X
 21.04.2022 Наука

Луѓето што ги паметат соништата имаат различна активност на мозокот: Што знае науката за соништата?

Ви претставуваме неколку факти за соништата до кои науката досега успеала да дојде. Сѐ повеќе истражувања го потврдуваат мислењето дека соништата се алатка за обработка на информациите собрани во текот на денот.

- Ноќе, мозокот метафорично голта, вари и ослободува информации, исто како што тоа го прават цревата со храната - објаснува клиничкиот психолог Рубин Најман, специјализиран за интегративна медицина за спиење и соништа на Универзитетот во Аризона.

Она што го зачувува мозокот станува дел од тоа што сме, но многу работи за соништата сè уште не се познати. Ви претставуваме неколку факти до кои науката успеала да дојде.

Постојано сонуваме


Веројатно сте слушнале дека соништата се случуваат само за време на РЕМ-фазата на спиење. Сепак, постојано сонуваме, вели Најман.

Ние, додуша, повеќе сме фокусирани на сонот во РЕМ-фазата, но тоа што во другите фази „не го гледаме“ сонот, не значи дека тој не постои.

Како што одминува ноќта, периодите на РЕМ-сон се продолжуваат, така што повеќето соништа се случуваат во последната третина од периодот на спиење.

Инсектите и рибите немаат РЕМ-фаза

Иако некои соништа се случуваат надвор од РЕМ-фазата, идентификувањето на „брзите движења на очите“, како што се нарекува и фазата, е многу тешко кај другите видови. Сепак, познато е дека сите цицачи и влекачи, како и некои птици, имаат РЕМ-фаза, што значи дека веројатно сонуваат.

Помалку е веројатно да се сетите на сонот ако се разбудите со аларм

Траумата што ја доживувате кога ќе се разбудите со аларм може да предизвика да заборавите на сонот што до неодамна ви бил „пред очи“.

Најдобар начин да се сетите што сонувавте е да си дозволите полека да се разбудите. Само не трудете се премногу да го запомните сонот бидејќи колку повеќе го бркате, толку полесно ќе избега, вели Најман.

Луѓето што ги паметат соништата имаат различна активност на мозокот

Студијата од 2014 година покажала поголема спонтана активност на одредени делови од мозокот кај луѓето кои редовно се сеќаваат на своите соништа, во споредба со луѓето што не ги паметат.

Разликите не постоеле само за време на спиењето, туку и во будната состојба на испитаниците.

Претходните истражувања покажаа дека луѓето што се сеќаваат на соништата, исто така, реагираат повеќе на звуци за време на спиењето (и во будна состојба) отколку луѓето што не се сеќаваат на соништата.

son
Фото: Pixabay

Вашето тело реагира на соништата на ист начин како што се буди


Малку е чудно кога ќе се разбудите лути на некого поради нешто што го направил во сон. Сепак, биолошки има смисла чувствата да останат во вас дури и кога ќе ги отворите очите, вели Најман.

На пример, вашиот крвен притисок или отчукувањата на срцето може да се зголемат, исто како во стресно сценарио.

Сонуваме во реално време

И покрај митот дека соништата траат само неколку дела од секундата, во реалноста траат од 20 до дури 60 минути, вели Најман.

Оние што ги сонувате на почетокот на ноќта се пократки, а подоцна стануваат подолги.

Кошмарите не се секогаш поврзани со стравови

Кошмарите се застрашувачки, но стравот не е единственото нешто што ги води. Студијата, која опфати 331 лице, покажа дека лошите соништа исто така можат да предизвикаат чувство на грижа, збунетост, тага и вина.

Истражувањата, исто така, покажаа дека мажите имаат поголема веројатност да имаат кошмари поврзани со физичка агресија и насилство, додека жените се фокусираат на конфликти со други луѓе.

Вашите соништа не се чудни ако не ги доживеете така

- Кога сонувате, колку и да е „чудно“, веројатно го немате тоа чувство. Само кога ќе се разбудите ви изгледа како чуден сон - вели Најман. Споредувањето на „чуден“ сон со реалноста е исто како да споредувате различни навики во исхраната во две сосема различни култури, вели тој.

Извор: National Geographic
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука