Учениците од Спортската академија не видоа ни денар од стипендиите, ќе добијат девет рати одеднаш
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
МОН најавува дека до крајот на наредната недела ќе бидат исплатени деветте рати за учениците, а проблемот го префрлаат кај учениците, кои не пријавиле дека имаат некаква промена во трансакциската сметка
217 ученици од Спортската академија од Скопје немаат добиено ниту денар од одобрените стипендии што треба да им ги исплати државата. Иако имаат договори со Министерството за образование и наука за исплата на 3.000 денари за девет месеци, учениците и нивните семејства сè уште не добиле ниту една рата.
Право на стипендија имаат учениците од втора, трета и четврта година, кои во текот на претходната учебна година постигнале најмалку општ успех многу добар 4,00 (четири) и одличен успех 5 (пет) од изборниот предмет - тренинг од избраниот спорт, на крајот на учебната година.
Родители се пожалија во нашата редакција за нивниот проблем.
- Школската година полека заминува, но на учениците од Спортската академија во Скопје сѐ уште не им се исплатени стипендии кои уредно им следуваат. Неколкупати се обративме писмено до МОН, но до денес не добивме одговор. Не станува збор за голема сума, но ако им следува на учениците, треба да ја добијат додека учат, а не за на летен одмор. Плус, има ученици што не се од Скопје и ним особено им се неопходни тие 3.000 денари – вели родител од Скопје.
Од МОН ни одговорија дека проблемот настанал поради тоа што неколку трансакциски сметки на учениците биле невалидни, а не било пријавено навреме во Министерството.
фото: ДСУ Спортска академија
- Исплатата на стипендиите се реализира на квартално ниво и се исплаќаат по три рати одеднаш. Но, доколку некоја трансакциска сметка е во меѓувреме згасната или променета од страна на ученикот и за тоа МОН не е информирано, тогаш настанува проблем со исплатата на стипендиите за сите ученици. Ова се случи при двата последни обиди да ги исплатиме стипендиите за учениците од Спортската академија. Погрешни и згаснати трансакциски сметки оневозможуваат учениците да ги добијат средствата. Во моментов сме во контакт со училиштето со цел обезбедување точни податоци за неколку ученици, по што повторно налогот за исплата ќе биде доставен за реализација. Очекуваме учениците да ги добијат средствата на своите сметки во текот на следната недела - велат во МОН.
Исплатата на стипендиите им задава главоболка на многу родители и студенти. Минатата недела конечно беа исплатени и студентските стипендии, по неколку месеци чекање. Одговорот на МОН беше дека изборите се виновни за доцнењето на стипендиите.