Образование

Проф. д-р Никола Јанкуловски, кандидат за ректор: УКИМ има кадровски потенцијал, но не и доволно материјални ресурси за рангирање во првите 500

Проф. д-р Никола Јанкуловски, кандидат за ректор: УКИМ има кадровски потенцијал, но не и доволно материјални ресурси за рангирање во првите 500

активен до31.12.2099
23.06.2020
Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите за ректор на УКИМ



Проблемот со рангирањето на УКИМ, и не само на УКИМ, туку и на останатите универзитети е повеќе системски одошто проблем на универзитетите. Ова го велам затоа што во сите земји каде што државата буџетираше значителни износи за истражување и наука рангот на универзитетите на меѓународните ранг-листи скокна. Сите универзитети во регионов се дел од таа приказна. Доколку нема истражувања, нема ни резултати, ниту објавени статии со фактор на влијание, ниту скок на ранг-листите, вели проф. д-р Никола Јанкуловски, кандидат за ректор на УКИМ. Тој е актуелен ректор на најголемиот универзитет во земјава. Доаѓа од Медицинскиот факултет во Скопје, каде што беше декан од 2009 до 2016 година. Јанкуловски е абдоминален хирург.

Што прво ќе направите на УКИМ ако повторно Ве изберат за ректор?


- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најголем и по сите рангирања највисоко рангиран универзитет во земјава. Успешно го водев последниве 4 години, се соочив со многу предизвици и се отворија многу нови можности. Велам многу нови бидејќи овој универзитет по своите постигнувања е распознаен како респектабилна високообразовна и научна институција во земјава и надвор од нејзините граници. Во мојот мандат започнав голем број активности кои ги завршив, но и голем број активности што треба да се довршат. Приоритетите на УКИМ се определени и во Стратегијата на универзитетот, која беше донесена минатата година, а го покрива периодот до 2023 година.

Проф. д-р Никола Јанкуловски


Се разбира дека еден од моите стратешки приоритети ќе биде интернационализација на универзитетот. И досега УКИМ со над сто меѓународни проекти годишно е лидер во земјава, меѓутоа, во услови на слаба системска поддршка на науката и истражувањата сметам дека овој начин е една од најефикасните можности за пристап до средства за истражувања. Свесни сме дека само преку истражување се стекнуваат нови искуства и знаења. Вмрежувањето со респектабилни меѓународни универзитети и институции дава голем придонес во таа насока и тоа мораме во иднина да го зајакнуваме и максимално да го поддржуваме. За таа цел, планирам да оформам Канцеларија за поддршка на овие меѓународни проекти и истражувања. УКИМ има најголема и најквалитетна ресурсна база на професори и научници во сите области, така што сите можат да придонесат во олеснувањето на овој процес на подготовка на проектните апликации и во вмрежувањето со други универзитети и институции. 

На добар пат сме да обезбедиме пристап до квалитетни научни бази на податоци кои го олеснуваат пристапот до најнови и квалитетни податоци и информации за нашите професори и истражувачи и спремни сме тоа да го финансираме од сопствени средства на универзитетот.
Развојот на научноистражувачката работа е коренот на иновациската дејност, а резултатот од тие активности се очекува да биде сѐ поголем број објавени научни трудови во меѓународни списанија и списанија со фактор на влијание, што ќе ја зголеми видливоста на нашиот универзитет и неговиот меѓународен ранг.

Со цел да се придонесе, а истовремено и да се направи поефикасен овој процес, предвидени се средства во рамките на интегративните функции на универзитетот со кои финансиски се поддржува основање на студиски програми на странски јазици, формирање заеднички студиски програми со странски универзитети, отворање на т.н. „прозорци на мобилност“ во рамките на постојните студиски програми, како и средства за поддршка на меѓународната соработка и вмрежување. За посебно одбележување е настојувањето да се обезбеди двојна диплома и заедничка диплома, што претставува виза за признавање на нашите дипломи по автоматизам во другите земји, што претставува една од можностите за присутност на студиските програми на УКИМ на меѓународниот пазар на трудот. Со заеднички напори со единиците очекувам зголемување на бројот на заеднички студиски програми со високорангираните универзитети од странство. Ќе се залагам за поддршка на сите студиски програми што се препознатливи на европскиот високообразовен простор и кои, исто така, се препознатливи и по квалификациите од Европската рамка на квалификации, и тоа преку зголемување на улогата на Комисијата за настава во соработка со Канцеларијата за квалитет. Студиските програми на англиски јазик претставуваат основа за привлекување странски студенти. Во наредниот период ќе посветиме посебно внимание за развивање, акредитирање и промовирање на овие студии.

Управувањето со квалитетот, исто така, ќе биде во фокусот на унапредување на наставниот процес засновано на сѐ поголем степен на функционална интеграција на единиците. Со формирање на Канцеларија за квалитет, а согласно насоките на Агенцијата за квалитет, универзитетот ќе креира стратешки документи, насоки, стандарди и процедури за следење и подобрување на квалитетот на високото образование на УКИМ.

