Живот

„Јон Вардар против галаксијата“ селектиран на престижниот филмски фестивал BAFICI во Буенос Аирес

„Јон Вардар против галаксијата“ селектиран на престижниот филмски фестивал BAFICI во Буенос Аирес

активен до31.12.2099
03.04.2025
„Јон Вардар против галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025.

Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, и тоа на 8, 10 и на 11 април.

Мануел Рамирез, познатиот аргентински филмски критичар, кој е еден од програмерите на BAFICI и работи за угледниот дневен весник „Пагина 12“, за филмот напиша: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на ‘Јон Вардар против галаксијата’ е далеку тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде што секое чудовиште е повик за бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното“.



Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, за фестивалот рече дека многу го почитува поради неговата храброст да прикаже филмови што излегуваат од шаблоните.

-За нас, оваа селекција е како да испратиме балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што ‘Џон Вардар’ ќе има можност да се сретне со една отворена и љубопитна публика, каква што е аргентинската - вели Цветановски.

Фестивалот BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26. пат. BAFICI е познат по својата поддршка на авторскиот филм и по отворањето нови хоризонти за независни продукции од целиот свет.

„Јон Вардар против галаксијата“ е првиот македонски долгометражен анимиран филм, а е поддржан од Агенцијата за филм.



Останати Живот