Стипендии

Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за извршната МБА програма на Универзитетот Шефилд за академската 2018/ 2019 година

Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за извршната МБА програма на Универзитетот Шефилд за академската 2018/ 2019 година

25.06.2018
Врз основа на Протоколот за соработка за доделување на стипендии „Борис Трајковски” со наш архивски број 08-7502/1, потпишан во Скопје на 20 јуни 2018 година од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Министерството за образование и наука на Република Македонија и Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд од Велика Британија, Сити Колеџ, лоциран во Солун, Грција, и согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11), Министерството за образование и наука распишува:

К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ” ЗА СТУДИИ ОД
ВТОР ЦИКЛУС ЗА ИЗВРШНАТА МБА ПРОГРАМА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ШЕФИЛД ЗА АКАДЕМСКАТА 2018/2019 ГОДИНА 

Уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус во рамки на Извршната програма за бизнис администрација, МБА, насоки за:

- Општ менаџмент
- Маркетинг
- Финансии
- Менаџмент во логистика
- Менаџмент во здравство
- Менаџмент на човечки ресурси

На овој Конкурс може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и јавниот сектор.

Средствата за уписнина ги обезбедуваат Владата на Република Македонија – Министрество за образование и наука (во износ од 50%) и Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ (во износ од 50%).

Извршната МБА програма е предвидено да се реализира за време на викенди, во Солун, Грција. Студентите не треба да живеат во Грција, туку ќе треба да престојуваат во Солун само за време на овие викенди. Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.

УСЛОВИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Кандидатите кои ќе конкурираат треба да ги исполнуваат следните услови:

• Да имаат завршено академски универзитетски студии од прв циклус со постигнат просечен успех од најмалку 8,00.
• Да имаат работно искуство од минимум 3 години;
• Да имаат одлично познавање на англискиот јазик (TOEFL сертификат со резултат 89 (кога се полага преку интернет) или IELTS со резултат 6,5 или нивен еквивалент). Кандидатите кои имаат завршено средно/високо образование на англиски јазик не се обврзани да приложуваат ваков сертификат. Кандидатите кои не поседуваат еден од горенаведените сертификати, ќе бидат тестирани од страна на Сити Колеџот. За датумот и местото на тестирањето кандидатите ќе бидат дополнително известени.
• На денот на пријавувањето кандидатите треба да се постари од 24 години.

Како критериуми за избор ќе се сметаат:

1. Степенот на стекнато образование и просекот. Кандидатите кои имаат магистратура или докторат во друга дисциплина ќе имаат предност при изборот.

2. Како предност при изборот на кандидатите ќе се смета квалитетот и времетраењето на работното искуство, како и нивото на менаџерски позиции кои кандидатот ги имал во текот на работното искуство.

3. Нивото на познавање на англискиот јазик.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
Пријава
• Пополнет формулар за аплицирање
• Судски превод на англиски јазик од дипломата за завршени академски студии од прв циклус и од уверението за положени испити со оценки и просечен успех;
• Фотокопија од сертификатот за познавање англиски јазик, заверена на нотар;
• Една писмена препорака (во запечатено и потпишано плико);
• Биографија на англиски јазик;
• 4 фотографии (во големина за пасош).

ИЗБОР НА КАНДИДАТИТЕ

Изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од по еден претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со критериумите на Универзитетот Шефилд и законските прописи на Република Македонија.

Сите документи се приложуваат во три (3) примероци (еден оригинал и две фотокопии).
Краен рок за пријавување: 20 јули 2018 година.

Документите да се достават на следната адреса: Министерство за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј” бр. 54 (зграда на Нова Македонија, Архива-приземје), 1000 Скопје со назнака “Стипендии Борис Трајковски”

Лице за контакт: Анастасија Трајковска, anastasija.trajkovska@mon.gov.mk

Останати Стипендии