Излегувавме во „Виктор и Викторија“. Тоа ни беше вистинска школа. Дискутиравме за музика, за концерти. Не се занимававме со тоа кој како изгледа, ами што прави, беше интересно и поучно, вели диригентот Бисера Чадловска во рубриката „Кога бев студент“, која Факултети.мк ја создава заедно со „Пивара Скопје“
Не постоела жива сила што можела да ја разубеди да не се запише на отсекот за диригентство на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Љубовта и посветеноста кон оваа врвна дејност направија Бисера Чадловска да стане еден од нашите најдобри диригенти и една од ретките жени во оваа, во светски размери, доминантно машка професија. Речиси 15 години таа е дел од Македонската опера и балет, а некое време и директор на Операта.
- Немав никаква дилема. Уште додека бев млада го сакав ова. Во средното музичко училиште намерно останав на теоретскиот дел за да можам да продолжам на диригентство. Никогаш не посакав да станам инструментарец, тоа ми беше здодевно и неинтересно. Пред мене на академијата имаше две девојки што завршиле за диригенти во класата на мојот професор Фимчо Муратовски - вели Чадловска.
Поддршка од семејството
Таа објаснува дека имала беспрекорна поддршка од своето семејство, кое немало никаква директна врска со класичната музика. Нејзината мајка била професорка по англиски и преведувачка, а татко ѝ – новинар, еден од основачите на Собранискиот канал.
- Во поширокото семејство имав тетин - Милан Фирфов, кој беше професор на академијата и ме подготвуваше за приемен испит. Кога му кажав што сакам да учам, ме праша дали сум свесна што правам и дека ризикот е голем, дека ќе ме „изедат“. Ама јас знаев дека морам да го правам тоа и не се покајав. Во тоа време примаа по еден студент во година, а немаше кандидати секоја година. Приемниот испит беше премногу тежок и бараше познавање на повеќе предмети. Меѓу мене и претходниот студент имаше четири години пауза и речиси секој во својата генерација бевме по еден. Индивидуалните предмети ги работевме сами, а полифонија, музички форми и други ги делев со колегите од композиција, на пример. И во таа група бевме малку - петмина – вели диригентот.
Доделување на наградата „Ѓеорги Божиков“ (лево); Чадловска со нејзината ќерка по „Мадам Батерфлај“
Таа сѐ уште одржува добра комуникација со својот професор Муратовски. Од него научила многу работи за диригентството.
- Тој до ден-денес знае да ми каже: „Дали се сеќаваш каква беше на 18 години кога дојде кај мене?“ Тинејџерка со синџирче на ногата. И знам дека ме праша: „Каде планираш вака?“ И оттогаш никогаш повеќе не се облеков така за на факултет. Тој беше многу авторитетен, никогаш не викаше, меѓутоа, знаеше вистински да се постави кон студентите, како што ретко кој денес умее - признава Бисера.
Таа тргнала во основно музичко училиште на пет години и го завршила во седмо одделение. Малку ѝ здосадило и мислела да се откаже од музиката. Но, по некој месец сфатила дека по дома вежба клавир многу повеќе отколку кога одела на часови. Така сфатила дека треба да ѝ се врати на музиката. Во тој период ја запознала професорката Кармен Костова и таа ѝ укажала дека има талент и за клавир.
- Се запишав на теоретскиот оддел со тенденција да се запишам на диригентство. Еден ден ѝ кажав на професорката дека не сакам да одам на клавир. Многу ми се налути и ми рече да ја напуштам нејзината класа ако не се запишам на клавир. Јас ја обожавам и ден-денес и знам дека ми мислеше добро со тој став - вели Чадловска и се шегува дека и во 41. година сѐ уште не може да го напушти музичкото училиште, сега затоа што нејзината 9-годишна ќерка изучува пијано и балет.
Првиот настап за време на студиите ѝ бил во трета година во Домот на Армијата. Тогаш првпат застанала пред оркестарот на Македонската филхармонија. Додека студирала некои оценки ѝ биле важни, но не сите. На пример, не се грижела што ќе има по предметот „Одбрана и заштита“.
Глишиќ беше многу авторитетен професор
Чадловска предава вокално студио на Музичката академија.
- Предметот хармонија го полагав петпати и на крај професорот Живојин Глишиќ ми рече: „Можев да те пуштам и првиот пат, ама требаше малку да се помачиш“. Тој важеше за построг професор и цели генерации губеа години од него. Тој е многу интересен човек.
Сега знам кој професор бил во право, а кој не. И јас исто така сум строга. Ако студентите не посетуваат настава, не им давам потпис. Ако дошле да научат, добро, ако не, не мора воопшто да студираат. Не може на мала врата да се поминува - вели таа.
Таа тврди дека секој млад човек што одлучува да студира мора да најде време и за забава.