И понатаму ќе се залагам за обезбедување дополнителни финансиски средства за зголемување на платите на вработените, за обезбедување капитални инвестиции за единиците и дополнителни средства за обезбедување на тековното работење;

Студентите се фокус на нашата мисија како високообразовна установа и во таа насока еден од моите основни приоритети е подобрување на стандардот и условите за студирање на нашите студенти. Ова го кажувам со една сериозна поткрепа на тие факти, а тоа е дека универзитетот и досега издвојувал средства за стипендирање и наградување на своите најдобри студенти, обезбедува стипендии за студирање од врвни компании од земјава кои се развиваат благодарение на кадрите што се регрутираат токму од нашиот универзитет и посебно сакам да истакнам дека од пред 2 години ставена е во функцијата Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД, која обезбедува голем број високи стипендии за нашите студенти од прв циклус студии кои се од социјално ранливи категории. Во контекст на студентите би ја истакнал и заложбата за стекнување практични вештини на студентите преку практичната настава во текот на реализацијата на студиските програми. Во рамките на мојот претходен мандат го основавме првото трговско друштво за иновации и трансфер на технологии ИНОФЕИТ, кое на студентите, особено на оние од техничките струки, им овозможува  студентска пракса. Универзитетот минатата година изготви и посебна програма за поддршка на студентите со попреченост и буџетира средства со исклучива намена поддршка и грижа за потребите на студентите со попреченост.


Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ, и негов развој. Колку, според Вас, овој Закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?


- Новиот Закон за високо образование, кој беше донесен во мај 2018 година, предвидува многу новини во високото образование. Универзитетската автономија ја дефинираат четири аспекти: организациската, финансиската, кадровската и академска автономија. Во поглед на организациската автономија, која се однесува на способноста на универзитетот слободно да одлучува за својата внатрешна организација, како што се: ректорската гарнитура (самостојно да го избере, назначи и разреши ректорот и да одлучува за должината на неговиот мандат), телата за донесување одлуки (Совет, Сенат, избор на внатрешни и надворешни членови и сл.), формирање профитни и непрофитни правни лица и самостојно одлучување за својата внатрешна академска структура, сметам дека е делумно ограничена. Имено, во однос на одлучување и уредување на академски структури законодавецот во новиот ЗВО прилично се потрудил да ја регулира материјата така што во најситни детали се утврдени надлежностите на Сенатот и Ректорската управа. Она што е пропишано со новиот ЗВО се коси со препораките што ги даде ЕУА (Асоцијација на европски универзитети) кога во текот на 2017 изврши втора последователна евалуција на нашиот универзитет.

Тие имаа две круцијални забелешки и препораки во нивниот извештај, од кои едната се однесуваше на финансирањето и финансиската автономија, а втората на системот за управување, т.е. на организациската автономија, кои за жал не се преточени во новиот ЗВО.
Во таа насока сметам дека Законот треба да ги регулира само прашањата од јавниот, односно општествениот интерес на државата во високото образование, а тоа се содржината на автономијата, студентите, студиските програми, државните органи кои ќе ги спроведуваат надлежностите на државата, основањето и престанокот на универзитетите и надзорот над нивната работа. Организациската поставеност на универзитетите, вклучувајќи ги горенаведените точки, не претставува јавен интерес на државата и треба да се уредува исклучиво со саморегулатива на универзитетите. До донесување на ЗВО во 2000 година, УКИМ почиваше на сопствена статутарна регулатива во целост.
Во поглед на финансиската автономија посебно ограничување е фактот што зависиме од финансиските планови кои ги одобруваат Министерството за образование и наука и Министерството за финансии. Во постојните услови јавното финансирање на УКИМ е сведено на финансирање на основниот буџет за плати и режиски трошоци, така што буџетското финансирање не надминуваше 30% од вкупниот буџет на УКИМ. При донесување на Законот за високо образование јасно укажавме на две клучни поенти со кои сметам дека значително ќе се унапредеше финансиската автономија, а тоа се: финансирање на дејноста на факултетите базирано на реалните трошоци според научните полиња на кои припаѓаат и второ, јавните универзитети да не се третираат како останатите буџетски корисници и да се респектира нивната финансиска автономија, а тоа значи финансиските планови на универзитетите наместо да се димензионираат според потребите на Буџетот, да се буџетираат и извршуваат онака како што се предложени од страна на универзитетите, зашто на тој начин ќе можеме слободно да располагаме со сопствените средства.

Исто така, освен овие две круцијални промени во делот на респектирање на финансиската автономија сметаме дека државата мора да издвои повеќе средства и за закрепнување на материјалната основа и да го зголеми буџетот на МОН за капитални инвестиции во јавните универзитети и да го зголеми процентот кој се издвојува за наука.
Во делот на кадровската автономија, која е законски загарантирана, во практика се соочуваме со проблемот на вработувања на нови кадри, кои треба да ги заменат оние што по природен пат заминуваат во пензија, а тие места остануваат непополнети.
Академската автономија, која се однесува на способноста на универзитетот слободно да одлучува за различни академски прашања, како што се: одредување на вкупниот број запишани студенти и нивниот прием, одредување на содржините во студиските програми, обезбедување на квалитетот, воведување нови студиски програми и избор на јазикот на наставата, сметам дека е на едно задоволително ниво, кое го задоволува ова уставно загарантирано право на универзитетот.


