Живот

Говор на психолог од „Харвард“ за среќата ќе ве научи важна лекција

Говор на психолог од „Харвард“ за среќата ќе ве научи важна лекција

активен до31.12.2099
20.09.2019
Даниел Гилберт е човек кој се обидел да одговори на многу збунувачки прашања. Зошто заљубените побрзо простуваат неверство отколку оставање валкани садови во мијалникот? Зошто луѓето со нормален вид би платиле повеќе да не ослепат отколку што би платиле слепите за повторно да прогледаат? Зошто пријателите што вечераат во ресторан инсистираат да порачаат различни јадења наместо да го побараат она што навистина го сакаат? Зошто не можеме да се сетиме на една песна кога слушаме друга? Зошто редот во маркет почнува да се движи побавно штом ќе застанеме во него?

Психологот Даниел Гилберт од „Харвард“ во една негова книга го опишува недостигот од мечтаење и илузии, кои настануваат кога се предвидува иднината, односно се опишува сето она што предизвикало погрешно да ја замислуваме иднината и неточно да ги проценуваме своите идни задоволства. Затоа и не е чудно што неговиот говор „Изненадувачка наука за среќата“ е погледнат милиони пати.

Ви пренесуваме дел од говорот.

„Еве две различни иднини кои ве повикувам да ги замислите, можете да се обидете да ги симулирате и да ми кажете која мислите дека би ја избрале. Едната од нив е добивање на лото. Тоа се околу 314 милиони долари. А другата е да станете параплегичар. Значи, размислете за тоа на момент. Веројатно мислите дека воопшто не ни мора да размислувате.

Она што е интересно е дека постојат податоци за овие две групи. Податоци за тоа колку се среќни. И ова е токму она што го очекувавте, зарем не? Но, ова не се реални податоци. Јас ги измислив!

Ова се податоците. Паднавте на блиц-прашање, а не поминаа ни пет минути од предавањето. Бидејќи факт е дека по една година од губењето на функцијата на ногата и по една година од добивањето на лото добитниците и параплегичарите всушност се еднакво задоволни од своите животи...

Немојте да бидете премногу разочарани бидејќи паднавте на првото блиц-прашање затоа што сите паѓаат на блиц-прашања цело време. Истражувањето на кое работеше мојата лабораторија, на кое работеа економисти и психолози низ целиот свет, откри нешто навистина вџашувачко.

Од студиите спроведени на терен и во лабораторија заклучивме дека да се победи или да се изгуби на изборите, да се стекне или да се изгуби љубовен партнер, да се добие унапредување или не, да се положи испит на факултет или не и така натаму, имаат далеку помало влијание, интензитет и траење отколку што очекуваат луѓето. Всушност, неодамнешна студија - ова ме фасцинира - неодамнешна студија за тоа како големите животни трауми влијаат врз луѓето покажува дека доколку се случиле пред повеќе од три месеци, со само неколку исклучоци, немаат апсолутно никакво влијание врз вашата среќа.

Зошто? Затоа што среќата може да се синтетизира...

Луѓето поседуваат нешто што би можело да се карактеризира како психолошки имунолошки систем. Систем на когнитивни процеси, главно несвесни, кои им помагаат да го променат својот поглед на светот за да може да се чувствуваат подобро во однос на световите во кои се наоѓаат.

Ние синтетизираме среќа, но мислиме дека среќата е нешто што се пронаоѓа.

Дозволете ми да ви покажам експериментална парадигма која се користи за да се демонстрира синтезата на среќа меѓу обичните луѓе. И ова не е мој изум. Ова е парадигма стара 50 години позната како парадигма на слободниот избор. Многу е едноставна. На пример, изложете шест предмети и замолете ги испитаниците да ги подредат според степенот на допаѓање. Затоа што експериментот за кој ќе говорам ги користи, ова се репродукции на Моне.

Значи, секој може да ги подредува според степенот на допаѓање. Сега ви нудиме избор: случајно имаме неколку репродукции вишок во орманот. Ќе ви дадеме една како награда, да си ја однесете дома. По некоја случајност, имаме број три и број четири, му велиме на испитаникот. Ова е малку потежок избор затоа што ниедна од нив не ви се допаѓа многу повеќе од онаа другата, но природно, луѓето главно го одбираат бројот три бидејќи им се допаѓа малку повеќе од бројот четири.

По одредено време, може да се 15 минути или 15 дена, истите стимуланси му се презентирани на испитаникот и тој е замолен повторно да ги оцени. „Кажете ни колку ви се допаѓаат сега“. Што се случува? Набљудувајте како се синтетизира среќата. Ова е резултат кој се повторуваше одново и одново. Сега гледате како се синтетизира среќата. Сакате ли да видите повторно? Среќа! „Онаа што ја добив е толку подобра отколку што мислев! Онаа другата е толку без врска!“ Тоа е синтеза на среќата.

И кој е вистинскиот одговор на тоа? „Да, нема што“. Еве го сега експериментот кој го спроведовме ние и се надевам дека ќе ве убеди дека „Да, нема што“ не беше вистинскиот одговор.

