Како што пандемијата стивнува низ светот, владите бараат брзи и иновативни начини да ги почнат туристичките сезони.
Португалија гради работно село на неверојатниот остров Мадеира, а сега два италијански града плаќаат 50 отсто од трошоците за изнајмување куќи за работниците што би сакале да работат на далечина токму од овие градови.
Риети во регионот Лацио и Санта Фиора во Тоскана се градови што имаат проблем да ги задржат младите луѓе, а бројот на популацијата им стагнира.
Можеби за иселените млади Италијанци средновековните ѕидови, ренесансните плоштади и барокните палати поставени помеѓу лозја, реки, локални пазари и шуми не се привлечни, но за повеќето луѓето тоа е исполнување на соништата.
Санта Фиора
Сега, сето тоа може да биде ваше ако му докажете на градоначалникот на Санта Фиора, Федерико Балочи, дека сте вработени со полно работно време и дека гарантирате престој подолг од два месеца.
Станува збор за сериозна владина иницијатива, а не за платен одмор. Како што вели градоначалникот, целта не е само да се донесат пари, туку и да се најдат луѓе што ќе го заживеат Санта Фиора.
Санта Фиора се наоѓа во срцето на покраината Монтепулчано во Тоскана, во рамките на природниот резерват Монте Амиата близу долината Дорција. Киријата за куќите е од 300 до 500 евра месечно, за што работниците на далечина ќе добијат чек со 50 отсто помалку од вкупниот износ.
За да им помогне на кандидатите да најдат идеално сместување, градот лансира веб-страница (која можете да ја посетите
ТУКА) за рекламирање
куќи, колиби и други капацитети за сместување, како и контакт за корисни услуги, лекар, електричар, достава на храна и слично.
За инвеститорите или претприемачите, особено оние со италијанско потекло, Балочи нуди и грант од 30.000 евра за сите што сакаат да отворат бизнис со хотели или хостели, а подготвен е и да обезбеди помош за згрижување на децата.
- Целта е да се поттикнат луѓето да се преселат и виртуелно да работат од тука. Сакаме Санта Фиора да им стане флексибилна канцеларија - вели градоначалникот.
Малку поблиску до Рим
Риети, со 50.000 жители, исто така се соочува со стагнација на бројот на населението и ги кани сите работници на далечина да донесат надворешна перспектива во градот.
На час и половина од Рим, Риети бил основан од италијански племиња пред Рим да го контролира целиот полуостров, а остатоци од римскиот период можат да се најдат под улиците, куќите и надвор од градот.
- Изнајмувањето куќи е од 250 до 500 евра. За 600 евра можете да најдете цела вила во Риети - вели градоначалникот на Риети, Даниеле Синбалди.
Фото: Freepik
Вработените ќе треба да достават писмо од нивниот шеф дека всушност се работници на далечина со доволно часови работно време и пари со кои ќе можат да платат минимум 6-месечна кирија, а самовработените треба да дадат детален опис за нивната работа и доказ за приход.
Лоциран на еден од најважните автопати во римско време и опкружен со потоци, езера, канали, Риети е познат како „слатководна Венеција“ или како „италијанскиот папок“ затоа што се смета дека центарот на градот е географскиот центар на државата.
Иако нема соодветна веб-страница како што има Санта Фиора, можете да ги посетите subito.it, casa.it и immobilare.it - сите италијански страници за изнајмување, за да најдете сместување.
Фото: Freepik