Битолските пожарникари и празниците: Новата година ја дочекале кај домаќини на кои им се запалил оџакот, гаснеле запалени елки, соларни уреди, барале исчезнати лица

Битолските пожарникари и празниците: Новата година ја дочекале кај домаќини на кои им се запалил оџакот, гаснеле запалени елки, соларни уреди, барале исчезнати лица

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дежурствата за Нова година се како секоја друга вечер. На смена се по 12 часа, од 19 до 7 наутро. Но, повеќе се ангажирани зашто има огномети, прослави, сообраќајни несреќи, поднапиени луѓе. А за празници се случувало и да тргнат во потрага по повозрасни лица пријавени за исчезнати

„Им се запали оџакот, па Новата година ја дочекавме кај домаќините“. Ова е едно од патешествијата што ги имале припадниците на Територијалната противпожарна единица од Битола за време на новогодишните дежурства. Тие се на готовс и во најлудата ноќ во годината. Тогаш најчесто гаснат оџаци, накитени елки, соларни уреди, покриви од куќи. Додека другите слават, тие се подготвени за интервенција. Ги нарекуваат скромни херои зашто никогаш не се фалат со своите подвизи. Го ризикуваат својот живот за туѓите животи. Затоа одлучивме да им дадеме простор да раскажат како ги минуваат новогодишните празници на дежурство.

- Дури и да нема интервенции и да е мирно, ние сме подготвени како да ќе има пожар. Иако е Нова година, нема алкохол. Може да ја угасиме жедта со сок, но алкохол не доаѓа предвид. Се внимава бидејќи вечерта е долга, возилата се подготвени, дали е празник или не, тие се секогаш спремни - вели Горан Димкоски, заменик-командир на ТППЕ-Битола.


Горан Димкоски
Будна вечер, па и да чади некаде, некој ќе јави

Во долгогодишната пожарникарска кариера повеќепати дежурал за Нова година. Раскажува дека иако е вечер за лудување, подолги години не паметат некој поголем пожар. Верува дека не доаѓа до поголеми трагедии зашто луѓето се будни цела вечер и доколку зачади некаде, ќе видат и ќе јават. Но, се присетува дека ја дочекувале Новата година во различни куќи каде што се затекнале на интервенција. Кога ќе се случи пожар во куќа, без поголеми последици, на домаќините најмили гости им се пожарникарите зашто им даваат сигурност дека огнот нема пак да се разгори.

- Нова година сме ја пречекале кај домаќини на кои им се запали оџакот. Беше критично. Моравме да останеме кај нив и заедно го дочекавме правиот ден од новата година. Пожар кај оџаци гасиме со придушување, не со вода и мора да почекаме најмалку еден и пол час за да догори, да бидеме сигурни дека нема опасност, па да го напуштиме објектот. Домаќините нѐ почестија и беа посигурни додека бевме со нив, претходно беа многу исплашени - вели Димкоски.


Дејан Ристевски
Сега повеќето се греат на инвертер-клими

Сепак, последнава година бројот на интервенции на оџаци е повеќе од преполовен. Имаат по една интервенција на ден, а порано се случувале по десетина. Претпоставуваат дека ваквиот позитивен тренд се должи на замената на печките на дрва со инвертер-клими.

- Пожарите најчесто ги пријавуваат соседите. Тие гледаат дека на комшијата му гори чатијата. Летните пожари не се за потценување, но многу поопадни се зимските, во затворен објект - раскажуваат пожарникарите.

Деновиве гаснеле пожар во куќа настанат од светилки на елка. Имало и пожари предизвикани од соларни уреди.


Александар Тодорчевски

- Има проблем со некои од соларните уреди. Се пали грејачот што ја загрева цевката. Тоа се колекторите што се ставаат на покривите, а се наменети само за лето. Кога ќе стегнат ниски температури, сопствениците го вклучуваат грејачот за да не им замрзне цевката што слегува од чатијата во тоалетот. Со текот на времето грејачот старее или се лупи изолацијата, па ќе настане пожар. Подмолно е бидејќи доцна се забележува - раскажуваат пожарникарите Александар Тодорчевски и Дејан Ристевски.

Пожарната и полицијата ја барале бидејќи била пријавена за исчезната, а таа си пиела кафе со пријателката

Дежурствата за Нова година се како секоја друга вечер. На смена се по 12 часа, од 19 до 7 наутро. Но, повеќе се ангажирани зашто има огномети, прослави, сообраќајни несреќи, поднапиени луѓе. А за празници се случувало и да тргнат во потрага по повозрасни лица пријавени за исчезнати.

- За Бадник синот ја пријави мајката за исчезната. Не му се јавувала на телефон еден час, а без телефон не излегувала никаде. Отишла жената да прошета, се нашла со некоја поранешна колешка и седнале во кафуле. Синот не можеше да ја добие и пријави во полиција, а тие кај нас. Вратата ѝ беше заклучена, беше отворен само прозорецот од балконот на вториот кат. За да не ја обиваме влезната врата, со скали се качивме на балконот и влеговме внатре. Телефонот го најдовме дома. Околу полноќ се јавија од полиција и нѐ известија дека жената си се вратила дома - раскажуваат Тодорчевски и Ристевски.


ТППЕ Битола

Најстара пожарна на Балканот

Инаку, Битолската пожарна брои 43 пожарникари, по 10 до 11 во смена. Се очекува бројката да биде зголемена со преселувањето во новиот објект во Касарната, каде што и просторниот капацитет ќе биде поголем. Додека разговаравме за предизвиците на оваа хумана професија, објектот го посети и еден од највозрасните пензионирани пожарникари - легендата Ѓорги Геровски.

- Често пати дежурав за Нова година, бев повозрасен, па сакав да им излезам во пресрет на помладите колеги да одат на прослава. Порано за Нова година се случуваа големи пожари. Се сеќавам една година гасевме куќа во село Лажец, иселеник се врати од Австралија за тука да ја дочека Новата година, а куќата му вивна во пламен. Во 1975 година се запали „Агрохемизација“, голем пожар, па магацинот за вреќи во „Жито Битола“ - раскажува Геровски.


Ѓорги Геровски

Битолската пожарна е најстара на Балканот, основана дури во 1836 година за време на владеењето на турскиот султан Махмуд Трети.

Фото: приватна архива