Има ли крај на навредите и на стереотипите кон Ромите на социјалните мрежи?

Има ли крај на навредите и на стереотипите кон Ромите на социјалните мрежи?

Подготвил: Антонија Поповска

Возможно ли е да се користат социјалните мрежи за надминување на стереотипите кон различните етникуми? Што почесто се поттикнува - разбирање и почит или омраза и конфликт?

„Ѓупчишта, затоа цел живот се срамни и одвратни“. Ваков коментар има под објава на „Фејсбук“, во чија содржина стои дека две деца припадници на ромската заедница претепале кутре и го фрлиле во вода да се удави. Чинот со насилството е за осуда и потребно е да се преземат соодветни мерки, но во коментарите имаше лавина од пцости и погрдни зборови упатени кон ромското население, бидејќи во објавата беше нагласено дека децата што го направиле делото биле Роми. Во реакциите има и коментари со кои се осудуваат оние што навредуваат и со омраза пишуваат за ромската заедница.

Социјалните мрежи се место каде што многу лесно се поттикнуваат омраза и нетолеранција. Примерот од погоре е само еден од многуте што ги има најчесто на „Фејсбук“ и на „Твитер“, а се однесуваат конкретно на припадниците на ромската заедница.

Возможно ли е социјалните мрежи да се користат за надминување на стереотипите кон различните етникуми? Што почесто овде се поттикнува - разбирање и почит или омраза и конфликт? На овие теми поразговаравме со неколкумина претставници на НВО-секторот кои третираат вакви прашања, како и со комуниколози и универзитетски професори.

Онлајн-насилството е зачестено

Фатма Бајрам-Аземоска од „Сумнал“, здружение за развој на ромската заедница во Македонија, вели дека, за жал, сѐ почесто слушаме и читаме дека социјалните мрежи поттикнуваат нетолеранција и конфликти помеѓу различните заедници.


Фатма Бајрам-Аземоска

- Често младите неправилно ги користат интернетот и социјалните мрежи. Користењето на социјалните мрежи може да има и позитивни ефекти доколку се прави во позитивни и креативни цели каде што младите разменуваат информации. Во праксата се соочуваме со различни ситуации на нивоа на насилство. Никогаш еден облик не оди сам по себе, туку прво е предизвикан на пониско ниво, навреди, пцуење, па потоа туркање, клоцање, повреда, сѐ до физичко насилство. Ако се запрашаме зошто конфликтите прераснуваат во насилство, тоа е така затоа што младите го прифаќаат како нормален облик на решавање конфликти и тие веруваат дека имаат право да употребат насилство. Поинаку не знаат да размислуваат и не се научени дека ненасилството е подобар избор. Правилата за однесување сите ги знаат, но сите во пракса не се почитуваат. Системот на вредности го усвојуваат во семејството и некои вредности се поинакви од тие што ги знаат и читаат во училиште. Покрај семејството, голема улога имаат медиумите со тоа што прикажуваат различни емисии со насилни содржини во несоодветно време. На младите треба да се посвети повеќе време, да се разговара со нив, да им се доловат вистинските вредности - смета Бајрам-Аземоска.



Негативната комуникација побрзо се шири

Комуникологот Сеад Џигал смета дека социјалните мрежи многу полесно поттикнуваат нетолеранција и конфликт отколку разбирање и почит. За тоа има неколку причини, а клучен е фактот дека негативната комуникација многу побрзо се шири, поттикната од медиумската култура и фокусот врз негативни настани и вести.
- Исто така, социјалните мрежи се отворени платформи за комуникација на кои може секој лесно да се приклучи. Во моментов околу 2,5 милијарди луѓе во светот активно ги користат социјалните мрежи. Се работи за огромна комуникациска мрежа составена од профили, налози, сметки, фан-страници итн., кои даваат многу слобода и опции за објавување и праќање информации. Комуникацијата на нив е многу брза и динамична, а тоа поттикнува површност и афективност која доста придонесува за оформување стереотипи, нетолерантност и конфликт. Важно е и тоа што, за жал, низ многу негативни искуства се потврдува дека социјалните мрежи можат да бидат многу ефикасни за ширење дезинформации, говор на омраза и пропаганда. Сето ова ги охрабрува оние што имаат манипулативни намери. За развивање почит и разбирање, потребни се време и одредени развојни фази, кои се подолготраен процес, па така тие често каскаат зад нетолеранцијата и злоупотребите - смета комуникологот.

