Живот

Детали за детството на Грета Тунберг открива нејзината мајка во книга

Детали за детството на Грета Тунберг открива нејзината мајка во книга

активен до31.12.2099
24.02.2020
Шведската оперска пејачка Малена Ернман ѝ е мајка на Грета Тунберг, тинејџерката позната по својот активизам за борбата против климатските промени. Мајката неодамна во книга ја откри трансформацијата на нејзиното 11-годишно девојче кое едвај зборувало во најмоќниот глас на светот кога станува збор за климатските промени.

Како на нејзината ќерка ѝ бил дијагностициран аутизам и како активизмот ѝ помогнал да се соочи со нарушување во исхраната, Ернман открива во дел од книгата „Нашата куќа гори: Сцени од семејство и планета во криза“, зад која како автори стојат сите членови на семејството Тунберг. Делот од книгата бил објавен во „Опсервер“.


- Таа полека исчезнуваше во некој вид темнина. Престана да свири на пијано. Престана да се смее. Престана да зборува. И престана да јаде - пишува Ернман.

Ернман и нејзиниот сопруг Сванте Тунберг не можеле да ја принудат Грета да јаде. Таа изгубила 10 килограми за два месеца. Кога се вратила на училиште, татко ѝ сфатил дека ја исмевале врсниците. Набрзо потоа психијатрите ѝ дијагностицирале аутизам, кој Ернман го опишува како Аспергеров синдром, како и опсесивно-компулсивно нарушување.


Грета потоа почнала да се интересира за климатската криза, а најважен момент што ја поттикнал да се активира бил филм за отпадот во океаните кој таа го гледала на училиште.

- Грета не можеше да се помири со тоа што го видела. Таа го виде она што повеќето од нас не сакаме да го видиме. Беше како да може да го гледа нашето испуштање на јаглероден диоксид со голо око - пишува нејзината мајка.

Тунберг го одржала првиот училиштен штрајк летото 2018 година. Кога ѝ се придружиле повеќе активисти, нејзиниот татко се обидел да ја убеди да се врати дома бидејќи бил загрижен за нејзиното ментално здравје, но таа одбила, а времето поминато со другите активисти имало неочекувано влијание врз неа. Грета почнала да јаде нормално и целосно се трансформирала, задржувајќи го фокусот на својот активизам.

Автор: Џејмс Тапер
Извор: theguardian.com
Фото: fridaysforfuture.org

Останати Живот