Со вакцината ќе ви инјектираат електронски чип, ќе ве затрујат, ќе ве разболат, велат тие.
Сè уште нема вакцина за новиот коронавирус, а научниците прават напори да ја направат. Но, антиваксерите веќе ја искористија пандемијата за да шират дезинформации на социјалните мрежи.
Видеото „Пандемија“, во кое се тврди дека кризата со Ковид-19 е владина проекција, веќе има еден милион прегледи на „Јутјуб“ и на други платформи.
Листа на супстанции со имиња што звучат страшно, а за кои се вели дека ги има во токсични количини во вакцините (што не е точно), е споделена илјадници пати на „Фејсбук“ од крајот на април досега.
Антиваксерската реторика не е нешто ново, но стана поочигледна за време на пандемијата, сметаат експертите.
Антиваксерското движење е постаро и од интернетот и од кризата со Ковид-19, но социјалните мрежи создадоа високоефикасна „ехо-комора“ за антиваксерите, смета Силвајн Делуве, истражувач по социјална психологија од Универзитетот во Рен, Франција.
Покрај тврдењата на платформите дека ќе ги ограничат антиваксерските содржини, лажните наслови се размножуваа, вели тој и додава дека антиваксерската реторика постојано еволуира.
Некои лажни тврдења - како една статија во која се тврди дека вакцините содржат токсични хемикалии како супстанциите користени за смртоносни инјекции - изгледа дека одново се појавуваат на интернет без директно упатување на Ковид-19.
Степенот до кој пандемијата ги промени дезинформациите сè уште не е јасен, смета Дејвид Бронијатовски од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
- Сè уште го истражуваме прашањето дали противниците на вакцините се поактивни поради пандемијата или само се повидливи поради зголеменото внимание што ѝ се посветува на пандемијата - вели тој.
Вниманието што му се посветува на Ковид-19 им овозможи на антиваксерите да ги завиткаат вестите во нивниот наратив, смета Амелија Џејмисон од Универзитетот во Мериленд, која додава дека нештата онлајн не се секогаш такви какви што изгледаат.
Огромно мнозинство луѓе во светот - околу 80 проценти - до некаде или силно се согласуваат дека вакцините се безбедни, покажа годишно истражување за наука и здравје за 2018 година. Седум проценти од луѓето истакнале дека „до некаде или силно не се согласуваат“, додека 11 проценти немале мислење.
Сепак, според истражувачите, антиваксерските движења можат да ја зајакнат епидемијата на Ковид-19, како што беше случајот со епидемијата на морбили минатата година.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација лани го класифицира „сомнежот во вакцините“ како една од десетте закани за глобалното здравје.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay