Живот

Неверојатната приказна за жената што ја уништила нацистичката мрежа, а за која не се знаело ништо сѐ до 2008 година

Неверојатната приказна за жената што ја уништила нацистичката мрежа, а за која не се знаело ништо сѐ до 2008 година

активен до31.12.2099
18.02.2021
Иако според многу аналитичари таа се смета за американски пандан на Алан Туринг, со децении останала непозната за многу Американци

Вооружена со остар ум и челични нерви, Елизабет Смит Фридман (1892-1980) разбила стотици кодови за време на нејзината кариера како прв американски криптоаналитичар. Таа успешно открила шверцери на алкохол во времето на прохибицијата и го разбила нацистичкиот шпионски прстен низ Јужна Америка во текот на 40-тите години од минатиот век.

Но, сè до 2008 година, кога ознаката за тајност беше тргната од документите за нејзините активности во Втората светска војна, повеќето Американци не чуле за Елизабет Фридман. Иако многу аналитичари сметаат дека е американски пандан на Алан Туринг, генијалниот британски математичар кој дешифрира голем број германски системи за криптирање, од кои најпознат беше „Енигма“, таа остана непозната со децении бидејќи нејзините заслуги ги присвои Џ. Едгар Хувер, долгогодишен ФБИ-директор. Американскиот јавен радиодифузен сервис (ПБС) неодамна го прикажа документарниот филм „The Codebreaker“ посветен на Елизабет Фридман, кој се базира на бестселерот „Жената што ги скрши кодовите“ („The Woman who smashed Codes“) на новинарот Џејсон Фагоне.

elizabet
Фото: Wikipedia

Која била Елизабет Фридман?


Родена е како Елизабет Смит во малото гратче Хантингтон, Индијана. Од рана возраст покажала голем талент за јазици и многу читала. Во 1914 година дипломирала англиска литература на колеџот „Хилсдејл“ во Мичиген. Елизабет отишла во библиотеката во Чикаго во 1916 година за да го разгледа одблизу „Прво фолио“, колекција од 1.623 дела на Вилијам Шекспир. Во разговор со библиотекарот, таа споменала дека бара работа, по можност поврзана со литература или истражување. Не поминал ни еден час, а во библиотеката пристигнал ексцентричниот милијардер Џорџ Фабјан, кој го стекнал своето огромно богатство во текстилната индустрија и бил опседнат со откривање на тајните на природата.

Што правела Елизабет кај ексцентричниот богаташ?


Опсесијата на Фабијан била криптографија и тој верувал дека Шекспир не е автор на познати претстави како „Хамлет“ или „Јулиј Цезар“, туку смета дека нив ги напишал филозофот Френсис Бејкон. Тој бил убеден дека Френсис Бејкон оставил скриени пораки за неговото авторство во драмите на Шекспир од 1623 година и барал личност да ги декодира тајните пораки. Така, тој донел неколку од најпознатите светски експерти за Шекспир и Бејкон во неговата резиденција во Ривербанк, близу Чикаго. Кога слушнал од библиотекарот за младата Елизабет Смит, веднаш ја вработил во Ривербанк како криптограф. Иако сметала дека теоријата на Фабијан е глупост, Елизабет ги проучувала делата на Шекспир барајќи скриена порака.

Набрзо во Ривербанк, кој функционирал како комбинација од раскошна палата и научна лабораторија, Фабјан го ангажирал и младиот генетичар Вилијам Фридман, во кого Елизабет се вљубила. Кога почнала Првата светска војна, Фабјан ѝ ги понудил на владата услугите од младиот пар криптографи, а Фридман станале водечки фигури на американската единица за разбивање непријателски шифри.

- Иако Елизабет никогаш не била обучена за таа работа, била многу вешта во процесот на пресретнување на радиопораките и нивно декодирање - изјави историчарот Ејми Батлер Гринфилд за „Тајм“.

Како Елизабет ловела шверцери на алкохол?

