Факторите што влијаат врз висината на платите на работниците се продуктивноста на работниците, продуктивноста на претпријатието, што е детерминирано од технолошкото ниво, и општата состојба на пазарот на трудот. Клучот за повисоки плати е: образование, вештини, компетенции и висока работна етика, потенцира универзитетскиот професор Марјан Петрески
Нов раст на просечната плата во земјава регистрира Државниот завод за статистика, кој според надлежните се должи на растот на платите во ИТ-секторот и во банкарството, но и поради растот на платите во здравството и во образованието. Сепак, она што може да се забележи во податоците на статистика е дека и понатаму имаме голем број на граѓани што се приматели на ниски плати, а најниските исплатени плати во декември 2020 се забележани во секторите за производство на облека со 17.606 денари, потоа производство на кожа и слични производи од кожа со 16.644 денари, додека во дејностите за подготовка на оброци и служење храна исплатената плата последниот месец од минатата година била 17.447 денари.
И покрај растот на платите, проблематично во нашата земја е што најголем дел од граѓаните и понатаму земаат ниски плати, додека просекот го креваат малку подобро платени категории. Токму во насока на подобрување на примањата на работниците во целата земја, разговаравме со неколку економисти од кои побаравме мислење како до повисоки плати кај нископлатените дејности и дали тие зависат само од продуктивноста на работниците.
Од што зависи висината на платите?
- Висината на платите во одреден сектор не зависи само од продуктивноста на работниците. Таа многу повеќе зависи од достапноста на работна сила, од соодносот на профитот за капиталистот и платите за работниците и од профитабилноста на стоките што се произведуваат во одреден сектор. Потребни се дополнителни вложувања за да се зголеми продуктивноста на работниците, но тоа воопшто не гарантира зголемување на работничките плати. Може, и тоа е типичниот случај, тој пораст да заврши како зголемување на профитот на капиталистот. Како до повисоки плати во нископлатените сектори? Еден од начините е порастот на минималната плата да го следи порастот на просечната плата. А државата да обезбеди почитување на прописите што се однесуваат на работничките права, вклучително и елиминирање на практиката на враќање дел од платата „на рака“ на газдата. Вториот начин е синдикално организирање на работниците и тие самите да се потрудат да дојде до поинаква распределба на профитот и платите - објаснува професорот Здравко Савески.
Здравко Савески / Фото: Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје
Савески потенцира дека уште еден начин на кој граѓаните можат да влијаат врз своите приливи е преку преквалификација и преминување на работа во друг, попрофитабилен сектор. Сепак, тој укажува дека од гледна точка на една држава, ваквиот тренд, особено во земјоделството, знае да има катастрофални последици. Истакнува дека без државна интервенција може значително да се ослабне некој сектор кој е важен за земјата, со негативни економски последици врз целата земја, како што е случајот со земјоделството во нашата земја.
Нископлатените работници попогодени од пандемиската криза
Универзитетски професор Марјан Петрески објаснува дека токму нископлатените работници беа посилно погодени од кризата со Ковид-19 споредно со работници што работат во сектори и на позиции со повисоки плати.
- Во секторите угостителство, трговија, персонални услуги (фризери и сл.), инциденцата на минималната плата е многу висока. Во еден дел тоа се должи и на зачестеноста на т.н. плата во плик, односно додаток на формалната минимална плата во готовина, со цел да се избегне даночниот товар. И губењето на работните места во текот на кризата со Ковид-19 беше позачестено кај овие сектори. Така што, порастот на просечната плата што го забележавме во 2020 г. е воден не само од растот кај добростоечките сектори (ИТ, финансии) туку и од тоа што некои понископлатени работни места веќе ги нема во пулот на платите, па просекот расте. На тоа да го додадам и ефектот од субвенционирањето на придонесите во рангот 600 до 6.000 денари, кое отпочна во декември 2019 и ефектот од тоа го гледаме низ цела 2020 - објаснува професорот од „Американ колеџ“.
Проф. Марјан Петрески / Фото: „Американ колеџ“
Но на прашањето како до поголеми плати кај нископлатени работници, независно од кризата со Ковид-19, Петрески потенцира дека клучна е продуктивноста на работниците, која е определена со нивните вештини, кои пак се дефинирани со образовниот профил и работното искуство.
- На долг рок не може да очекувате дека вашата плата ќе порасне значајно ако не ги зголемите и унапредите своите вештини. Но, за платите, секако се важни уште два други елементи. Првиот е продуктивноста на претпријатието во кое работите, што е детерминирано од технолошкото ниво, сфатено како машини, опрема, пристап кон иновациите, нови и модерни практики на управувањето, работната етика. Да илустрирам: ние подолго време зборуваме дека излезот за текстилната индустрија, која е застапена во Македонија, но која се соочува со ниска продуктивност, е инвестиции во технологија и фокус на производство со повисока додадена вредност. Да не потсетувам дека во 90-тите години, па и првата деценија на 21 век, текстилната индустрија во Македонија вадеше само лон-производство, што е најнискиот степен на финализација на производите. Вториот елемент за платите е општата состојба на пазарот на трудот. Со висока општа невработеност, притисок врз платите нема да има, и обратно - објаснува Петрески.
Професорот воедно потсетува дека пред да започне оваа здравствено-економска криза, еден од поголемите проблеми за работодавците беше недостигот од работна сила.
- Да се присетиме дека работодавците, особено пред кризата, често го артикулираа проблемот на недостиг на квалификувана работна сила, што секако е акутен проблем, меѓутоа, е и показател за нагорниот притисок што го врши врз платите. Притоа, да не негуваме илузија дека кај неквалификуваните работници тоа ќе изврши значајно влијание врз платите, што уште еднаш укажува дека клучот кон повисоки плати е: образование, вештини, компетенции и висока работна етика - потенцира Петрески.
Продуктивноста и платите
Дека продуктивноста на работниците директно влијае врз платите на работниците, смета и директорот на компанијата „Костал“, Виктор Мизо.
- Кога зборуваме за висината на платите, мора да сме свесни дека тие се директно поврзани со продуктивноста. Истовремено мора да се земе предвид која е моменталната состојба на локалниот пазар на труд, каква е понудата на работна сила за соодветно да се дефинира платата. При формирање на платите се анализираат и условите на пазарот за труд кај земјите конкуренти: Србија, Бугарија, Молдавија, Украина, Мароко, Тунис и сл., бидејќи големите корпорации ги разгледуваат сите опции пред да донесат одлука за инвестирање - вели Мизо.
Виктор Мизо / Фото: Македонија2025
Врз дефинирањето на платите, според Мизо, кој е и претседател на Асоцијација на компании со технолошко-напредно производство при Стопанската комора на Македонија, голема улога игра она што се случувало изминативе години. Истакнува дека додека земјите од Централна и Источна Европа се развивале технолошки во период од речиси дваесет години, Македонија тапкала в место и дополнително се одвивал еден процес на деиндустријализација.
- Компаниите мора да вложат во персоналот што го вработуваат, бидејќи најголем од работниците претходно работеле на позиции кои немаат допирна точка со производствени процеси, или биле невработени. Без разлика на нивното образование, па дури и во случај на високо образование им е потребна дообука бидејќи знаењето што го стекнале не е применливо на позиција за која бил објавен оглас. Голем недостаток е менталитетот на населението, предрасудите кон работењето во фабрика, но и недостигот на мобилност кај работната сила во Македонија - укажува Мизо. Дополнува дека секоја надградба или обучување на кадрите кои се вработуваат е дополнителен трошок за компанијата, која доколку би добила соодветен кадар, наместо за обуки, парите би ги вложила или во плати или во технологија.