- Нам ни беше многу поинтересно кога студиравме. Уште додека бев во средно школо и дел од факултет, излегувавме во кафулето „Виктор и Викторија“. Тоа ни беше вистинска школа. Сите музичари таму се собираа. Седевме со денови и ноќи и речиси сите колеги оттаму ги познавам. Дискутиравме за музика, за концерти. Не се занимававме со тоа кој како изгледа, ами што прави, беше интересно и поучно. Многу научивме во тоа местенце. Многу одевме на концерти и на претстави. Не пропуштав ниеден концерт на Филхармонија или на МОБ - вели Чадловска.
Што ја фасцинирало најмногу во диригентството?
- Тоа е контрола врз звукот на оркестарот која ти треба да ја воспоставиш и од тебе да произлезе тој комплетен звук на огромен ансамбл. Тоа е инспиративно за мене. Самиот почеток на првиот знак, првиот тон што оркестарот ќе го произведе под твое раководство е нешто што, на секоја проба, ми предизвикува пеперутки и сѐ уште ме држи. Тоа е едно чувство што ме води. Таа возбуда, не како трема, ами како љубов. Иако во моментов сум директор на Операта, не можам да замислам да не диригирам - вели таа и додава дека во последните години многу ја засакала балетската музика, но операта и е дефинитивно најголема љубов.
- На почетокот никогаш не замислував дека ќе сакам да го работам ова. Случајно залутав овде. Им требаше хор-мајстор, а во меѓувреме сите диригенти што работеа овде се иселија од државата. Јас не сакав да работам овде, ама кога влегов, ми влезе чивијата и сега за ништо не би ја менувала Операта - вели таа.
Признава дека „Тоска“ ѝ е најтешката претстава досега. Од нејзината прва изведба воопшто не била задоволна, а признава дека ќе добиела нервен слом. Не попусто таа претстава ја диригираат маестра по 50-тата година во животот.
Чадловска објаснува дека најмногу научила кога почнала да работи во МОБ. Седела на проби деноноќно.
- Диригентот не смее да си дозволи да почне да личи на некого. Мене тоа ми пречи кога ќе го увидам кај друг диригент. Учам како треба да се работи, ама не можам да имитирам. Не можам да бидам некој друг. Ме одушевуваат: Зубин Мехта, Карло Мути, Фон Карајан, Бернштајн. Тие се од друга планета. Имав среќа да добијам стипендија во Виена, да го гледам Мути како работи со Виенската филхармонија. Тоа не се споредува со нашите услови на работа - се потсетува Чадловска.
Жените се вистинска реткост во професијата
Неминовно беше прашањето зошто жените-диригенти и во светот се вистинска реткост. Таа вели дека го нема одговорот, но верува дека станува збор за стереотип дека жените не можат да бидат добри во ова.
- Сега имаме неколку девојчиња на факултет. На жените не им се дава голема шанса во оваа професија. Станува збор за стереотип, а може и самите си го наметнуваат - дека нема да можат да успеат во тој свет, па со таа енергија си предизвикуваат некаков неуспех. Почесто би се случило девојка да не примат на конкурс отколку машко. Во Виенската филхармонија, на пример, немаше ниту една жена во оркестарот, па дури и во предните пултови. Јас лично не сум имала многу проблеми - вели таа.
Чадловска вели дека најемотивна претстава што досега ја диригирала била „Мадам Батерфлај“. Плачела многу за време на пробите, особено во сцените во кои главната хероина треба да се откаже од своето дете.
- Не можев да се воздржам. Плачев и на пробите, а и на изведбата. Јас влетав во операта како замена, а мојата ќерка го глумеше детето во претставата. Е во тие сцени не можев да се воздржам. Ми се чини во такви претстави се чувствува повеќе женскиот сензибилитет - вели Чадловска.
Со првенците и солисти на МОБ на концертот по повод 70 години од основањето на Операта
Диригентската техника се учи
Ја замоливме да ни сподели некоја анегдота од сцена.
- Колку пати ми паднало стапче, имам летано на сцена. Во Битола на настап се сопнав на еден кабел, па летнав на сцена. Слетав директно. Ми паѓало и стапчето сред концерт, па колегите се обидуваат дискретно да ми го подадат. Еднаш останав без кондура на поклонување. Ја свиревме „Кармен“, а за две недели требаше да се породам. На сцената имаше дупчиња меѓу штиците и останав боса. Еден колега клекна, ја зеде и ми ја облече. Ми се откачувале и прерамките од градниците, од фустаните - се смее Чадловска.
Многумина што не се доволно упатени во диригентството имаат дилема што, всушност, работи диригентот. Чадловска ни објаснува дека диригентската техника се учи.
- Ние ја изучувавме пет години. По некое време го сменија тоа, се изучува четири години. Првата година беше посветена точно само на изучување на диригентска техника, поставувањето на рацете. Тоа беше многу важно и корисно за сите. Со искуството секој си гради свој стил. По искуството, веќе сте слободни и не размислувате како ги движите рацете. Начинот на броење, на тактирање, движењата се исти. Зависи кој како ги изведува, какви движења има природно - вели Чадловска.