На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор повторно, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?


- Ова прашање е многу експлоатирано во јавноста, а особено последнава година. За ваквата состојба вината не може да се бара само и единствено на универзитетот. УКИМ сѐ уште е најдобро рангиран универзитет во земјава, но јас со големо жалење морам да истакнам дека УКИМ најмногу страда од нападите на дел од своите кадри кои со сета силина се упатени не само кон мене, туку и кон универзитетот. Проблемот со рангирањето на УКИМ, и не само на УКИМ, туку и на останатите универзитети, е повеќе системски одошто проблем на универзитетите. Ова го велам затоа што во сите земји каде што државата буџетираше значителни износи за истражување и наука рангот на универзитетите на меѓународните ранг-листи скокна. Сите универзитети во регионов се дел од таа приказна. Доколку нема истражувања, нема ни резултати, ниту објавени статии со фактор на влијание, ниту скок на ранг-листите.

Имајќи ја предвид сегашната позиционираност на универзитетот на Шангајската листа на универзитети (ARWU), сметам дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ може и треба значително да го подобри својот ранг, а тоа пред сè зависи од бројот на објавени научни трудови, но и од пропорцијата на средства што државата ги буџетира за развој на науката. Со анализа на податоците на базите Web of Science утврдено е дека на доброто рангирање на Шангајската листа му претходеле објави на статии во списанија со висок фактор на влијание, како Nature и Science. Оттаму, објавата на статии во овие списанија треба да биде една од целите на нашите истражувачи, за што ќе биде обезбедена посебна финансиска поддршка. УКИМ во рамките на своите можности издвојувал и ќе издвојува средства за поддршка на вакви истражувања, но тука е пред сè потребна системска поддршка и јака спрега меѓу државата и универзитетот, а секако и бизнис-секторот.
Рангирањето на универзитетот во првите 500 универзитети на светско ниво е најприоритетната програмска цел за која сум се залагал како професор, декан и ректор. Сакам да истакнам дека во поглед на кадровскиот потенцијал универзитетот ја исполнува оваа задача, но материјалните ресурси се недоволни за целосно исполнување на условите за рангирање во првите 500. Заеднички ќе се бориме за изнаоѓање средства од државата, како и од други извори за истражување и за други активности чија реализација ќе доведе до постепено искачување на ранг-листата на реномирани универзитети во странство.



Студентите се фокус на нашата мисија како високообразовна установа


Освен рангирањето на Шангајската листа, која секако е една од распознатливите и респектабилни ранг-листи, постојат и други рангирања на универзитетите. Како илустрација, оваа година Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) во дописот кој го испрати до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го рангира УКИМ на 1.816-тото место од дваесет илјади универзитети во светот. Со овој список нашиот универзитет се наоѓа во првите 9,1 проценти во светот, што е исклучително достигнување.

Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) го прави рангирањето согласно неколку објективни индикатори кои се користат во методологијата на рангирање: национален ранг на квалитетот на образованието, квалитетот на кадарот, вработувањето на алумните, квалитетот на академските и истражувачки перформанси.

Искрено верувам дека со процесот за заокружување на Центарот за алумни на УКИМ и со започнувањето со работа на Центарот за интелектуална и научна дијаспора и миграции дел од овие податоци ќе бидат повидливи за релевантните институции што работат на рангирањето на универзитетите и дека УКИМ ќе забележи забележителен скок погоре во рангирањето. Инаку, сметам дека да се биде во првите 9 проценти воопшто не е ни слаб резултат ни неуспех, резултатите на УКИМ се тука, тие се присутни, едноставно треба само да бидат повидливо презентирани.



 Со години наназад науката е ставка за која се извојува очаен дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?


- Во поглед на ова прашање морам да одговорам со доза на „задршка“ бидејќи не е во моја моќ да влијаам на одлуките на Владата за издвојувањата за наука во Буџетот на државата. Со години наназад науката е на маргините на интерес. Издвојувањата се очајно мали и, за жал, не можат да ги покријат ниту основните потреби за истражување, како што се пристапи до бази на податоци, опремување на лаборатории со опрема и реагенси, кои знаат да бидат и многу скапи, екстремно ниски плати на истражувачите и професорите итн. Јас ќе се залагам за поголеми издвојувања за наука и образование, но сепак последниот збор ќе го има Владата.

Она што јас можам да го ветам и она што и сега го правам е перманентно зголемување на средствата наменети за научни истражувања на УКИМ, кои за последниве 4 години достигнаа 20% од вкупниот буџет за интегративни функции. Планирам во наредниот мандатен период овој буџет да се зголеми за дополнителни 10% кои ќе бидат наменети за обезбедување средства за пристап до релевантни бази на податоци. Втората работа за која исто така ќе се залагам, особено со новиот проректор за наука, е за воспоставување механизми за поефикасно полнење и ажурирање на интерната база на трудови – репозиториумот на трудови на УКИМ, што секако може да придонесе и за извесен скок на интернационалните ранг-листи на универзитети.

Останати Образование