Светските успеси се резултат на неговата голема музикалност и упорност во свирењето
„Не гледам на часовникот додека вежбам виолина“, вели Леонардо Димоски, 16-годишниот виолинист од Прилеп кој успеа да освои второ место на светскиот натпревар „Persatuan Chopin Malaysia“ што се одржа деновиве во Малезија со 560 учесници од 38 држави од пет континенти. Пред еден месец, исто така, настапи на Интернационалниот онлајн-натпревар во Москва, каде што ја освои третата награда, а во жирито беа еминентни професори од Московскиот конзерваториум.
Веќе десет години виолината му е секојдневна друшка, а сега е ученик во втора година во Државното музичко училиште во Битола, во класата на професорката Оливера Трајкова, а неговиот напредок го менторира и светски познатата виолинистка Сихана Бадивуку од Косово.
Со професорката Оливера Трајкова
„За мене, сите денови се работни“
- Се работи за онлајн-натпревари од светски ранг, каде што имав силна конкуренција, а членови на жирито беа светски уметници и професори, меѓу кои и професори од Московскиот државен конзерваториум, а еден од нив е и студент на познатиот маестро Исак Перлман. Настапив со дела на Бах, Локатели, Паганини и Виениавски. Овие награди се дополнителен мотив да продолжам да го надградувам својот талент и посветеност кон музиката - вели младиот Леонардо.
Светските успеси се резултат на неговата голема музикалност и упорност во свирењето.
- Магичниот звук на виолината допира до мене на посебен начин и целосно ме релаксира. Преку него може да се доживеат најразлични расположенија и затоа тоа е инструментот на кој одлучив да свирам. Ја сакам музиката и вежбањето не ми претставува тешкотија. Не сакам да гледам на саат додека вежбам. Вежбам онолку колку што ми е потребно за да ја постигнам целта на денот. Некогаш еден, а некогаш и пет-шест часа. Пред натпревар или концерт вежбањето е поинтензивно. Сите денови за мене се работни, но кога се работи она што се сака, тоа не е тешкотија, напротив, тоа е уживање - вели Леонардо.
Виолинско мајсторство во класата на Оливера Трајкова од Битола
На седум години го започнал музичкото образование во ООМУ „Ордан Михајлоски- Оцка“ во Прилеп. Во светот на музиката го водела професорката по виолина Оливера Трајковска, битолчанка од познатото семејство Гемту, инаку во основно и средно образование ученик во класата на познатите професори Хриситна Трајановска и Зоран Маневски, а за време на студирањето кај познатиот Михајло Куфојанакис. Настапувала во Канада, Украина, Хрватска, Србија, Грција...
- Во Прилеп работев неколку години. Се сеќавам кога дојде Лео и почнав да работам со него. Веднаш се осети таа музикалност и природна предиспозиција на рацете кај него. Се јавив кај родителите и им кажав дека поседува исклучителна музикалност и дека за комплетен успех потребна ми е и нивната помош. Тие од самиот старт се посветија максимално и тие три години додека работев во Прилеп, Лео веќе имаше учествувано на државните натпревари и освојуваше награди. Потоа се префрлив на работа во Државното музичко училиште во Битола и Лео продолжи да соработува со еден од најдобрите педагози и виолинисти - Сихана Бадивуку - раскажува професорката Оливера Трајкова.
Со Сихана Бадивуку
Ментор - врвната Сихана Бадивуку, универзитетски професор од Приштина
Бадивуку е професорка на Факултетот за уметности во Приштина и концерт-мајстор на Косовската филхармонија. Веќе неколку години ја менторира работата на младиот Леонардо преку приватни часови еднаш до двапати неделно во Скопје, а сега онлајн.
- За овој успех голема заслуга има мојот ментор Сихана Бадивуку, со која интензивно работевме. Часовите со неа се задоволство и уживање и често знаеме да изгубиме осет за времето. Таа несебично се вложува и го дели своето знаење. Ме научи на самостојност, истрајност и дисциплина, од една страна, а од друга, да не заборавам и на другите убавини што ги има животот, на љубовта... Таа, пред сè, е голем човек, а потоа педагог - вели Леонардо.
Посветени родители
Виолината е кралица на инструментите, но и еден од најтешките инструменти за свирење. Бидејќи се работи за нетемпериран инструмент, бара многу работа и дисциплина. За комплетен виолинист не е потребна само музикалност, туку и многу дисциплина и напорна работа.
- Благодарение на моите родители, имав нормално детство, не се разликував од моите врсници. Тие знаеја да направат баланс помеѓу одговорното и дисциплинирано свирење на виолина и играњето видеоигри, дружби со врсниците и сѐ што правеа другите деца. Како и секоја друга работа, и оваа бара жртви и посветеност, но не можам да кажам дека сум бил скратен од нешто. Во слободно време читам книги, пливам, играм тенис и се дружам со пријателите - вели Леонардо.
Учи во најстарото музичко училиште во земјава - расадник на музичари
Како ученик во средното музичко училиште во Битола, повторно е во класата на Трајкова. И покрај натпреварите, успева на училиште да биде со сите петки. Инаку, Државното музичко училиште – Битола е најстарото музичко училиште во државата. Оформено е на 17 февруари 1947 година и уште оттогаш било расадник на музички таленти. Од ова училиште излегоа многубројни познати личности како Кирил Македонски, Михајло Николовски, Милица Шперович, Славе Димитров, Јасминка Чакар, Кире Костов и од поновата генерација Тоше Проески, Владимир Костов, Марија Вршкова, Исмаил Лумановски и многу други.
- Можам да кажам дека Музичкото училиште во Битола е една од најубавите работи што ги има Битола. Бидејќи наставата најчесто е индивидуална, за мене како наставник е многу битно што на едно дете можам максимално да му се посветам за време на часот, а со тоа се раѓа и една посебна врска помеѓу наставникот и ученикот и таа врска трае за цел живот - вели професорката Трајкова.
Фото: Приватна архива