Четвртиот најдолг мост на светот според должината на средниот распон се гради на источниот дел од Мраморното море. Изградбата на истиот е при крај, пренесува „Анадолу“. Мостот меѓу градовите Гебзе и Јалова е дел од автопатот Истанбул-Измир. Средниот распон на мостот изнесува 1.550 метри, а целосната должина е 2.682 метри. Се претпоставува дека возењето од Истанбул до Измир, кое обично трае 9,5 часа, ќе се намали за три часа со користење на новиот мост. Градбата многу потсетува на симболот на Сан Франциско, мостот Голден гејт, поради што медиумите го нарекуваат „турски голден гејт“. Се претпоставува дека мостот ќе биде завршен до март 2016 година, а во сообраќај ќе биде пуштен во април истата година.