Празнични трпези: Како да јадете и да пиете, а да не завршите во болница
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
На Клиниката за токсикологија раскажуваат за пациент на кој му се слошило зашто изел половина прасе. Токсиколозите се децидни: играјте многу, јадете и пијте со усул и правилно
Без многу храна и алкохол новогодишна трпеза не бидува. Ова „правило“ може да доведе до болничка постела ако славениците немаат мерка колку јадат или пијат. На Клиниката за токсикологија раскажуваат за пациент на кој му се слошило зашто изел половина прасе. Токсиколозите се децидни: играјте многу, јадете и пијте со усул и правилно. Ни дадоа совети на што најмногу да се внимава и како да се комбинира она што е на трпезата.
Повеќе танцување, помалку храна и алкохол
Д-р Нико Беќаровски, директор на Клиниката за токсикологија, советува да се јаде полесна храна, колку и тоа да звучи невозможно.
- Што повеќе да се игра, а што помалку да се јаде е мојот совет - вели докторот.
Пиењето алкохол на гладен стомак е опасно, а секако многу опасни се и големите количества алкохол.
- Кога се пие, треба да се мези и во никој случај не треба да се претерува. Храната треба да е со помалку заситени масти, што значи помалку храна од животинско потекло - потенцира докторот.
Проблеми што може да се појават од претерување се: лошење, гастритис, повраќањe...
Руска салата со мерка
Имало години кога помош од токсиколозите барале и по 2-3 пациенти со панкреатитис, состојба што може да е многу опасна состојба за здравјето. Воспалителниот процес на панкреасот може да помине лесно, а во сериозни случаи може да направи компликации опасни за животот на пациентот.
- Таа руска салата со мајонез го оптоварува панкреасот. Најчувствителни се оние со камен во жолчка, гастритис, чир на желудник - објаснува д-р Беќаровски.
Нашите новогодишни трпези се многу калорични бидејќи се полни со мрсни меса, сол и зачини, како и висококалорични торти и колачи.
Нашите новогодишни трпези се многу калорични бидејќи се полни со мрсни меса, сол и зачини
Зеленчук за исфрлање на алкохолот
Д-р Андон Чибишев, токсиколог, советува да се избегнува јадење, одеднаш голема количина на храна или прејадување.
- Би потенцирал да не се внесува премногу масна храна зашто го оптоварува гастроинтестиналниот систем и не им годи на црниот дроб, на жолчката и панкреасот. Тие веднаш се под притисок да ја обработат - вели д-р Чибишев.
Тој се сомнева дека многумина нема да го послушаат и да останат на само една чашка алкохол.
- Бидете умерени со алкохолот. И мезете, најдобро зеленчук. Има големи количества витамин Ц кој учествува во разградувањето на алкохолот. Испијте и 1-2 лимонади - додава д-р Чибишев.
Се смета дека се потребни 20 минути за да се најадеме и сè понатаму е веќе прејадување. Исто така, умереноста во јадењето и пиењето се смета за најважна навика за здрав живот и долговечност.
Кога ќе помине празничниот калориски шок, сите се прашуваме како ефикасно да ја поправиме исхраната. Лекарите велат дека е најважно со диеталната исхрана да се ограничат мастите, особено од живoтинско потекло. Се препорачуваат лесно сварливи и брзо искористливи белковини, јаглехидрати и витамини. Тие советуваат да се јаде голема количина свежо овошје, салати од свеж зеленчук, кашести чорби од мешан зеленчук, како и да се пијат цедени сокови.