Има начин да се подобрат работите, а тоа, според Џигал, е континуираното промовирање на позитивни и корисни информации, вести и други содржини.

- Со континуиран фокус на медиумите и институциите врз позитивни теми и содржини, засновани на јавен интерес и зацврстување на мултикултурните вредности како столб на македонското општество, може да се предизвика позитивна промена и потиснување на негативните стереотипи и нетолеранцијата – додава тој.

Стереотипите – ригидно разбирање за различниот

Професорката Ана Фрицханд од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет вели дека социјалните мрежи можат да поттикнат и почит и разбирање, но и конфликт.


Проф. д-р Ана Фрицханд

- Постојат примери од секојдневието каде што преку социјалните мрежи можат за релативно кратко време да се прошират дезинформации и лажни вести, но и да се споделат содржини кои посочуваат позитивни примери и практики во насока на меѓусебна соработка, заеднички проекти, учење едни од други, толеранција. Оттука, останува поединецот да води сметка за која намена и со каква цел ги користи овие медиуми за да допре до пошироката јавност. Притоа секогаш треба да се има предвид како споделената информација ќе влијае врз читателите и одговорноста што ја има оној што ја споделува. Во таа насока, потенцијалот кој го имаат социјалните мрежи треба да се користи исклучиво во позитивни цели за да има позитивни ефекти. Познато е дека стереотипите се упростено и ригидно разбирање на карактеристиките на припадниците на одредени социјални групи. Предрасудите се логично непоткрепени, цврсто одржувани и со интензивни емоции следени со ставови за луѓето и опкружувањето. Она што им е заедничко е дека и едните и другите се засилуваат кога недоволно се познава или воопшто не се познава „другиот“ и „поинаквиот“ - вели Фрицханд.

Емоциите што лежат во основата на предрасудите, а по својот предзнак се негативни, дополнително го отежнуваат процесот на нивно демаскирање и разрешување. Според професорката, социјалните мрежи би можеле да бидат добар медиум преку кој би можеле да се зголемат знаењето, информираноста, а со тоа и активната толеранција доколку преку нив се споделуваат содржини со кои ќе се доближат различната култура, обичаи, традиција итн.

Најчесто млади лица шират говор на омраза кон Ромите

Според анализи што ги правел Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, социјалните мрежи повеќе поттикнуваат нетолеранција и конфликт, а помалку разбирање и почит. Дениз Селмани, програмски менаџер во овој институт, вели дека е загрижувачки фактот што во последно време на социјалните мрежи може да се забележи говор на омраза кон ромската заедница и тоа претежно од млади лица од сите етнички заедници.

- Говорот на омраза кон ромската заедница најчесто е поврзан со актуелни политички случувања во кои се инволвирани ромски политичари и активисти, но и граѓани Роми кои се социо-економски слаби и се трудат да опстанат преку собирање секундарни суровини. Главните причини за ваквото однесување на социјалните мрежи главно доаѓа од слабата законска рамка, но и од слободата да се изразат предрасудите и стереотипите кои се длабоко вкоренети во нашето општество без да се сноси вина за поттикнување говор на омраза. Уште од најмала возраст родителите треба внимателно да ги воспитуваат своите деца, но за жал сѐ уште постојат фрази како „Седи мирен или ќе дојде Циганката да те земе“. Ваквите стереотипни однесувања сериозно влијаат врз развојот на децата и подоцна стануваат дел од нивното секојдневие и се продолжува кругот на стереотипи и предрасуди - смета Селмани.

Тој додава дека проблемот треба да се решава во образовниот систем, кој треба да се реформира и да промовира разбирање, толеранција и почит уште од најмала возраст помеѓу различните групи. Социјалните мрежи, според Селмани, може да се искористат за презентирање успешни стории поврзани за млади Роми, успешни бизнисмени, музичари, активисти, со што стереотипите за Ромите може да бидат срушени.
- При надминувањето на стереотипите кон ромската заедница може да имаат влијание и таканаречените инфлуенсери, кои се присутни на социјалните мрежи и имаат голем број следбеници, преку споделување едукативни видеа и говори, со што поголемата јавност прво би ги погледнала, а подоцна и би ги споделила – додава тој.