X
 05.01.2018 Наука

Научните и медицинските откритија во 2017 година


Научник гледа на микроскоп
(Фото: Shutterstock)


Од аспект на науката и откритијата во тој домен и во доменот на медицината, зад нас оставивме уште една успешна година во која се поместија границите на човечкото разбирање на природата и значајно се подобрија капацитетите за справување со предизвиците што се исправаат пред човештвото.

Минатата година ќе ја запаметиме, меѓу другото, по направените значајни чекори кон првиот комерцијален квантен компјутер, лекувањето на хемофилијата од типот А и пронаоѓањето нови обновливи извори на енергија.

Погледнете ги другите успеси во светот на науката во 2017 година:

Јануари


– Истражувачи во рамките на Државниот универзитет во Мичиген претставија хемиско соединение и лек што е во состојба да го спречи ширењето на меланомот за дури 90 проценти;
– Јапонското осигурително друштво „Фукоку Мјучуал иншуранс“  замени 34 свои работници со компјутери;
– Истражувачи од Институтот за технологија во Масачусетс (MTI) дизајнираа нов материјал од кој, според компјутерските симулации, ќе може да се прават градежни материјали што имаат речиси 5 проценти од густината на челикот, но ќе бидат десетпати поцврсти од него;
– Истражувачите на колеџот „Кингс“ во Лондон успеаја да стимулираат обнова на матични клетки во заб, што е метод за кој се верува дека би можел да помогне во борбата против Алцхајмеровата болест;
– Истражувачи на „Харвард“ направија „мек робот“ (анг. soft robot) што се поставува како оклоп околу срцето на пациентот и му помага правилно да чука, што значително ќе придонесе за поквалитетен живот кај луѓето што имаат срцеви маани;
– Минатата година и официјално е прогласена за најтопла година во историјата на човечката цивилизација. Според податоците на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ, доколку температурата се покачи за речиси 4 Целзиусови степени, дури 70 светски цивилизации би биле загрозени од поплави;
– Направен е 3Д-печатач што може да отпечати функционална човечка кожа;
– Научници од Институтот „Скрипс рисерч“ го создадоа првиот полусинтетички организам. Тврдат дека ова откритие би можело да доведе до креирање целосно нов облик на живот, со користење синтетичка ДНК со безброј можности за примена во медицината. Истовремено, истражувачи од Институтот „Салк“ креираа прв човечки ембрион и свиња која содржи генски информации од обата вида.

Февруари


– Истражувачи од Универзитетот во Сасекс го објавија првото упатство за правење квантен компјутер;
– Конструиран е новиот „blue phase liquid chrystal“ екран кој трипати ја зголемува острината на сликата на екраните, истовремено намалувајќи ја потрошувачката на енергија;
– На 380 светлосни години од Земјата е откриен мистериозeн бел џуџест пулсар – прва ѕвезда од овој вид забележана од страна на човечката цивилизација;
– Истражувачи од јапонскиот Национален институт за напредна индустриска наука и технологија го претставија нивниот најнов микроробот, способен да запрашува цвеќиња;
– Откриени се нови седум планети со потенцијално слични услови како на Земјата, а кои се наоѓаат во орбитата Траписта 1, ултрастудена џуџеста ѕвезда, малку поголема од Јупитер, која е оддалечена 40 светлосни години од нашата планета.

Март

– Откриени се организми што укажуваат дека животот на Земјата настанал веднаш по настанувањето на океаните, односно пред 4.289 милијарди години;
– Компјутерскиот гигант Ај-би-ем ја најавува Ај-би-ем кју – иницијатива за создавање на првиот комерцијален квантен компјутер на светот;
– Претставен е лекот „тродусквемин“, за кој неговите творци тврдат дека може да врати некои функции на срцето по претрпен срцев удар, што досега било невозможно да се постигне;
– Се појави и лекот „еволокумаб“, за кој се истражува дали навистина влијае врз нивото на лошиот холестерол, со кој драматично се намалува можноста за срцев удар;
– Објавена е нова класификација на диносауруси по која настанале диносаурусите пред 200 милиони години;
– Холандски научници успеаја да креираат лек кој им ја враќа силата на старите глувци, им го обновува крзното и дури им ја обновува функцијата на виталните органи, така што ги елиминира старите клетки во телото. Се очекува експериментите врз луѓе да почнат наскоро;
– Научниците на Универзитетот „Нов Јужен Велс“ тврдат дека пронашле процедура која може да помогне во обновување на клетките на ДНК по изложеност на радијација.

Април

– На Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија е претставен уред кој произведува вода од воздухот, користејќи го сонцето како извор на енергија. Дури и во услови со ниска влажност на воздухот, уредот има можност да произведе 2,8 литри вода за 12 часа;
– Планетата LHS 1140b станува планета на која постојат најголеми можности за живот од сите планети што се досега откриени. Планетата е прекриена со планини и се наоѓа во орбитата на џуџестата црвена ѕвезда LHS 1140;
– Пронајдени се два нови лека – тразодон и дибензиометан (DBM), кои би можеле да го сопрат изумирањето на клетките при сите невродегенеративни болести на мозокот;
– Ларвата Achroia grisella најверојатно може да го биоразградува полиетиленот, што би можело да биде решение за проблемот со пластичниот отпад на земјата;
– Британската компанија „Токамак енерџи“ објавува дека дошла до првата плазма во нејзиниот St40, најнов прототип на фузиски реактор.

