Во јубилејната година посветена на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола организира серија настани и работилници кои ја истакнуваат клучната улога на јазикот како културен, општествен и образовен темел. Особено внимание е посветено на интерактивната соработка со младите генерации – студентите и средношколците, во насока на градење јазична свест, медиумска писменост и критичко размислување.
Во рамките на овие активности се одржани и две значајни работилници кои, преку различни пристапи, се фокусираа на актуелни теми поврзани со употребата и развојот на македонскиот јазик.
Разлики помеѓу говорниот и стандардниот јазик
Првата работилницата, Разлики помеѓу говорниот и стандардниот јазик, водена од проф. д-р Виолета Јанушева, се одвиваше со активно учество на студенти од УКЛО и ученици од СОУ Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ – Битола. Преку динамична дискусија, учесниците ги истражуваа разликите помеѓу разговорниот јазик што го користат секојдневно и официјалниот македонски стандарден јазик – неговата употреба во формална комуникација, образование и професионална средина.
Младите споделија свои примери и искуства, покажувајќи висок интерес за темата. Работилницата беше оценета како едуактивна и инспиративна, особено поради начинот на кој стандардниот јазик беше претставен – не како наметнат образец, туку како важен елемент на културен израз и идентификација.
Современиот македонски јазик во медиумите: Предизвици и перспективи
Во втората работилница, во соработка со медиумски професионалци и експерти од областа, учесниците разговараа за тоа како медиумите влијаат врз стандардизацијата на македонскиот јазик и јазичната култура. Проф. д-р Виолета Јанушева, заедно со тимот од Педагошкиот факултет и УКЛО КОЛОРС, ја нагласи важноста на медиумите како алатка за ширење на јазичната норма, особено кај младите кои сè почесто се изложени на влијанија од странски јазици, социјални мрежи и нови комуникациски форми.
Гостите, меѓу кои м-р Жанета Здравковска (ЗНМ), новинарите од ТВ Тера: и Сашо Ристевски, главен уредник од порталот Битола њуз, ги споделија своите искуства за реалната слика на македонскиот јазик во медиумите. Младите учесници, средношколците, дискутираа за употребата на кратенки, англицизми и хибридни изрази што често се среќаваат во дигиталниот простор, но околу можностите медиумите да станат двигател на позитивна јазична промена.
Преку овие работилници, УКЛО потврдува дека младите се суштински партнери во заштитата и развојот на македонскиот јазик. Дебатниот клуб УКЛО КОЛОРС АргументУм, предводен од проф. д-р Јанушева и проф. Рената Петревска Нечкоска, академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, продолжува да организира дискусии и едукативни активности кои ќе ги поттикнуваат критичкото мислење и медиумската култура, преку јазикот како основна алатка за изразување и самоидентификација.
Воедно, УКЛО како партиципиент во државната Програма ќе продолжи со активности во текот на целата година што е посветена на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со цел да ја зголеми свеста кај младите за вредноста на македонскиот јазик, неговата правилна употреба и иднината што тие ја градат преку него.
(Комерцијална објава)