X
 21.09.2020 Колумни

Колумна: Ни „тежи“ ли наставничкиот габарит и зошто не?

Над реакциите на фелата во ковид-периодов, кои покажаа дека во основа, и покрај заложбите за трансформација на класичното во современото, и покрај неоспорната насушна потреба да се менуваме во чекор со децата, во чија зона на интернет-живеење се наоѓаме сега, сепак имаме реален проблем да прифатиме дека сè се менува и дека тој пат мораме да го следиме. Еднакво како што заборавивме да ги гледаме децата за да ги видиме – да го сфатиме она што ги мачи и она што од нас го очекуваат – и во и надвор од училницата

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Деновиве налетав на интересен пристап за вреднување ученички резултат од страна на две различни учителки и навистина ми остави силен впечаток, дотолку што ме поттикна денешново писание да го посветам токму на ликот и сеопфатниот професионален габарит на нас, наставниците. Особено затоа што корона-предизвикот со кој се соочуваме многу време, за кој, чинам, веќе сè е кажано, а и до ниво да станува банално веќе сè е јасно, пред нас исправи и низа аспекти кои очигледно, во „старото нормално“ не испливуваа на површина и покрај сета своја видливост, успешно закамуфлирани во непроменетата, упорна рутина. Онаа што го дефинира чувството на децата за просторот во кој раснат и созреваат. Онаа што ни ги дава последиците на кои сведочиме како на горчлив резултат од долготрајните промашувања.
Затоа, пак, во форматот на „новото нормално“ тие аспекти се манифестираа со сите свои слабости, несоодветности, дефинирани плафони, недозволиви толкувања и професионални ограничувања кои сериозно го исцртаа нашиот воспитно-образовен мурал, широко распослан по „образовните ѕидови“ како стварност, која внесува професионален страв и недоумици во поглед на тоа каде е излезот. Лично сметам дека короната во крајна линија сепак беше поводот да се видиме, да се уочиме, да се позиционираме, да се манифестираме како подготвени или неподготвени да се менуваме. И ете, се видовме, се уочивме, се позициониравме и се манифестиравме, вака или онака.



Имено, директен повод за писаниево ми се две фотографии на кои се гледаат задачите на ученикот. На едната, прашање од зададен тест, во кое ученикот има во основа едноставна задача. Над поставената задача стои формулација на прашањето: „Напиши ги со зборови следните броеви“, по што следуваат четири броја наредени еден под друг и за секој од нив, празна линија во продолжение. Она што е интересно е одговорот на детето – ако бројот е 11, на линијата пишува 12. За бројот 18, во продолжение пишува 19. Бројот 53, продолжението подразбира 54. Бројот 40 води кон 41. Она што мене ми е уште поинтересно и за секоја пофалба, затоа што го надминува исклучивиот стереотип на точен/неточен одговор е секако реакцијата на учителката, која одговорот го признава за точен и доделувајќи го максималниот број поени, под задачата допишува: „Не си сфатил најточно, но знам што си сакал да направиш“.

На другата фотографија се гледа темата на писмената работа: „Што сакам да бидам кога ќе пораснам“. Многу, многу краток текст, ако воопшто може така да се нарече, затоа што на празниот лист стои само: „Кога ќе пораснам, сакам да бидам среќен“. Под реченицата, со црвено и со потпис на учителката стои: Недоволен (1).

Зошто овие симпатични аспекти на оценување ги зедов за стартна позиција денес? Затоа што, пред сè, едно од основните прашања што периодов најчесто се поставуваа во рамките на фелата се однесуваше токму на тоа како во услови на онлајн-настава учениците да бидат најсоодветно оценети. Од низа причини, секако и поради свесноста од заканите по следењето и проверката на тој аспект на нашата работа, кој многу долго не е последица на реални знаења, вештини и компетенции, оценувањето некако се постави како едно од најзагрижувачките прашања. Наеднаш како да подзаборавивме дека оценката е процес, а не чин, дека оценката е комплексен систем на изразувања, а не спорадичен приказ на наученото, дека е одраз и на психолошката состојба на детето и дека се гради низ континуирана и систематска комуникација со него. Преку оценката му се вреднуваат сите аспекти на личниот израз. Секако, без оглед на тоа низ кој формат на настава таа комуникација се остварува. Двата посочени примери ми се симбол на наставник кој препознава за какво дете се работи и наставник кој можеби треба и да размисли дали држењето на дневникот е воопшто она што тој го заслужува.



