Живот

Лекција за хуманост од која сите треба да учиме: Со донираните органи од Верица досега се спасија три животи

Лекција за хуманост од која сите треба да учиме: Со донираните органи од Верица досега се спасија три животи

активен до31.12.2099
17.04.2021
Ако хуманоста можеше да биде олицетворена, веројатно би личела и на оние кои загубиле најблизок, но решиле да спасат туѓ живот со органите од најблискиот. Тука секако ќе се вброи и фамилијата на Верица Белчовска, 21-годишната девојка која го загуби животот, а чие семејство даде согласност за донирање на органите. За само неколку часа поради таа согласност беа спасени три живота.

Доцна синоќа министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи објави дека се подготвува втора трансплантација на срце од починат донор во земјава, а неколку часа подоцна беше соопштено дека операцијата била успешно спроведена и 22-годишниот пациентот кој го примил срцето, а бил со сериозно заболување кое го оштетува срцето, сега се чувствува добро.



 

Потоа од Министерството за здравство соопштија дека 27-годишен пациент на дијализа добил бубрег од починатата донорка.

-Претпладнево успешно заврши првата трансплантација на бубрезите кои вчера доцна во ноќта беа експлантирани на Клиниката за урологија. Во момнетов во тек е втората трансплантација кај 40 годишен пациент со хронична бубрежна болест кој исто така ќе добие бубрег од починатиот донор. Благодарение на семејството на 21-годишната девојка кое ги донираше органите досега се спасија три животи - истакнаа од МЗ.



Оттаму додадоа дека на Клиниката за ортопедски болести рано утрово за првпат во историјата на македонското здравство била направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор.

-Откако заврши експлантацијата на срцето и бубрезите, тимот лекари од клиниката експлантираше повеќе делови од коски и меки ткива кои сега веќе се презервирани во Отсекот за експлантација, презервација, складирање и трансплантација на меки и коскени ткива при ЈЗУ ЗА ТОАРИЛУЦ, Универзитетска Клиника за ортопедски болести. Веќе наредната недела е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег, отстранет пред 12 години. Листата на реципиенти на коски и меки ткива се пациенти кои страдаат од коскен или мекоткивен дефект настанати како последица од тумор, траума, претходен оперативен зафат, вродени аномалии, и е исклучиво динамична и се надополнува од ден во ден. Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други личности, а на некои од нив и да го спасат - стои во соопштението од Министерство за здравство.

Лекарите се поклонија пред телото на починатата девојка, министерот им се заблагодари на нејзините најблиски, а најверојатно најблагодарни се оние во кои сега има дел од Верица.

Благодарност треба да искажеме сите и кон лекарите за макотрпната работа и напорите, но најмногу кон фамилијата на починатата. Зашто ако имаше пиедестал за човечност, во моментов веројатно тие би стоеле на него. Но, никогаш нема да има доволно зборови за да можеме доволно да се заблагодариме. Единствено што останува е да учиме како да бидеме подобри луѓе и во моментите кога ни е најмрачно некому да му донесеме светлина.

Верица ќе продолжи да живее, а ние можеме да продолжиме да учиме од нејзините најблиски. Ви благодариме!

Останати Живот