пријави, а насоката новинарство на Правниот факултет има само 8 кандидати. Како поминаа факултетите на УКИМ во првиот уписен рок?

На Архитектонски се пријавиле 150 кандидати за 120 места

На Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје електронски се пријавиле 71 кандидат. Деканот проф. д-р Јон Магдески вели дека ова е за 10 проценти помалку од лани, но се надева дека бројката ќе се зголеми во вториот уписен рок.
- Најголем интерес има за насоките прехранбена технологија и биотехнологија, дизајн и инженеринг на облека и инженерство на материјали и нанотехнологии. Ние би биле задоволни со 120 студенти, така одлично би функционирале. Лани ни се запишаа стотина студенти - вели Магдески.



На Факултетот за земјоделски науки и храна на електронскиот систем се пријавиле 80 студенти.
- Генерално сме задоволни од првиот ден. Ќе видиме каква ќе биде состојбата по вториот ден. Но електронски се пријавени 80 кандидати, што е задоволително. Најмногу кандидати се пријавуваат за насоката квалитет и безбедност на храна – вели продеканката за настава, проф. д-р Ромина Кабранова.
На Архитектонскиот факултет во Скопје се пријавиле 150 кандидати за 120 места. На 2 септември се организира приемен испит, па од тоа зависи колку ќе се запишат.
- Ние сме еден од факултетите што организираат приемен испит за упис. Пријавени ни се 150 кандидати, но ќе видиме колкумина ќе го положат испитот – ни изјави проф. д-р Јован Ивановски, продекан за наставни и студентски прашања.
И од Економскиот факултет од Скопје се задоволни од првиот уписен ден. Проф. д-р Предраг Трпески, декан на факултетот, вели дека досега електронски се пријавени 580 кандидати, а денеска документи донеле дури 450.
- Ние сме задоволни, се надеваме дека денеска ќе донесат документи и другите кандидати, а дека до третиот уписен рок ќе ја надминеме бројката од лани од 600 запишани студенти. Најголем интерес има за насоките финансиски менаџмент и е-бизнис – вели Трпески.

На Правен факултет сѐ уште има слободни места

На Фармацевтскиот факултет во Скопје вчера најмногу кандидати се пријавиле за главната програма - магистер по фармација. Од вкупно 120 слободни места пополнети се 91. Само две слободни места од вкупно 50 има на насоката лабораториски биоинженеринг.
- За нашата трета програма - диететика и диетотерапија, која е нова и е од лани, имаме 20 кандидати, а место има за 50. Ова е многу квалитетна програма, не е доволно позната, па можеби затоа тука сме послаби. Но, тоа е нешто што во иднина ќе се бара многу на пазарот на труд. Инаку, многу сме задоволни од интересот и со оглед на тоа што годинава има најмал број средношколци, според некои податоци дури за 30 проценти, супер сме. Ова е всушност генерацијата родена во 2001 година, период во кој имаше многу иселување и едноставно имаше намален наталитет поради војната – вели деканката на Фармацевтски, проф. д-р. Светлана Кулеванова.



Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, вели:
- Интересот за упис на ФЕИТ е во рамките на нашите очекувања. Во системот се пријавени 270 кандидати, што е подобро од минатата година. Најголем интерес има за насоките компјутерско-системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР) и за компјутерски технологии и инженерство (КТИ) – вели Ташковски.

Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје е задоволен од бројот на заинтересирани идни студенти.
- Како и минатата година, бројот е 500 пријавени кандидати во првиот уписен рок, особено кога знаеме колкав е бројот на матуранти оваа година. Очекуваме во вториот и третиот уписен рок да стигнеме до 600 студенти – вели тој.
Александра Груевска-Дракулевски, продекан за наставна на Правниот факултет, е задоволна како помина првиот ден од првиот уписен рок и вели дека сѐ уште има слободни места. Најголем интересен има за правни студии. Таа очекува во текот на денот да стигнат и останатите пријави.
- Останаа уште деведесет електронски пријави. Овие идни студенти ги очекуваме денеска. За разлика од лани, има минимален пад – вели Груевска-Дракулевски.
На правни студии вчера се запишале 241 студент, за односи со јавност 21, за политички студии на македонски јазик 14, а за истата насока на англиски јазик – 5 студенти. На новинарство се запишале 8 студенти. Груевска-Дракулевски вели дека за Правен факултет интерес има и во втор и трет уписен рок, па очекува до крајот на уписите да се пополни државната квота за студенти.

ФИНКИ: Што поскоро ни треба нова зграда

Иван Чорбев, декан на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, е задоволен од интересот. Вчера на ФИНКИ биле поднесени повеќе од 900 пријави, а се очекуваат и денеска.
- Бројката е повисока од минатите години. Ова е сигнал дека што поскоро ни треба нова зграда. Интерес има за сите насоки. Интересот е во соодносот со квотите за секоја насока поединечно. Повисоки квоти – поголем интерес. Има и прелевање меѓу насоките во рангирањето – вели Чорбев.
ФИНКИ годинава прима 1.080 студенти. Чорбев очекува квотата да се пополни во првиот уписен рок.

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се пријавиле 240 кандидати. Најмногу за англиски јазик и книжевност -92. Потоа за албански јазик и книжевност, наставна насока се пријавени 32, а за италијански јазик и книжевност 23.
За македонски јазик се пријавени 10 кандидати, за македонска книжевност и јужнословенски книжевности 3, а за општа и компаративна книжевност 6 кандидати.
И Ицко Ѓоргоски, декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, е задоволен од интересот за студирање во новата академска година.
- Задоволен сум од бројката, во споредба со тоа што се случуваше во минатите години и анализирајќи ги бројките на завршени средношколци кои положиле државна матура и одлучиле да студираат во нашава држава. Бројот на пријавени студенти е 303 во првиот ден на првиот рок од конкурсот. Засега околу 90% ги поднеле документите, за сите насоки на сите шест институти. Бројот на пријавени студенти во првиот ден гледано од 2014/15 година до денес е поголем. По студиски програми, најголем е интересот за студирање молекуларна биологија со генетика (каде што се пријавени поголем број од бараните за редовна квота и за самофинансирање), биохемија со физиологија, применета хемија-аналитичка биохемија, туризам, наставна математика исто така се со солиден број пријавени студенти. Очекуваме во првиот уписен рок да ја пополниме државната квота. На другите насоки бројот е под очекувањата. Така било и во минатите години така е и сега. Причините ги знаеме, но и ги анализираме за да можеме важноста и атрактивноста и на тие насоки да ги доближиме до идните студенти. Ако не успеавме во првиот, се надевам дека тоа ќе го направиме во вториот и третиот уписен рок – вели Ѓоргоски.