Почнав со двата примери затоа што низ нив го гледам оној само еден аспект на подготвеноста на нас, наставниците, да се фатиме во костец со сеопфатноста на нашата професија. Над, на пример, очигледниот страв, недоумицата и несигурноста во поглед на тоа дали ќе можеме да оценуваме ако не сме во училницата. Над реакциите на фелата во ковид-периодов, кои покажаа дека во основа, и покрај заложбите за трансформација на класичното во современото, и покрај неоспорната насушна потреба да се менуваме во чекор со децата, во чија зона на интернет-живеење се наоѓаме сега, сепак имаме реален проблем да прифатиме дека сè се менува и дека тој пат мораме да го следиме. Еднакво како што заборавивме да ги гледаме децата за да ги видиме – да го сфатиме она што ги мачи и она што од нас го очекуваат – и во и надвор од училницата.

Ако се погледнат наведените состојби, произлегува непобитниот факт дека целиот наш педагошки, психолошки, дидактички и методски материјал вграден во нас како наставници треба да е реструктуриран и базиран, пред сè, на барања на учениците свртени кон истражување, анализа на прибраното преку истражување, креирање свој став врз основа на тоа што е анализирано, како и поттикнување креативен израз кој не е заробен во дефиниции и во фактографија. Она што нам како наставници ни недостига е напорот на сите содржини што ги презентираме да им дадеме аналогија и конекција со она што реално се случува околу нив, за да го сфатат контекстот, да извлечат заклучоци и конечно, за она што ќе го согледаат да добие статус на знаење произлезено од тоа што сме ги научиле да мислат врз основа на наученото. Конечно, не е ли дефиниција за добар учител: оној што го научил детето да мисли, а не да помни?
Зошто сметаме дека нема да го можеме тоа ако не сме во училницата?

Како би можело ова да се постигне како промена? Ковид или не, светот оди напред. Училницата сепак не е единствениот полигон за ментален и емотивен раст на детето, а соодветно со тоа, и нашите педагошки приоди во комплексниот глобален базен на информации, каков што е интернетот, мора да доживуваат трансформација. Децата се поставени во поинаков контекст, живеат во специфични услови во кои вредностите ги збунуваат токму затоа што потешко ги достигаат, бидејќи немаат модели кои ќе им помогнат во тоа – ниту во ликот на родителот ниту во ликот на наставникот.

Пред сè, промената ќе се случи доколку она што како компетенција се бара од нас, наставниците, од хартија се пресели на терен и наставникот се дефинира како професионалец со сите нишани, професионално ослободен, сигурен во себе и во она што го работи без оглед на условите и форматот на изведување на наставата. Тоа значи дека ќе се врати во мода парадигмата „Не може секој да биде наставник“ и ќе биде наставник оној што само и само и само ги има:

1. Компетенциите за наставната област, предметот и методиката на наставата,
2. Компетенциите за поучување и учење,
3. Компетенциите за поддршка на развојот на личноста на ученикот,
4. Компетенциите за комуникација и соработка.

Компетенциите треба да се стартната позиција, затоа што преку нив наставникот ќе е „на свој терен“, таму каде што треба да биде и поради кои ќе го има статусот „Роден да биде наставник“. Понатаму, позицијата која ќе го надополни и засили неговиот габарит е секако и ослободеноста од сите баласти кои го оддалечуваат од децата, а кои не се врзани со наставата во нејзиниот фундамент – бескрајната документација која мора да ја заврши, а која истоштува со сиот свој обем и сета своја непотребност. Конечно, листата со позициите кои ќе го засилат долго дискредитираниот габарит на наставникот секако е и ослободување на стегите кои дефинираат надзор, притисок, следење и контрола, како механизми кои во основа демотивираат и за кои нема ниту да има потреба, доколку горните две позиции се обезбедени.



Не е едноставно. Околностите се сменети. Сè потешко е да се биде автентичен, слободен, креативен, вљубен факелоносец кој го покажува патот и, можеби најважното, среќен наставник. Среќен, во смисла на тоа да успее да биде препознаен како неприкосновен авторитет кој заслужува почит и да остане да живее во срцата и умовите на младите на кои се посветил. Оние што неговиот наставнички габарит не го доведуваат под знак прашалник и по кој ќе го помнат.

Не е едноставно, да. Но сепак, останувам во цврста верба дека она што го даваме, тоа и го добиваме. Од нас зависи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни