Авион на „Јунајтед ерлајнс“, кој летал од Лос Анџелес кон Кина, бил принуден да се врати во САД два часа по полетувањето откако екипажот дознал дека еден од пилотите нема пасош.
Леталото со 257 патници и 13 члена на екипажот полетало во саботата во 14 часот по локално време и се упатило кон северозапад. Првично планот бил да лета преку Тихиот Океан кон Шангај.
Сепак, два часа подоцна, авионот свртил назад и се упатил кон Сан Франциско, каде што слетал околу 17 часот, според податоците на „Флајт авер“.
- Пилотот немаше пасош. Веднаш организиравме нов екипаж, кој истата вечер ги превезе патниците до нивната дестинација. На патниците им беа доделени ваучери за оброк и компензација - соопшти авиокомпанијата.
Новиот екипаж полетал околу 21 часот и пристигнал во Шангај шест часа подоцна.