Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола ја официјализира иницијативата за формирање Универзитетски хаб за тројна транзиција, како одговор на актуелните кризи и потребата за создавање одржливи решенија за глобалните проблеми.
- Овој хаб претставува значаен чекор во нашата посветеност на унапредување на образованието и научната соработка во Алијансата КОЛОРС и пошироко. Целта е да создадеме интегриран и мултидисциплинарен пристап кој ќе го поддржи развојот на студентите и академската заедница. Идејата ја надградува и унапредува европската двојна транзиција - зелена и дигитална, и овозможува вистински фокус на потребите на планетата и општеството. Преку овој хаб ние не само што ќе ги развиеме потребните компетенции за социо-економска и еколошка праведна трансформација, туку ќе овозможиме и активно учество во решавањето на глобалните предизвици, како климатските промени и дигитализацијата - изјави академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска.
Цел на Универзитетскиот хаб
Основната цел на хабот е интегрирање на принципите на тројната транзиција во образовниот процес. Студентите и наставниот кадар ќе бидат охрабрени активно да учествуваат во процесите на социо-економска и еколошка праведна зелена трансформација, социо-економска праведна мобилност и дигитализација. Оваа иницијатива има цел да развие нови идеи и алатки кои ќе помогнат во решавањето на глобалните предизвици, како климатските промени и исцрпувањето на природните ресурси. Како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола силно ја поддржува стратегијата за тројна транзиција и започнува со учество во нови активности и истражувања што ја одликуваат оваа Алијанса.
- Со формирањето на Универзитетскиот хаб за тројна транзиција, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола ја промовира амбицијата да биде лидер во образованието и апликативната научноистражувачка работа. Секогаш се базираме на наши постојни иницијативи кои се вплотуваат во пошироката слика на дејствување. Нашата визија е да ја едуцираме преку реалистични принципи следната генерација на лидери кои ќе бидат подготвени да се справат со најголемите предизвици на современиот свет, почнувајќи од дома. Креирањето ваква платформа за иновации, соработка и истражување ќе овозможи нашите студенти и кадар да бидат дел од глобалните решенија за одржлив развој и социо-еколошка праведност, се ставовите кои ги споделуваат ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска воедно и со - иницијатори со академската раководителка, на идејата за основање на хабот за тројна транзииција на УКЛО.
Клучни активности на Универзитетскиот хаб
Според Програмата за работа, хабот на УКЛО КОЛОРС, покрај отворени повици за учество на студентите, наставниот кадар и соработниците во активностите на хабот, предвидува посветеност кон проблемски ориентирани теми со учесници од различни дисциплини. Воедно, планирана е промоција на интегрираниот и мултидисциплинарен пристап за истражување и градење капацитети за одржлив развој и формирање инклузивен и иновативен екосистем за соработка на национално и интернационално ниво.
Со формирањето на хабот за тројна транзиција, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола како членка на алијансата КОЛОРС продолжува да го зголемува својот придонес во европската и глобалната академска и научна заедница, активно учествувајќи во решавањето на основните кризи и предизвици на денешниот динамичен свет.
Да потсетиме, принципот за тројна транзиција - социо-економска, зелена и дигитална, е оригиналната новост која првпат ја вгради во својата суштина Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, а по неа следуваат уште две алијанси кои го преземаат овој принцип. Поглавјето кое ја дефинира тројната транзиција е публицирано од светскиот издавач Шпрингер, како поглавје насловено The Three MuskEUteers: Pushing and Pursuing a „One for All, All for One”
Triple Transition: Social, Green, and Digital, од група светски автори, во коавторство и уредништво на проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, проф. д-р Ѓорѓи Манчески (УКЛО) и проф. д-р Геерт Поелс (УГЕНТ, Белгија) во книгата
Facilitation in Complexity: from Creation to Co-creation, from Dreaming to Co-dreaming, from Evolution to Co-evolution. Така, оваа оригинална траекторија патува од нашата држава, низ Европа и светот, па повторно на УКЛО, во КОЛОРС и во врутокот на хабот за тројна транзиција.
Хабот за тројна транзиција на УКЛО КОЛОРС физички ќе биде дел од новиот колаборативен простор (CoSpace) на алијансата во Битола, во студентскиот информативен центар, а неговото дејство ќе се протега низ активностите на факултетите, алијансата и соработниците.
(Комерцијална објава)