Живот

„Бела тортура“? Брутален, но едноставен метод на мачење кој се користел во Иран

„Бела тортура“? Брутален, но едноставен метод на мачење кој се користел во Иран

активен до31.12.2099
11.04.2025
Низ историјата луѓето развивале различни методи на мачење како средство за казна, принудно признание или заплашување. Од античките цивилизации до модерното време, мачењето било користено во различни култури и општества, често одразувајќи ги политичките, религиските и општествените норми на одредена епоха.

Кога станува збор за мрачната „уметност“ на мачење, нема ништо поедноставно, а воедно и поефективно од она што Иранците го правеле на почетокот на 21 век. Наместо физичка болка, тие претпочитале психолошко мачење, за разлика од грчките методи на сурово страдање, како што е бронзениот бик, или западноевропските методи на распнување и растегнување.

Овој метод бил спроведен од страна на Иранската револуционерна гарда како одговор на обидите за политички реформи. За време на оваа брутална техника, затворениците биле држени во самотија со месеци, па дури и години. Тие биле сместени во целосно бели ќелии – нивната облека, како и храната (обична, незачинета оризова каша, сервирана на бели чинии за една употреба), исто така биле биле.

За да се постигне ефектот на морничавата безживотност, над затворениците биле поставени неонски светилки кои не создавале сенки, а сите површини биле совршено мазни. Не биле присутни ни звуци, бидејќи стражарите носеле специјални влошки на обувките, а ѕидовите, подот и таванот биле звучно изолирани.

Психолошки последици


Затворениците, кои често биле новинари, претрпувале целосна деперсонализација, халуцинации и психоза. Целта била да ги принудат да потпишат признанија и детално да ги наведат своите политички убедувања.

Веројатно најпознатиот затвореник кој бил подложен на оваа иранска „бела тортура“ е поранешниот студент по медицина Амир Фахравар, кој бил држен во таен притвор во озлогласениот затвор „Евин“.

- Не гледавме никаква боја. Сè во ќелијата беше бело: подот, ѕидовите, нашата облека, па дури и светлината. Нашата храна беше бел ориз. Не можевме да чуеме никакви звуци. Поминав осум месеци таму, а кога излегов, не можев ни да се сетам на лицата на татко ми и мајка ми. Кога ме пуштија, веќе не бев нормален човек - изјавил Фахравар во 2008 година.

Во извештајот на „Амнести интернешнл“ за неговото заробеништво се наведува: - Ако му требаше тоалет, мораше да стави бело ливче под вратата за да ги извести чуварите, кои носеа обувки со специјален дизајн за придушување на секој звук. Му беше забрането да разговара со кого било.

Фахравар првпат бил уапсен кога имал само 17 години, откако го критикувал иранскиот режим.

- Не можев да разберам зошто мојот повик за реформа беше дочекан со таква бруталност. Го прашав мојот испитувач: „Што сакате од нас?“ Тогаш сфатив дека сакаат да влеваат страв во целото иранско општество. Се обидуваат да го исперат мозокот на целата младина во Иран - рекол Фахравар.

Случаи на „бела тортура“ биле пријавени и во САД и во Венецуела.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Freepik

Останати Живот