Со Рефет Абази имавме најмногу хемија на сцена, многу се согласувавме и се разбиравме со поглед, се надополнувавме во емоција, во реакција и Милчин често нè ставаше да играме заедно
Нема дете кое не ја препознава од некоја од претставите што ги гледало во Театарот за деца и младинци. Најмногу аплаузи и насмевки побудува токму таа, Тања Кочовска. Иако веќе не е дел од ансамблот на овој театар, сѐ уште ги игра своите улоги. Македонскиот народен театар е новиот дом или, како што вели самата: „Театарот за деца за мене е како дете што пораснало, созреало и треба да се разделиме“.
Со задоволство ни ги раскажа своите студентски денови во „Кога бев студент“, рубрика која Факултети.мк и
„Пивара Скопје“ заедно ја креираат за вас. Бевме трпеливи и почекавме да ѝ помине премиерата на мјузиклот „Мама миа!“ во декември за да можеме на раат да поразговараме бидејќи, како што вели таа: „Кога работам нов проект, можам да мислам само на улогата, на ништо друго“.
Единствена друга желба, настрана од студирањето глума, ѝ била да стане хирург, ама сепак театарот бил помагичен. И генот си го направил своето. Како прво дете на Пантелеј и Невенка Кочовски, ѕвездите на составот „Мањифико“, кој во времето на нејзиното детство имал турнеи по целиот свет, се чинело нормално и Тања Кочовска да ја засака сцената.
Се запишала на Факултетот за драмски уметности во 1985 година. За приемен испит избрала да интерпретира четиво од учебник за 8 одделение.
- Се подготвив брзо. Тоа четиво страшно ме погоди. На српски ја изрецитирав „Стојанка мајка Кнежопољка“ од Скендер Куленовиќ... Влегов уште во првиот круг. Милчин ме праша дали сум ќерка на „Мањифико“, а јас му вратив дека сме роднини. Студентскиот е најтежок и најубав период. Час ќе направиш нешто добро час ќе пројдеш низ голгота – вели Тања.
Припаѓала на таква класа во која немале само еден раководител, ами повеќемина професори.
- Две години бевме кај Владимир Милчин, трета бев кај Владо Цветаноски и Кирил Ристоски, па кај Илија Милчин, па Слободан Унковски, а завршивме практично кај Љубиша Георгиевски. Сите работевме со по двајца режисери. Мислам дека тоа е добра варијанта за еден глумец да почувствува различни начини на работа и пристапи – вели актерката.
Од студентска претстава
Колеги ѝ биле: Владимир Ендровски, Рефет Абази, Кирил Поп Христов, Владимир Лазовски, Валентина Божиновска, Даница Георгиевска. Во трета година им се придружиле Сенко Велинов, Драган Спасов-Дац, Софија Куновска-Ангеловска, Ѓорги Јолевски.
- Бевме заедно 24 часа, спиевме на академија. Кај Љац одевме да учиме, па потоа кај мене, со спиење, јадење, тоа беа цели турнеи. Толку многу се дружевме, што останав бремена од Љац и родив син. Многу работевме заедно и бевме поврзани. Едно време ми се налутија оти почнав почесто да работам со Јолевски и со Сенко. Јолевски и до ден-денес ми е колега и другар, тој важи за поспецифичен табиет зашто е голем работник. Кога игравме во „Тартиф“, работевме заедно со денови додека траеше процесот за да имаме резултат – вели таа.
На дипломската работа била бремена. Се исплашила дека сите ќе ја заборават откако ќе роди дете. Но, ја побарал Благој Чоревски, тогаш директор на Драмскиот театар, и ја поканил да стане дел од ансамблот. Во театарот веќе влегле Велинов, Куновска-Ангеловска, Дац.
- Љубомир Чадиковски често доаѓаше во бифето на Драмски и ме канеше да се префрлам во тогашниот Детско-младински театар, кој беше во зачеток. По природа сум таква што сакам нови предизвици и прифатив да одам во Театарот за деца, кој по концептот на работа на почетокот беше најавуван како отворен, за подоцна да биде обратното за нас, актерите. Ние не можевме да играме на други сцени или проекти. Тоа можеби за нас, актерите, не се покажа добро, но за театарот беше. Кога игравме во регионот, нѐ викаа „тешката артилерија од Македонија“. Кога дојде Довлев, веќе се отворивме малку и така ми се случија МНТ и првите проекти – раскажува Тања.
Уште во основното училиште почувствувала дека има талент за професијата и дека реагирала различно на дадени ситуации.
- Можев во еден момент да почувствувам тага, а во нареден – радост, лесно да променам расположение. Имаше луѓе што го забележуваа тоа, не ми велеа ништо, само ќе се насмееја. Кога гледав филм, се фокусирав на ликот што ми се допаѓаше најмногу и почнав да реагирам исто како него. Ја сакав и медицината, ама и генот си го направи своето. Имав и специфично детство, живеев со тетка ми и тетин ми. Моите патуваа многу, но не можам да се пожалам дека сум имала лошо детство, ми беше најубаво на светот – се потсетува Кочовска, која е категорична дека студентскиот период ѝ е најубавиот период во однос на образованието.
Признава дека како мала била и малку отфрлувана од нејзините соученици. Се дружела, ама не ја прифаќале едноставно.
- Им купував подароци за да ме примат во друштво. Сега е обратно, денес тие ми носат подароци, ама не им обрнувам внимание. Бев како грдото пајче. Некои работи се сменија во средно. Прво учев во гимназијата „Никола Карев“. Бев одлична, но имав една професорка по физика, Гордана се викаше, која ми го уништи средношколскиот период оти јас не сакав да учам физика. Затоа се префрлив во „Орце Николов“. Влегувам во училница, гледам едно шармантно девојче кое веднаш ми рече да седнам до него. Тоа беше Амелија Серафимовска, која до ден-денес ми е најдобра другарка – вели Кочовска.
