Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година. Уписната политика првпат е креирана преку интензивна соработка помеѓу МОН, локалните самоуправи и бизнис-заедницата во земјава, со што се увиде потребата за отворање нови образовни профили и паралелки во училиштата, а имплементацијата ќе биде поддржана со значително поголем износ на буџетски средства споредбено со изминатите години.
Согласно Конкурсот, во 109 средни училишта има вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и Математичко-информатичка гимназија, пишува во соопштението од Министерството за образование и наука.
Со новиот Конкурс оваа година отворени се 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постојни програми, додека дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании кои изразија подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место.
Министерството за образование и наука апелира до деветтоодделенците, изборот на образование да го направат по сопствено убедување, согласно личните афинитети, предиспозиции и интерес кон одредена област, но, секогаш да ја имаат предвид и информацијата за тоа колку одреден тип образование нуди можности за вработување и безбедна и перспективна иднина.
Фото: Архива