Го спроведовме овој експеримент кај пациенти што патат од антероградна амнезија. Тоа се хоспитализирани пациенти. Повеќето од нив имаат Корсаковлев синдром, еден вид психоза, која... пиеле премногу, па не можат да создаваат нови сеќавања. Добро? Се сеќаваат на детството, но ако влезете и се претставите и потоа ја напуштите просторијата, кога ќе се вратите, тие нема да знаат кои сте.

Ги понесовме репродукциите во болницата. Ги замоливме пациентите да ги подредат од онаа што им се допаѓа најмногу до онаа што им се допаѓа најмалку. Тогаш им понудивме избор меѓу бројот три и четири. Како и сите други, тие рекоа: „О, благодарам докторе, супер, добро ќе ми дојде нова репродукција, ќе го земам бројот три“.

Им објаснивме дека ќе им го испратиме бројот три по пошта. Го собравме материјалот и излеговме и почекавме да помине половина час. Враќајќи се во просторијата, рековме: Здраво, пак ние. Пациентите рекоа: Ах, докторе, извинете, имам проблеми со помнењето, затоа сум тука. Ако веќе сме се запознале, не се сеќавам.

- Навистина Џим, не се сеќаваш? Сега бев тука со репродукциите...
- Извинете докторе, немам ни најмала претстава.
- Нема проблем, Џим. Сѐ што сакам е да ми ги подредиш овие репродукции од онаа што ти се допаѓа најмногу до онаа што ти се допаѓа најмалку.

И што прават тие? Па, прво да провериме дали навистина патат од амнезија. Бараме од овие пациенти да ни кажат која репродукција ја поседуваат, која ја избрале минатиот пат, која е нивна. Она што бараме е лицата со амнезија само да погодуваат. Ова се нормални испитувања и кога би ве прашал и вас, секој би знаел која репродукција ја избрал. Но, кога ќе се обидете тоа да го направите со лица што патат од амнезија, тие немаат претстава. Не можат да го одберат својот примерок од понудените.

Еве што прават нормалните испитаници - тие ја синтетизираат среќата. Зарем не? Ова е промена во допаѓањето, разлика меѓу првото и второто оценување. Нормалните испитаници покажуваат - тоа е магијата што ви ја покажав, сега ви ја прикажувам во графички облик. „Онаа што ја имам е подобра отколку што мислев. Онаа што ја немам, што не ја избрав, не е толку добра како што ми се чинеше“. Луѓето со амнезија го направија истото. Размислете за овој резултaт.



На овие луѓе повеќе им се допаѓа нивната репродукција, иако не ни знаат дека ја поседуваат. „Да, нема што“ и не е вистинскиот одговор. Она што го направија овие луѓе кога ја синтетизираа среќата е тоа дека навистина ги изменија своите афективни, хедонистички, естетски реакции на оваа репродукција. Не го велат тоа само затоа што ја поседуваат бидејќи тие тоа не го ни знаат.

Кога психолозите ви прикажуваат графикони, вие знаете дека тука се работи за просечни вредности за голема група луѓе. А сепак, секој од нас го поседува тој психолошки имунолошки систем, таа состојба да ја синтетизира среќата, но некои од нас тоа го прават подобро од другите. А постојат и ситуации кои на секого му дозволуваат да го прави ова, повеќе отколку некои други ситуации. Излегува дека слободата - способноста да носите одлуки и да го менувате мислењето - е пријател на природната среќа бидејќи ви дозволува да одбирате меѓу сите тие прекрасни иднини и да ја најдете онаа што најмногу ви одговара. Но, слободата на избор - да одлучувате и да менувате мислење - е непријател на синтетичката среќа.

Психолошкиот имунолошки систем најдобро функционира кога целосно ќе заглавиме, кога сме заробени. Која е разликата меѓу забавувањето и бракот? Мислам, одете на состанок со некој, тој чепка во носот, нема веќе да се гледате со него. Се омаживте со некој што си го чепка носот? Но има златно срце. Зарем не? Наоѓате начин да бидете задоволни со она што го имате...

Треба да се има приоритети кои нѐ водат во една иднина наместо во друга. Но, кога тие приоритети пребрзо и прејако нѐ водат затоа што сме ја прецениле разликата меѓу овие две иднини, ние сме во опасност. Кога амбициите ни се ограничени, тоа ни овозможуваа да работиме со задоволство. Кога амбициите ни се неограничени, тоа нѐ влече да лажеме, мамиме, крадеме, да повредуваме други, да жртвуваме нешта со вистинско значење. Кога стравовите ни се ограничени, ние сме внимателни. Кога стравовите ни се неограничени и претерани, ние сме невнимателни и стануваме кукавици.

Лекцијата што сакам да ја научите од ова е дека нашите желби и грижи до некаде се претерани затоа што имаме способност да ја произведеме таа удобност по која трчаме кога одбираме искуства.“

Останати Живот