Елизабет и Томас се венчале во 1917 година и неколку години подоцна добиле ќерка, а потоа и син. Откако го напуштиле Ривербанк во 1921 година, тие се преселиле во Вашингтон, каде што биле ангажирани од министерството за финансии на САД да се борат против шверцот со алкохол во периодот на забраната во Америка, кој траел од 1920 до 1933 година. Шверцерите користеле бродови кои крајбрежната стража не можела да ги запре бидејќи биле вешти во користењето шифрирани радиопораки.

Помеѓу 1926 и 1930 година, Елизабет дешифрирала по 20.000 пораки за шверцување годишно во стотици различни системи за кодирање. Сето тоа го направила рачно, користејќи само хартија и молив. Тоа било време пред компјутерската ера, така што нејзината работа може да се смета за херојски подвиг. Во ерата на прохибицијата, Елизабет Фридман исто така морала да се појави на суд за да сведочи како криптограф на судењата на некои од најголемите криминалци во тоа време. На пример, таа сведочела во еден случај во Њу Орлеанс против тројца соработници на Ал Капоне.

Што правела во текот на Втората светска војна?


Но, вистинскиот предизвик за американските криптоаналитичари, вклучително и Елизабет, се појавил во Втората светска војна. Откако Хитлер ја нападнал Полска во 1939 година и со тоа ја почнал Втората светска војна, тим од разбивачи на кодови, основан од Елизабет, почнал да пресретнува пораки слични на оние што ги користат шверцерите на алкохол. Сепак, ова биле пораки испратени од нацистички шпиони. Овие шпиони биле насекаде низ Јужна Америка, која тогаш била неутрален континент, и низ Америка и Мексико. Одеднаш, целиот тим, кој бил насочен кон проблемот со шверцот со алкохол, станал тим што ловел нацистички шпиони.

Како и Алан Туринг, и Елизабет Смит Фридман работела на разбивање на енигмата, а за време на Втората светска војна дешифрирала повеќе од 4.000 нацистички пораки. Нејзина најголема заслуга е распадот на нацистичката шпионска мрежа што испраќала криптирани извештаи од Јужна Америка до Берлин. Оваа шпионска мрежа ја водел Јоханес Зигфрид Бекер, познат и под прекарот Сарго. ФБИ го сметал Бекер за најопасен нацистички шпион на западната хемисфера. Од својата база во Аргентина тој управувал со мрежа од повеќе од 50 агенти кои разменувале илјадници извештаи за шпиони со Германија, собирајќи информации за американските и британските воени сили. Таа шпионска мрежа поттикнала и воени удари во јужноамериканските држави за да ги насочат своите влади кон нацистите. Напорите на Елизабет довеле до распаѓање на сите нацистички шпионски мрежи во Јужна Америка, особено онаа предводена од Сарго.

Зошто Елизабет Фридман не добила заслуги?


- ФБИ беше одговорен за фаќање на нацистичките шпиони во Јужна Америка, па Елизабет испраќала пораки и материјали до своите вработени, со чија помош тие самите можеа да ги дешифрираат пораките. Без Елизабет и нејзиниот тим, ФБИ ќе беше изгубено. Но, откако нацистичките шпионски мрежи беа уништени кон крајот на 1944 година, Џ. Едгар Хувер почнал јавна кампања за да ги заработи заслугите за победата во таа невидлива војна, тврдејќи дека ФБИ е единствено биро што ги заслужува. Дури и денес, историчарите по грешка заслугата на Елизабет му ги припишуваат на Хувер и ФБИ. Како резултат на тоа, Американците не знаат дека Елизабет Фридман, мајка на две деца, била најголемиот ловец на шпиони во Америка за време на Втората светска војна - вели Џејсон Фагоне.

За време на Втората светска војна сопругот на Елизабет, Вилијам Фридман, се истакнал со важни достигнувања, како што е разбивање на јапонскиот систем за шифрирање „Прпл“. Сепак, за разлика од неговата сопруга, достигнувањата на Фридман биле добро препознаени, па во 1952 година тој станал водечки криптолог на новоформираната Агенција за национална безбедност (НСА). Елизабет останала во сенката на нејзиниот сопруг и заслуженото признание го добила постхумно. Така, во 2019 година, Сенатот на САД донесе резолуција во нејзина чест, а во јули 2020 година крајбрежната стража на САД објави дека ќе го именува бродот по неа.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Wikipedia

Останати Живот