Во последните неколку години светот се запозна со „хиге“, данскиот концепт корисен за справување со анксиозност и стрес. Сега, другиот дански концепт што се крие зад зборот „самфундсинд“ може да им помогне на земјите да се справат со пандемијата.
Во март 2020 година, на почетокот на пандемијата, данскиот премиер Мете Фредриксен ги повика сите Данци да покажат „самфундсинд“, што значи да ги стават општите потреби пред сопствените. На македонски, грубо преведено овој термин значи дух на заедницата, граѓански ангажман или граѓанска наклонетост.
Оттогаш, во однос на САД и остатокот од Европа, Данска навистина добро реагираше на вирусот, со ниски стапки на инфекции и смртни случаи и висока стапка на усогласеност со упатствата за превенција. И истражувањата покажуваат дека без оглед на полот и возраста, Данците многу повеќе се плашат да не заразат некого отколку дека тие лично ќе се заразат.
Се разбира, фактот дека Данска добро ја издржа ковид-кризата не може да се објасни со кој било фактор. Но, Мари Хелвег-Ларсен, професорка по психологија од Данска, смета дека е интересно што „самфундсинд“ се чини дека е поврзан со општествените вредности како довербата и реципроцитетот, и двете корисни во борбата против пандемијата.
Доверба во општеството
Пред пандемијата „самфундсинд“ беше релативно нејасен збор што ретко се користеше. Првпат се појавил во данскиот речник во 1936 година, а поранешниот дански премиер Торвалд Стаунинг го вклучил во неколку говори кон крајот на 30-тите години, со молба до Данците да го покажат духот на заедницата како што се ближела Втората светска војна. Но, откако Фредриксен го употреби во нејзиниот говор во март, неговата употреба во Данска се зголеми.
Иако зборот изгледа јасен, лингвистите велат дека за различни луѓе може да значи различни работи. За некои, може да значи дека луѓето треба да ги следат повеќето упатства за вирусот. За други значи дека треба да ја напуштат куќата само доколку е потребно. Трети веруваат дека е важно волонтирањето за да им помогнете на лицата погодени од заклучувањето.
Концептот на „самфундсинд“ се чини дека е поврзан со она што истражувачите го нарекуваат социјален капитал. Членовите на заедници со високи нивоа на ваков капитал обично повеќе им веруваат на останатите членови и се чувствуваат поповрзани со своите сограѓани, што се обележја кои сами по себе прават тие повеќе да се грижат за потребите на заедницата отколку за сопствените потреби.
Фото: Freepik
Данска е индивидуалистичко општество, а Данците се рангираат како најдоверливи во светот. Имаат висока оцена во меѓучовечката доверба, доверба во институциите, како што се полицијата и владата. Исто така, Данска има најниско ниво на корупција во светот.
Високата доверба и ниската корупција значат дека луѓето можат разумно да очекуваат дека ќе имаат корист (и нема да бидат искористени), од почитувањето на јавните препораки или барања поврзани со Ковид-19, како што се носење маски или работење од дома.
Ова не е карактеристично само за европските земји. Истражување што ги испитало сите окрузи во САД открило дека луѓето во заедниците со повисоко ниво на социјален капитал имаат поголема веројатност да останат дома за време на пандемија. И се покажа дека ова има важни резултати. Едно истражување покажа дека низ цела Европа и во рамките на Италија повисокиот социјален капитал е поврзан со помала мобилност и помалку смртни случаи.
Дали половата рамноправна култура има предност?
Данците можат да практикуваат „самфундсинд“ затоа што
земјата ја цени родовата еднаквост, што се совпаѓа со фактот дека нацијата има слаба оцена за културна мажественост.
Според глобалното истражување за културата и мажественоста, општествата што имаат висока мажественост, како што се САД, ги ценат конкуренцијата, достигнувањата и успехот. Општествата што имаат низок резултат како Данска, се поориентирани кон висок квалитет на животот и грижа за другите. Конфликтите се решаваат со преговори и компромис, а луѓето ги ценат еднаквоста и солидарноста.
Како може да се подобри социјалниот капитал во вашата локална заедница?
Ангажманот и волонтерството во заедницата можат да дадат добар пример и да ги зајакнат заедниците инспирирајќи ги другите да го направат тоа. И, ако ги замолите луѓето да ви помогнат да ја разберете нивната перспектива, може да се изгради доверба; истражувањето покажува дека чувството за разбирање може да направи да им веруваме дури и на луѓето со кои не се согласуваме.
Бидејќи зимата е тука, а пандемијата не стивнува, импулсот може да биде да се повлечеме од јавната здравствена состојба и да размислуваме само за нас и сопствените потреби.
Но, „самфундсинд“ сепак може да нè потсети да не гледаме само внатре, туку да гледаме и надвор.
Извор:
Fast Company
Фото: Freepik