Образование

Конференција на УНДП: Како да се обезбедат вештините на иднината со помош на постсредното образование?

Конференција на УНДП: Како да се обезбедат вештините на иднината со помош на постсредното образование?

активен до31.12.2099
09.11.2020
Како да се премости јазот кај вештините на младите за да се создадат подобри работни места и притоа да се следи дигиталната револуција, како на трите клучни индустрии во земјава – текстилната, градежништвото, како и индустријата за обновлива енергија, образованието да им обезбеди стручен кадар... Какви промени се потребни во системот за постсредно образование и какви треба да бидат новите модели на регионални центри за стручно образование и обука кои во иднина ќе имаат голема улога во решавање на овие предизвици... Ова се само дел од темите на кои се дискутираше на вчерашната конференција „Кон револуција во вештините: наоѓање иновативни и дигитални решенија за иднината на индустријата - Skills4future“ во организација на УНДП.



Во своето обраќање, постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, истакна дека во овие несигурни и сложени околности УНДП и понатаму посветено се залага за промени преку поврзување на различни чинители со знаења.

- Иновацијата сега е најважна бидејќи им дава на компаниите конкурентна предност што им овозможува побрз пробив до нови пазари и пристап до поголеми можности. Затоа ставаме особен фокус на воведување иновативни решенија што компаниите ќе може да ги усвојат на патот кон раст и одржлив развој. Јасно може да видиме дека развивањето вештини е неопходно за поддршка на модернизацијата и дигиталната трансформација што на овие индустрии, текстилната и градежната, им се потребни за да напредуваат и да останат конкуренти. Без брзи и ефективни промени во образованието иднината на овие индустрии ќе стане несигурна – рече таа.



Британската амбасадорка Рејчел Галовеј изјави дека поради иновацијата, дигитализацијата и паметната специјализација во многу индустрии, владите се соочуваат со наоѓање начини што ќе им овозможат на работниците да учат повеќе, подобро, побрзо и да ги сменат своите вештини како што се менуваат индустриите.

- Иднината може да биде тешка, но може и да отвори можности. Се надевам дека ќе успееме да го споделиме нашето искуство од Обединетото Кралство за да ја направиме оваа индустрија динамична, нова, иновативна и атрактивна за младите. А во градежништвото, особено вештините потребни за позелена, одржлива иднина се клучни за економски раст и просперитет. Овие два сектори, текстилниот и градежниот, може да ни бидат компас. Треба веднаш да им овозможиме да развијат луѓе со соодветни вештини што ќе нè одведат кон одржлива иднина. Среќни сме што ќе може да го поддржиме почетокот на овој важен процес - рече таа.



Министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусијата истакна дека во изминатите 30 години воопшто не било вложувано во средното стручно образование, односно реформите што се правеле биле во насока да се поттикнува запишување во гимназиите.
Таа посочи дека средното стручно образование треба целосно да се реформира и да се приспособи на најновите трендови во производството, со што ќе се обезбедат стручни кадри кои веднаш по завршувањето на образованието ќе може да одговорат на пазарот на трудот.

- Владата прави конкретни чекори со кои треба да ја поставиме рамката за средно стручно образование. Сето ова го правиме со огромна поддршка од нашите меѓународни партнери. Она на што забрзано се работи во овој момент е воспоставување 3 регионални ВЕТ-центри кои ќе служат за остручување на кадар кој ќе биде обучен за да може ефикасно и веднаш по завршувањето на образованието да одговори на пазарот на трудот. Првите вакви центри од идната година ќе профункционираат во Охрид, Тетово и во Куманово, но тенденцијата е да се отворат во сите останати региони во државата - рече Царовска.



Ирена Јакимовска, директорка на компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп, истакна дека како работодавци, тие немаат само одговорност да градат континуиран раст во компанијата и профит, туку имаат одговорност и за учество во градењето на општествените процеси. Јакимовска потенцираше дека е опасна и миграцијата, па затоа компаниите треба да се отворат за младата популација, за тие да видат дека можат да имаат достоинствен живот и на овие простори.

- Мора да ги следиме и слушаме младите. Дигитализацијата е составен дел и дел од нивниот еволутивен процес. Дајте да им дозволиме да учествуваат во процесите, да ги следиме нивните визии. Многу е важно колку си вреднуван, да почувствуваш колку даваш нешто во општеството – рече таа. Потенцираше дека дигитализацијата ќе биде составен дел на новиот поредок и ако не ја прифатиме веднаш, економските процеси нема да ни бидат со соодветен раст како што планираме.



Експертот Наташа Јаневска ја образложи Анализата на УНДП за состојбата на тековниот систем на постсредното образование, како и препораките за негова модернизација. Јаневска истакна дека постсредното образование е многу важен сегмент од целиот процес на едно модернизирано и квалитетно стручно образование.

- Тоа е насочено кон реализација на образовни програми кои нудат продлабочени вештини, знаења и компетенции со цел да се исполнат барањата и потребите на работодавците, на стопанството. Постсредното образование треба да ги следи тековите во економијата, сите состојби што се случуваат на пазарот на труд - рече Јаневска.



Таа препорача прво да се дефинира постсредното образование исто во сите документи согласно европската терминологија, потоа да се направат законски измени, да се дефинираат видовите на стручно образование, а истакна дека е многу важно овој тип на образование да биде достапно на оние на кои им треба.



Настанот е дел од активностите на проектот „Премостување на јазот кај вештините за создавање нови работни места“, поддржан од британската амбасада, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Министерството за образование и наука.

Останати Образование