Во „Убавицата и ѕверот“
Ја прашавме дали фактот што е ќерка на познати музичари ѝ помогнал во животот. Таа вели дека најмногу ѝ помогнала нивната посветеност на работата.
- Моите никогаш не доаѓале во училиште специјално за да ургираат за нешто. И секогаш ми велеа: „Ова го направи добро, ама можеш и подобро“. Ме запишаа во музичко школо, а јас воопшто не сакав да одам. Намерно не отидов на испит за да ме отпишат и издржав до четврта година. Подоцна, кога сестра ми одеше во средно или на факултет, мене ми се гадеше од мирисот во зградите. Пеењето ми е во гените, ми оди, ама не сакав да учам тоа – признава Кочовска.
Многу професори од ФДУ ѝ оставиле впечаток. Вели дека учеле од стара гарда професори.
Сцена од славната „Македонска приказна“
- Иван Ивановски, Горан Стефановски, Ацо Алексов, Владимир Милчин… тоа беа професори чии предавања беа посебни. На факултет имавме стара гарда професори. Постојано си запишував нешто, а и ден-денес го правам тоа кога имам проби. Тоа ми помага при креирање одреден лик. Беше поинаку со тие стари професори. Прво, не можеше кој било да биде професор на катедра. Денес се ставаат партиски и ми се повраќа поради тоа – дали во основно училиште дали во гимназија, и мене тоа ми е страшно. Ние бевме глумци кои сакавме да се правиме специфични, ама се знаеше мерата. Јас се вадев некако и не ми земаа за зло. Не знаеja да ме искараат, ама пак многу си плачевме кога си одевме накај дома. Полудувавме кога ќе ни дадеше Милчин одредена литература да прочитаме за два дена. Имав професорка по историја од „Орце Николов“ која беше најстрогата и точно ме процени и најде начин како систематично да учам и повеќе историја никогаш не сум знаела. Сѐ зависи од педагогот и на кој начин ќе ти го пренесе знаењето и како ќе те заинтересира – вели Кочовска.
Како студент, многу често работела на претстави на Александар Поповски и жали што отпосле немала можност да работи повторно.
- Многу го сакав Чехов и го играв успешно, најмногу ја сакав улогата на Нина Заречна. Дури и ќерка ми сакав да ја крстам Нина, ама се премислив и го доби името Нела по двете баби. Луѓето ме сакаат во комични претстави. „Тартиф“, „Животот е прекрасен“ ми беа големи тестови да видам како публиката ќе реагира на мене. Работев со генијални режисери и немав проблем. Сѐ уште на секоја појава на сцена имам блага трема, не се чувствувам суверено и секоја улога ми е како првa. Филмот не е мој фах или да имам концерт со пеење, ќе умрам. Но, ако во претстава има пеење, нема проблем. Тоа е добро до некаде, оти пак добивам нов порив – истакнува актерката.
Со актерот Рефет Абази имала најмногу хемија на сцена.
- Многу се согласувавме на сцена, се разбиравме со поглед. Се надополнувавме во емоција, во реакција. И Милчин нè ставаше да играме заедно, тој е многу добар актер и со него сум се чувствувала многу сигурна на сцена.
Заедно со Марија Ѓорѓијовска во „Алиса во Земјата на чудата“
Уште во средно не сакала да прави компромиси и да учи предмети што не ја привлекуваат.
- Математика, на пример, не сакав и не учев. Сум имала среќа да имам и професори кои знаеле да ми ја почитуваат личноста и да не бараат од мене да учам тоа што не го сакам или ме мотивирале на нивен начин.
Секогаш била самостојна личност. Од 18 години живеела сама, а врз основа на почит и дисциплина го изградила и односот со своите деца.
- По природна не бев и не сум бунтовна. Не кревам џева за нешто што нема потреба. Секогаш пробувам полека и имам висок праг на толеранција, но знам да удрам и на маса. Некои од моите помлади колеги од Театарот за деца ја изгубија довербата кај мене. Валканата долна облека не се вади. Дел од новодојдените млади во театарот тоа го правеа во последниот период и за мене тоа е страшно. Боли кога ќе слушнеш од некој на кого си му подал рака дека сум го напуштила Театарот заради хонорарите. Има и дел од нив што почитуваат, меѓу кои се Мики Анчевски, Марија Георгиевска и други, кои пројдоа низ голгота дури да се вработат и се благодарни за дадената шанса – вели Кочовска.
Кочовска во претставата „Животот е прекрасен“
Додека студирала, летно време одела да работи на острови во Грција.
- Кога родив дете, живеев одвоено и паралелно со работата во театар чистев по куќи, чистев скали во неколку згради. Од работа никогаш не сум се срамела. Сум била пожртвувана за театарот. Сум трчала на проби и кога не ми било добро, и со инфузија или и децата кога не биле добри. Оваа професија не трпи разгаленост – категорична е Тања.
Сцена од мјузиклот „Мама миа!“
Популарната актерка упатува убава порака до студентите на глума.
- Им препорачувам да бидат приземни. Да „пијат“ од искуството на професорите, од постарите глумци. Да одат редовно во театар, да читаат литература поврзана со професијата, од секојдневни случки да развиваат моќ за скенирање, да анализираат, за да можат тоа да го употребат за некоја улога. И, многу важно, да бидат работници. Публиката не сака мамење, ами искреност. Точно знае кои сме и што сме и што нудиме, а таа знае и да награди. Не мора за тоа да е показател само громогласниот аплауз. Некогаш воздишка од публиката може многу да каже. Актерот треба да ја има таа моќ да ја земе таа емоција и соодветно да ѝ врати на публиката.