Мај

– Универзитетот „Јута“ во САД ја претстави новата робо-дупчалка која го намалува траењето на различни операции што бараат дупчење на черепот, од два и пол часа на две и пол минути;
– На Универзитетот „Оксфорд“ е направена првата вештачка мрежница;
– Истражувачите од „Харвард“ тврдат дека шест реда чоколада може да го намалат ризикот од фатални срцеви проблеми за четвртина;
– Почна изградбата на новиот суперголем телескоп што го финансира Европската Унија;
– Компјутерот на „Гугл“ - DeepMind AlphaGo првпат во историјата победи човечки противник во традиционалната кинеска игра „Го“. Поразен е Ке Ји, најдобриот играч на играта;
– Научниците од истражувачкиот институт „Скрипс“ објавија дека пронашле начин структурно да го модифицираат „ванкомицинот“ и на тој начин да го направат уште помоќен овој антибиотик.

Јуни

– Откривањето на третиот гравитациски бран наречен GW170104 дополнително ја засили Ајнштајновата теорија за релативноста;
– Роверот „Кјуриосити“ на американската агенција НАСА испрати докази од Марс за постоење на големо езеро на оваа планета;
– Истражувачи од институтот при Слободниот универзитет во Амстердам идентификуваа седум гена што се поврзуваат со инсомнијата;
– Европското здружение на кардиолози објави дека човечкиот род сега има вакцина која го намалува холестеролот кај глувците, што би можело да биде решение за имунизација против кардиоваскуларни заболувања;
– Астрономите објавија дека на работ на Сончевиот Систем би можело да се наоѓаат и десет планети од овој систем;
– Јапонија објави дека планира да испрати човек на Месечината до 2030 година.

Јули

– Научници од Универзитетот „Станфорд“ објавија докази во прилог на теоријата дека на Земјата веќе трае шестиот циклус на масовно изумирање на животот, до што довело дејствувањето на човекот. Германски научници тврдат дека масата на инсекти се намалила за 75% во последните 25 години, што би можело да доведе до колапс на постојниот екосистем;
– Астрономи потврдуваат дека од блиската џуџеста црвена ѕвезда Ross 128 добиваат чудни радиосигнали;
– Научници открија дека матичните клетки од мозочниот хипоталамус значително влијаат врз стареењето на човечкиот организам;
– Прва интервенција на гени од човечки ембрион со помош на технологијата CRISP е направена во САД. Отстранет е ген кој предизвикува наследно заболување на срцето.

Август

– Научници од Шкотска се на чекор до пронаоѓање лек за настинка;
– Научници од Американското друштво на хемичари покажаа дека киборг-бактериите што ги создадоа можат да вршат поефикасна фотосинтеза отколку растенијата;
– Астрономите што работат на вселенскиот телескоп „Хабл“ тврдат дека ги имаат првите докази за постоење вода на планетите што кружат околу Траписта 1.

Септември

– Се одбележаа 40 години од мисијата „Војажер“;
– Професорот Андреа Морело го претстави новиот дизајн на квантен компјутер наречен „флип флоп кјубит“, кој овозможува полесна интеграција на квантните компјутери и обичните електронски кола;
– Симулатор на нерв имплантиран кај пациент кој 15 години по сообраќајна незгода ги поминал во длабока кома, покажа дека пациентот почнал да дава први знаци на свест.

Октомври

– Студијата што ја спроведе Карнегиевиот институт за технологија покажа дека ветропарковите во северен Атлантик би можеле во текот на зимските месеци да ги задоволат потребите на човештвото за електрична енергија;
– Научници од Универзитетот „Рутгерс“ пронајдоа начин со внесување гени од бактеријата Е-коли во пченка да ја подигнат нејзината нутритивна вредност и да стимулираат производство на метионин, аминокиселина што вообичаено се наоѓа во месото;
– Пуштена е во употреба првата 5G-мрежа за пренос на податоци во мобилната телефонија, со брзина од 1Gbps;
– Објавена е нова, унапредена верзија на технологијата CRISP за манипулација со гени.

Ноември

– Научници потврдија дека престојот во вселената доведува до промени во мозокот и дека астронаутите што подолго време престојуваат во вселената се изложени на поголеми промени, пред сè во структурата на мозокот и во неговата положба;
– Откриена е голема празнина во внатрешноста на големата пирамида во Гиза;
– Истражувачи од Универзитетот во Абердин, Шкотска, открија дека една единствена доза од лекот „тродусквемин“ може да ги растопи масните наслојки во артериите;
– Научници од институтот при Универзитетот „Колумбија“ тврдат дека со разместување на земјоделските култури во нови зони би можело да се подобрат приносите толку многу што би можеле да се прехранат околу 825 милиони луѓе;
– Ај-би-ем го претстави квантниот компјутер со 50 кјубити;
– Американската агенција за безбедност на храна и лекови - FDA ја одобри употребата на првиот лек што во себе содржи дигитален систем за следење на времето на внесување;
– Калифорнискиот институт за технологија првпат успеа да го стабилизира прстенот на плазмата во слободни атмосферски услови, надвор од лабораторија;
– Научници од Универзитетот во Монтреал направија значајно поместување во борбата против резистентноста на антибиотици бидејќи научија како да дизајнираат подобри молекули што го отежнуваат движењето на плазмидимот меѓу бактериите. Истовремено, научници од Институтот за технологија во Масачусетс открија метод како поефикасно да се изборат против бактерија со помош на антибиотик кој се нарекува кинолонес. 

Декември

– Универзитетската болница во Лондон соопшти дека првпат е исправена генска грешка која предизвикува Хантингтонова болест и тоа со користење на експерименталниот лек IONIS-HTTRx;
– Американската компанија „Карбон инженеринг“ претстави метод на синтетизирање на бензин и дизел-горива користејќи јаглероден диоксид од воздухот и водород од водата. Методот е наречен „Гориво од воздух“;
– Британски лекари првпат успешно искористија нова генска терапија со која би им помогнале на пациентите со хемофилија тип А, болест која доведува до непрекинато крвавење. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука