Живот

Што чувствуваат астронаутите кога првпат ќе ја видат Земјата од вселената

Што чувствуваат астронаутите кога првпат ќе ја видат Земјата од вселената

активен до31.12.2099
19.07.2019
Астронаутите опишуваат дека доживеале когнитивна промена во свеста откако виделе како нашата планета „виси во празнината“.

Поминаа 50 години откако мисијата „Аполо 11“ ги однесе тројцата астронаути - Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс на Месечината и назад. Во една пригода Олдрин ја нарече Земјата „брилијантен скапоцен камен на црното кадифено небо“.

Оваа состојба на ментална јасност, наречена „ефект на преглед“, се појавува кога сте фрлени далеку од Земјата, па станувате целосно совладани и восхитени од кршливоста и единството на животот на нашиот син глобус. Тоа е чудно чувство за сфаќање на „големата слика“ и чувство на поврзаност со Земјата.

На видеото подолу наречено „Преглед“, Дејвид Бивер, соосновач на Институтот „Преглед“, раскажува за чувствата на еден од астронаутите на мисијата „Аполо 8“.

- Кога првично отидовме на Месечината, нашиот целосен фокус беше на Месечината. Не помисливме да ја погледнеме Земјата, но сега, откако го направивме, тоа е најважната причина зошто отидовме - вели тој.

Гледањето како камерите ја емитуваат Земјата од вселената беше нешто што го промени животот на сите гледачи. Сликата „Ертрајс“ беше направена од астронаутот Бил Андерс. До тој момент ниту едно човечко око никогаш не ја видело Земјата од толкава далечина во вселената.

- Беше шок. Мислам дека никој од нас немаше некакви очекувања за тоа дека ќе добиеме поинаква перспектива. Мислам дека фокусот беше: одиме до ѕвездите, одиме на други планети. И одеднаш погледнавме назад и се чини дека сето тоа ни даде нов вид самосвест - вели авторот и филозоф Дејвид Лој.

Астронаутот Рон Гаран од НАСА го објаснува чувството во неговата книга „Орбитална перспектива“.

- Како што ја гледав Земјата - таа неверојатна кревка оаза, остров што ни беше даден нам и што го чува животот од суровоста на вселената - ме облеа тага и ме погоди отрезнувачка контрадикција - вели Рон.

- И покрај убавината од оваа сцена, постои сериозна нееднаквост во очигледниот рај. Не можев, а да не си помислам на речиси една милијарда луѓе што немаат чиста вода за пиење, безброј луѓе што секоја ноќ легнуваат гладни, социјалната неправда, конфликтите и сиромаштијата што остануваат распространети на планетата. Погледот кон Земјата од оваа гледна точка ми даде единствена перспектива - нешто што го нареков орбитална перспектива. Дел од ова е сознанието дека сите патуваме заедно на планетата и дека ако сите го гледаме светот од таа перспектива, ќе видиме дека ништо не е невозможно - додава тој.



Фото: Screenshot/Vimeo

Останати Живот